Тим и тимска работа

Тим и тимска работа

И порано сме пишувале за тимот и значењето на тимската работа. Сигурно и вие сте контаминирани од тој концепт од разни страни – книги, филмови, дискусии, предавања, семинари, од колеги, менаџери итн. Но, сега, ќе пробам да дадам една друга перспектива за овој концепт.

 

tim


Сите го знаеме значењето на еден функционален тим и како тимската координација е многу важна во процесот на остварување на саканите резултати. Важно е тимот да има (индивидуално и тимски) визија во релација со визијата на компанијата, да постои тим лидер кој ќе го организира, мотивира и ќе го стимулира својот тим, јасно дефинирани улоги за секој член на тимот, проток на информации и јасна комуникација, процеси и процедури на работење и сигурно уште некои важни елементи коишто влијаат на тимската продуктивност и ефикасност. Исто така, голем дел од компаниите инвестираат во јакнење на капацитетите на своите тимови, а и самите менаџери се едуцираат со цел -како да ги организираат и да ги водат своите тимови, со цел за постигнување на подобри резултати.

Но, имам да ви кажам една тажна вест! Сето тоа теоретски е многу точно и фантастично звучи, но во реалноста и во услови на ваков начин на функционирање на работите, ТИМ не може да постои. Следствено на тоа, значи и дека тимската работа е само утопија и нешто замислено.

 


Важни се  два момента при аргументирање на оваа констатација:

1. ЕГО – ниту еден тим не може да функционира тимски, бидејќи сите членови од тимот секогаш, ама секогаш ќе си гледаат првенствено за својот личен интерес. А на второ место ќе го ставаат интересот на тимот, за другите, за некоја повисока цел. За да гледаме од перспектива на тимот, ние треба да размислуваме на друго ниво на свесност и да работиме и да ја развиваме нашата емпатијата како вештина, на повисоко ниво. Но, поради фактот што нашето его е супер високо, и околината во која живееме и функционираме е конструирана да ни го јакне егото, емпатија е многу тешко да се развива (а емпатијата и егото се две спротивни единици).  

2. ТРЕНИНГ – вториот фактор, зошто јас тврдам дека тим тешко може да се развива, е тоа што многу малку од компаниите работат на развој на своите тимови. Иако сите живеат во илузија дека многу работат. Ако одиме еднаш на обука или некој на (квази) “team building” или, ако прочитаме 5 книги за развој на тим и тимските вештини, не може да мислиме дека сме експерти за формирање и за водење на тимови. Како што војската има тренинг и прави вежби и проби секој ден, со цел за усогласување на тимовите, улогите, согледување на капацитетите и можностите на членовите, проби во различни експериментални, можни и неможни околности, така треба и секоја компанија да работи со своите тимови, заради усогласување на тимот и остварување на заедничката цел. Но, на жалост, ние немаме време толку да се фокусираме на тимовите и да работиме со нив.

 


Мојата намера, со овој текст, не е да ве разочарам и да ве откажам од работењето во и со тимовите, туку напротив. Да ја согледаме реалноста во која живееме и да видиме колку е тешко да направиме еден функционален тим. Да сме свесни дека треба многу повеќе да работиме на себеси и на тимот, сè со цел остварување на нашите, но и на тимските цели.  

Неблагородно е во неколку реченици да го решиме еден од најголемите предизвици на работењето на секоја компанија, но барем може да дефинираме некои насоки каде што треба да работиме сè со цел да ја подобриме состојбата во нашите тимови. Основно што може да се направи во оваа ситуација е:

1. Работа на себе (ЕМПАТИЈА) – од тука почнува сè. Сè додека не сфатиме дека не може секогаш работите да ги гледаме од една (наша) перспектива и секогаш да си влечеме на „нашата воденичка”, не може да сметаме дека во тимот нешто ќе се промени. Понекогаш, може треба да подголтнеме и да прејдеме преку некои ситуации со нашите колеги во тимот, со цел за остварување на тимската (повисока) цел. Егото е ЈАС, Емпатијата е ТИ. Ако сакаме да ги адаптираме нашите цели со целите на другите, мора да пробаме да ги сфатиме и нив.  

2. Работа со тимот (ТРЕНИНГ) -  менаџерите мора да ја сфатат сериозно ситуацијата во која се наоѓаме. Најважен фактор за успех на една компанија е силен, мотивиран и координиран тим. Но, за да го постигнеме тоа мора многу повеќе време и енергија да посветиме во работата со своите тимови. Важно е да знаеме дека постојано мора да: работиме и да ги јакнеме своите менаџерски вештини, да се трудиме да ги препознаеме потребите и желбите на членовите од тимот, континуирана обука, дружење, индивидуални и групни разговори, отворена комуникација, тестови, вежби, анализа на случаеви и многу други техники што се познати за развој на еден тим.

 


Секој тим е составен од индивидуалци, но за да постигнеме тимски резултати, ние мора да ја адаптираме нашата индивидуалност во релација на тимот и на тимскиот успех.

Со успех во промените,

Петар Лазаров

 

„Tip of the week“