Дали знаете дека новиот iOS 10 „крие“ некои можности?

Дали знаете дека новиот iOS 10 „крие“ некои можности?

Подготвил: Б.Б.


Најновото издание на мобилната платформа од Apple, iOS 10, веќе се наоѓа на голем број уреди на Apple. Надвор од основните карактеристики што ги рекламира Apple, „десетката“ носи неколку скриени трикови што можат да им ја олеснат секојдневната употреба на корисниците.


iPhone 10


iOS 10 овозможува неограничен број отворени табови во интернет пребарувачот Safari. Но, прашањето е како да се снајдете со толкав број отворени содржини? Па, нема потреба од скролање – сега имате можност табовите да ги пребарувате според содржината. За функционалност на трикот, потребно е да го свртите уредот во хоризонтална положба и да ги допрете копчињата за табовите. Во горниот лев агол ќе ви се појави куќичка за пребарување во која треба да ги внесете поимите што ги барате во отворените табови, а iOS 10 без проблем ќе ги филтрира и на корисникот ќе му ги издвои бараните.

За луѓето со послаб вид или за тие на кои им е потребно зголемување во одредена ситуација, iOS 10 им нуди можност за користење на камерата за зголемување на некој кадар на екранот. Оваа можност можете да ја активирате на Settings > General > Accessibility > Magnifier. Таму се наоѓа и поставката Auto brightness, што ќе ја направи зголемената содржина повидлива. За повторно користење на оваа опција, доволно е трипати да го допрете копчето Home на вашиот уред.

Корисниците на уредите од Apple инсталираат еден куп апликации, а проблем настанува кога некоја пообемна ќе почне да ја надградува верзијата од App Store, додека пред неа имате цел ред други апликации што чекаат да ги надградите. Сега корисниците ќе можат самите да постават приоритетни апликации за надградување. По тој повод, доволно е да ја пронајдете посакуваната апликација на вашиот екран, да придржите врз неа со допир додека не ви се отвори подмени, каде што ќе можете да ја изберете опцијата Prioritize download.

Конечно, Apple на корисниците им овозможи повеќе опции во картичките на контактите. Сега имате можност да поставите префериран начин на комуникација со секој контакт (повик, порака, видео или емаил).


Дополнителни можности:

Преку вашиот iOS 10 смартфон можете да праќате пораки во ракопис. Сопствениците на уреди што имаат послаб или друг оперативен систем, ќе можат да ги добијат и да ги прочитаат.

За да можете да пишувате со ракопис, треба да ги отворите пораките и телефонот да го свртите во хоризонтална положба. Полето за внес што е именувано како Handwriting, треба автоматски да ви се појави. Можете да пишувате со прст или со специјално пенкало. Корисничкиот интерфејс е многу едноставен, но не нуди можност за форматирање на текстот.

Ако имате потреба за поголем простор за пишување, со два прста повлечете налево на екранот или кликнете на малата стрелка и ќе добиете малку поголем простор на десната страна. Сепак, не очекувајте дека ќе можете да напишете роман.

Кога ќе сакате да ја исклучите оваа функција, кликнете ја иконата за тастатурата во долниот десен агол од екранот. Кога ќе го направите тоа, треба да ви се појави вообичаената хоризонтална тастатура.