Знаете ли кој е најстариот град во Европа?

Знаете ли кој е најстариот град во Европа?

Подготвил: Б.Б.

Не е Лисабон, ниту Атина... во истражувањата од 2005 година, пронајден е локалитет на најстарата и најголемата предисториска населба - во Винковци, Хрватска.


Винковци 1


Поволната топографска положба на Винковци отсекогаш привлекувала многу култури кои овде го пронаоѓале своето место за развој. Најтесното градско подрачје било населено 6000 години пред нашата ера, па затоа со право може да се тврди дека Винковци во континуитет е населено повеќе од 8000 години.

Во 2005 година, при истражувањето е пронајден локалитет на најстарата предисториска населба на територијата на градот, на левиот брег од реката  Босут, во должина поголема од еден километар. Првите жители живееле во земјанки, а во текот на истражувањето пронајдена е и надземна куќа со четириаголна основа, што припаѓала на винковичката култура.

Винковци 2

Втората населба, која датира од петтиот милениум пред нашата ера, се наоѓа неколку километри југозападно од Винковци. Првите истражувања започнале во 1996 година, кога е откриена населба од сопотската култура што била опкружена со ров, кој се полнел со вода од блискиот Босут.

Во четвртиот милемиум пред нашата ера на оваа територија живееле припадници на баденската култура. Тие живееле во куќи со четириаголна основа, а во рамки на населбата откриени се и закопи во свиена положба. При ископувањето на локалитетот пронајдени се многу керамички предмети. Оттогаш, па сè до третиот милениум пред нашата ера, на подрачјето на Винковци се менувале многу култури, а честопати живееле и едни покрај други.

Винковци 3

Во третиот милениум, на оваа територија доаѓаат Келтите, односно келтското племе Скордисци, кои носат многу новитети: грнчарско тркало, дводелен ротационен воденичарски камен како и самостојно ковање монети. Келтите ги развивале своите населби на оваа територија сè до доаѓањето на Римјаните. Тогаш започнува развојот на римската населба. Градот се развива од почетокот на првиот милениум и покрај присуството на Римјаните во подолг временски период.

Заради одличната стратешка местоположба, на крстосница на повеќе патишта, градот го добива името Colonia Aurelia Cibalae. На почетокот бил населен од италски доселеници, но подоцна со граѓански права се стекнуваат и сите граѓани на Цибала. Својот најголем подем градот го доживува во втората половина на третиот и почетокот на четвртиот век. Во тоа време постоела и градска управа, а пронаоѓањето на голем број керамички печки сведочи за развиеното производство на керамика. Во текот на четврти и петти век, како и многу други градови, почнува стагнацијата и пропаѓањето на Цибала.

Винковци 4

Религискиот живот на територијата на Винковци, се развивал паралелно со културите кои го населувале градот. Во римско време се почитувале поважните римски богови, а во првата половина од третиот век, Цибала станува и христијанско седиште со свој бискуп. Од тоа време потекнуваат и двајцата маченици од овој град – Еузебио и Полион. Еузебио бил бискуп, а Полион – писар во бискупијата, но и двајцата пострадале заради својата вера. Треба да се напомене и податокот дека од овој регион потекнувале и двајца римски цареви.

Со распаѓањто на Римската империја, на ова подрачје остануваат да живеат романизирани староседелци, а во исто време продираат и варварски германски племиња. Германите ги прифатиле  римските закони и обичаи, ги користеле достапните градежни објекти, изработувале керамика и накит во старите работилници, и ковале свои монети, користејќи ја старата римска ковачница во Сирмија. Во текот на шестиот и седмиот век, престанува животот на подрачјето на градот и тоа трае следните илјада години. Дури на почетокот на 16 век на оваа територија започнува да се развива ранонововековна населба што се споменува под името Винковци.

Ова е краткиот приказ на богатата историја на Винковци. Градскиот музеј и неговите експонати од разните периоди и култури потврдуваат дека градот, сепак, е постар и од Лисабон и од Атина.

Винковци 5