Саксајхуаман - најголемата градба на Инките и еден од најстарите древни објекти на планетата

Саксајхуаман - најголемата градба на Инките и еден од најстарите древни објекти на планетата

Подготвил: Б.Б.


Саксајхуаман - најголемата градба на Инките

Саксајхуаман е тврдина во северниот дел на периферијата на градот Куско во Перу, некогашна престолнина на империјата на Инките. Анализите од керамиката покажуваат дека брдото било освоено најмалку пред еден милениум, што го прави еден од најстарите древни објекти на планетата Земја.

Изградена за време на владеењето на Пачакути, масивните ѕидови на тврдината сведочат за моќта на Инките, но и за вештината на градителите и нивниот пристап кон адаптирање на монументалните градби во природниот пејзаж на местото.

Инките користеле слични градежни техники во изградбата на Саксајхуаман како и во другите камени градби, но во конкретниот случај со многу помасивен градбен состав. Се верува дека оваа тврдина е најголемата структура што ја изградиле Инките.

Камењата биле грубо сечени во форма приближно слична како камењата од каменоломите. Ги влечеле со јажиња до градилиштето, за што често била потребна сила од стотици мажи. Некои од камењата имале засеци и се користеле во процесот на градење.

Камените блокови на Саксајхуаман

Интересно е што овие големи камени блокови, тешки меѓу 50 и 100 тони, биле речиси совршено сечени и обликувани, и поставени толку цврсто, такашто да не можеш ни лист хартија да пикнеш меѓу нив. Врз некои од камењата била применета голема количина топлинска енергија со цел да се задржат на поставеното место и да се вклопат во целата конструкција.

Градбата што ја надгледувале архитектите Инки, ја изведувале група поединци кои на тој начин ги извршувале работничките должности кон државата. Во т.н. систем „мита“, секое село или етничка група обезбедувале одреден број поединци да учествуваат во слични проекти од јавен интерес.

Во 1983 година, Саксајхуаман (и целиот град Куско) беа вклучени во листата на УНЕСКО како светско наследство.