По седум години заврши конзервацијата на „Св. Богородица Перивлепта“ од 14 век

По седум години заврши конзервацијата на „Св. Богородица Перивлепта“ од 14 век

Подготвил: (В.Ф.)

Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ е изградена во 1295 година, близу Горна Порта во Охрид, во стариот дел од градот. Научниците ја вбројуваат меѓу најстарите охридски цркви и најубавите, според живописот




По седум години заврши комплексната санација на охридската црква „Св. Богородица Перивлепта“ од 14 век, еден од најважните споменици на византиската уметност. Вредниот живопис, дело на големите зографи Михајло и Евтихиј кои во Охрид создале едно од најголемите достигувања во византиската културна експресија на почетокот на 14 век е конечно заштитен. Долги години протекуваше покривот на црквата. Дождовите навлегуваа во ѕидовите, а од влагата се создаваа напластени соли од кои најмногу страдаа фреските.

Во 2009 година од Фондот за културна заштита на амбасадата на САД во нашата земја беа издвоени 650 илјади американски долари за спас на Перивлепта. Во акцијата учествуваа околу 70 стручни лица од Заводот за заштота на спомениците на културата и музеј од Охрид и од Националниот конзерваторски центар од Скопје, со стручна поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и Советот на Европа, Донатела Зари и Карло Џантомаси од Италија за живописот и Алкивиадис Препис од Грција за архитектурата на црквата.

Покрај заштитата на фрескоживописот, поставен е и нов покрив на споменикот, дренажен систем, заменети се дотраените градежни елементи, обновена е фасадата, реставрирани се камбанаријата и конаците.
Американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли истакна дека овој проект е еден од најголемите и најважните од многуте слични зафати што САД преку својот Амбасадорски фонд ги спроведуваат во повеќе од 125 држави во светот.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека овој проект е исклучително значаен зашто првпат се прави целосна рехабилитација на манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“.



Реализацијата на проектот се одвивал во неколку фази. Спроведените архивистички, историски, археолошки, топографски и сеизмички истражувања, како и изработката на најсовремена техничка документација биле комплексни и прв пат така сеопфатно спроведени во рамки на конзерваторски проект во Република Македонија.

- И благодарам на бројната екипа од преку 70 стручни лица која во изминатите седум години го вложи целиот свој професионален кредибилитет и ангажман, својата посветеност и љубов во реализацијата на овој комплексен проект - рече Канческа-Милевска.
Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ е изградена во 1295 година, близу Горна Порта, во стариот дел од градот. Научниците ја вбројуваат меѓу најстарите охридски цркви и најубавите, според живописот. Кога бил откриен живописот во Перивлепта, во цела Југоисточна Европа се смениле научните ставови за уметноста од крајот на 13 и почетокот на 14 век. Фрескосликарството во Перивлепта  ја претставува последната и најквалитетна фаза од византиската култура позната како палеологовска уметност. Автори на фрескоживописот се зографите Михаил и Ефтихиј кои две децении доминирале во сликарството на овие простори. Визнатологот и академик Цветан Грозданов во своите книги пишува дека тоа по што се издвојува фрескосликарството во Перивлепта е динамиката и реализмот.

„Зографите Михаил и Ефтихиј ги напуштиле нормите на фрескосликарството, што дотогаш биле присутни во Византија и почнале да творат давајќи им на фреските свои карактеристични особености“, пишува Грозданов.

Ктитор (донатор) на црквата бил визнатискиот војсководец и намесник, Прогон Згур, роднина на императорот Андроник Втори Палеолог. Во османлискиот перод, кога црквата "Свети Пантелејмон" на Плаошник била пренаменета во џамија, моштите на Свети Климент прво биле пренесени во црквата "Мал Свети Климент", а потоа во Перивлепта. Оттогаш народот почнал да ја нарекува црквата "Свети Климент". Таа станала соборен храм на Охридската архиепископија кога катедралната "Света Софија" била пренаменета во џамија.