Интервју со Јасен Марковски, информатичар инженер: Се цени знаењето на Mакедонците во академскиот свет на запад

Интервју со Јасен Марковски, информатичар инженер: Се цени знаењето на Mакедонците во академскиот свет на запад

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Марковски работи во истражувачки тим фокусиран на медицински помагала за оштетен слух во компанијата GN ReSound Моментално, една од петте најголеми компании од таков тип во светот



Јасен Марковски (1978) од Скопје е информатички инженер чиј пат водел преку скалилата на македонското образование до највисоките гранки на докторски студии во Холандија. Дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на насоката информациони технологии, во 2001 година. Три години подоцна ги завршил постдипломските студии, со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Мемориски аспекти на ILP”. Докторските студии ги продолжува на Универзитетот за технологија во Ајндховен, Холандија и ги завршува во 2008 г. (со докторскиот труд под наслов “Real and Stochastic Time in Process Algebras for Performance Evaluation”). Во периодот од 2008 до 2014 г. работел како истражувач во групата за системско инженерство на истиот универзитет. Во 2011 година добил грант за самостојно истражување на проектот “ProThOS: Process-Theoretic Models for Optimal Supervision”.

Во последните две години работи во групата за истражување и развој на компанијата за слушни помагала GN ReSound. Соработувал на десетина меѓународни проекти и се појавува како автор на неколку десетици трудови.

Факултети.мк: Како Ви се случи Ајндховен?

-Поранешниот Институт за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје имаше соработка со Групата за формални методи на одделот за компјутерски науки при Универзитетот за технологија во Ајндховен. Секои три години се испраќаше нов кандидат за докторски науки во Холандија, јас отидов по препорака на Ана Соколова, поранешна асистентка на Институтот, додека последниот кандидат што дојде после мене беше Соња Георгиевска, моја поранешна колешка. За жал, пред пет години групата во Ајндховен се распадна и таа соработка не се повтори со новоформираните групи. По завршувањето на докторските студии продолжив на постдокторски студии во Групата за системско инженерство на препорака од мојот поранешен шеф, кој по три години ја презеде новата група. Тогаш успеав да добијам грант за проект со траење од уште три години, но, за жал, по завршувањето на проектот не успеав да се изборам за ново финансирање и пред две години го напуштив академскиот свет.

Факултети.мк: Во моментов работите во компанија посветена на производство на слушни апаратчиња. Каков е предизвикот да се работи во таква специфична дејност и што поточно работите?

-Моментално работам како системски интегратор во групата за истражување и развој во Ајндховен на компанијата GN ReSound за медицински помагала при оштетен слух. GN ReSound е компанија со околу 5000 вработени и е една од петте најголеми компании за слушни помагала во светот, а се смета за технолошки лидер во областа. Групата во која работам е одговорна за развој, тестирање и евалуација на новите генерации алгоритми што го процесираат звукот во слушните помагала. Мојата секојдневна работа се состои од интеграција на алгоритмите со хардвер кој симулира универзално слушно помагало, што заедно придонесува за развој на прототипи на следните генерации слушни помагала. Работам во рамките на интернационален истражувачки оддел кој е распределен на два континента, со групи во Чикаго, Ајндховен и во Копенхаген. Јас ја развивам платформата за симулирање на алгоритмите во реално време и соработувам со останатите групи.

ПРОЕКТ-БАЗИРАНО УЧЕЊЕ

Факултети.мк: Имате ли соработка со наши образовни институции?

-На покана на моите поранешни колеги од ПМФ, сега дел од ФИНКИ, се пријавив на конкурс за насловен доцент и успеав да најдам средства и време да пренесам дел од знаењето и искуствата што ги стекнав во Холандија за време на зимските семестри во 2011-2013 година. Голема поддршка ми дадоа мојот поранешен шеф и колегите од ФИНКИ со тоа што ми дадоа слободно време за држење настава и финансирање за патните трошоци. Вложениот труд целосно се исплати бидејќи студентите на дипломски студии беа заинтересирани за новиот начин на држење настава и вложија многу напор за завршување на современ курс на начинот на кој се изведува на Универзитетот за технологија во Ајндховен. Се работи за т.н. проект-базирано учење, каде што на студентите им се даваат теоретските основи за изработка на сериозен проект и соодветна литература. Студентите се самоорганизираат во група што го изработува проектот во даден рок, притоа менаџирајќи ги своето време и труд. Самиот проект има цели кои мора да бидат исполнети и опционални цели кои студентите можат да ги исполнат со дополнителен труд. На крајот на проектот студентите рефлектираат врз техничкиот дел, како и врз организацијата и сопствениот придонес, со изработка на групен технички извештај и индивидуелен краток осврт во кој се оценува работата на групата, придонесот на членот во групата, проблемите со кои групата се сретнала при самоорганизицијата и самоевалуација за научените вештини и постигнатите цели. Оценувањето на проектот е поврзано со крајниот резултат на групата, како и со самооценувањето од страна на членовите. Ваквиот начин на студирање е застапен со 20% од целокупното студирање на одделот за машинско инженерство при Универзитетот за технологија во Ајндховен и придонесува за градење самокритични и одговорни инженери кои лесно се вклопуваат во индустриска средина. Студентите на ФИНКИ го завршија курсот со извонреден успех, а крајниот извештај од изработениот проект беше објавен како труд од престижен издавач.




ПОДДРШКАТА ОД ДРЖАВАТА ЧЕСТО ИЗОСТАНУВА

Факултети.мк: Факт е дека информатиката и програмирањето се нашите можеби „најизвозни науки“. Конкурентни ли сме за Европа на тој пазар со нашето знаење?


-На ова прашање не сум сигурен дека можам да дадам издржан одговор бидејќи одамна не сум во контакт со студенти на додипломски студии. Верувам дека факултетите во Македонија ги следат светските трендови и отсекогаш најголем приоритет се давал на релевантното и квалитетно образование, барем во институциите во кои јас имам работено. За жал, поддршката од државата често изостанува и најголемиот дел од напредокот во оваа област беше и останува финансиран со средства од странство. Знаењето и мотивацијата на студентите од Македонија во академискиот свет е на завидно ниво и се цени во сите институции на Запад со кои сум имал контакт и имале искуство со наши кандидати. Исто така, последните две години среќавам десетина случаи на програмери кои директно аплицирале за работа во европски фирми и ја добиле истата, па сега живеат и работат во околните држави.

Факултети.мк: Каков е интересот на Македонците за студирање информатика на Техничкиот факултет во Ајндховен и во Холандија, воопшто?

-За додипломски студии нема посебен интерес бидејќи трошоците за студирање на студентите кои не доаѓаат од земји од Европската Унија се многу големи. За магистранди има многу повеќе можности бидејќи Холандија има добри услови за меѓународни докторски кандидати и веќе постои мрежа од десетина докторанди кои им помагаат за аплицирање на своите поранешни колеги и студенти. Универзитетот за технологија во Ајндховен дополнително има и насока за технички докторат на која скоро секоја година има кандидати од Македонија. Техничките докторати се природен продолжеток на проект-базираното студирање, каде што кандидатите треба да решат реални предизвици спонзорирани од фирми во Холандија во период од две години.

Факултети.мк: Ја доживеавте ли Холандија како гостопримлива, односно отворена средина за странците?

-Холандија е земја во која повеќе од 15 отсто од моменталното население се странци со привремен престој. Во Ајндховен, град со околу 300.000 жители, живеат повеќе од 270 националности. Оваа статистика е сама по себе доволна за да се оформи впечаток дека Холандија е земја со отворено, слободно и мултикултурно општество. Уште повеќе, високото образование во Холандија се третира како вработување и кандидатите на докторски студии се платени за извршување истражување во рок од четири години. Ваквиот пристап несомнено носи силна мотивација и конкуренција меѓу кандидатите на меѓународно ниво, кои не мора само да го надградат и прикажат своето знаење, туку и да покажат дека умеат да живеат и да соработуваат со луѓе од целиот свет.