Work &Travel програма: Македонските студенти во САД заработуваат добро, но запознаваат и холивудски ѕвезди

Work &Travel програма: Македонските студенти во САД заработуваат добро, но запознаваат и холивудски ѕвезди


 
Дел од студентите кои веќе престојувале и работеле во САД преку оваа програма вчера во просториите на И-банк стор на Стопанска банка на своите врсници заинтересирани за летна работа во Америка им ги пренесуваа нивните искуства и впечатоци.



Стекнување работни навики, добра заработувачка, запознавање нови пријатели од различни земји во светот, стоење само на чекор до најголемите холивудски ѕвезди, прошетка низ местата кои претходно ги гледале само на филм, се само дел од позитивните искуствата на македонските студенти кои заминале да работат во САД преку програмата Work & Travel на агенцијата „Коузон“.

Дел од студентите кои веќе престојувале и работеле во САД преку оваа програма вчера во просториите на И-банк стор на Стопанска банка на своите врсници заинтересирани за летна работа во Америка им ги пренесуваа нивните искуства и впечатоци. Сите се согласни во едно – станува збор за незаборавно искуство кое секој млад човек би требало да го проживее барем еднаш за време на студиите.



Студентката Катерина минатата година првпат аплицирала за програмата Work & Тravel и добила работа на Лонг Ајленд во близина на Њујорк во една автобуска компанија како хостеса. Била задолжена да ги нуди патниците со ужинки, грицки и пијалоци за време на патувањата, како и да се грижи за нивната безбедност.

- Најтешкиот момент ми беше кога седнав во авионот за САД бидејќи се почувствував сама и се прашував дали донесов вистинска одлука. Првиот месец по пристигнувањето ми беше најтежок, додека се навикнав и прилагодив. Но, кога помина тој период, сфатив дека е најдобрата одлука што сум ја донела – рече Катерина.

Таа имала обезбедено сместување од работодавецот, превоз од и до работното место, како и дополнителен надомест за прекувремените работни часови, за што вели дека и било од големо значење.

Студентката по албански јазик Сара минатат година исто така била дел од оваа програма, преку која добила работа на брод како послужувач во градот Бурлингтон во Вермонт. За време на четиримесечниот престој во САД таа живеела во куќа обезбедена од работодавецот заедно со други македонски студенти кои биле дел од Work & Travel.



- На бродот каде што работев имавме обезбедени оброци за сите вработени што е многу значајно и голем плус во САД. Таму ја добив и најголемата напојница во животот од 200 долари, од жена која што беше презадоволна бидејќи разговарав со неа и и правев друштво додека чекаше да и дојде времето за патување. Престојот во САД ми беше незаборавно искуство, стекнав бројни пријатели од кои едни ме поканија и на нивната свадба, а го запознав и Берни Сандерс, еден од кандидатите за претседателски кандидат на Демократската партија во САД – раскажа Сара.

За време на нејзиниот престој таа нашла и втора работа како одржувач на соби во еден хотел, што дополнително и ја дополнило заработувачката.

Студентот по медицина Дарко, кој долги години тренирал тенис, успеал преку Work & Travel програмата да добие работа како тренер во детски тениски камп во Бостон. Искуството му е незаборавно бидејќи освен добрата заработувачка, постојано бил во контакт со богати и славни личности чии деца тренирале во кампот.



- Тенискиот камп трае околу три месеци и чини 18.000 долари. Поради тоа го посетуваа деца на многу понзати личности, како на пример ќерките на американскиот претседател Барак Обама, децата на боксерот Виталиј Кличко, на сопственикот на компанијата Пепси и многу други – раскажа Дарко.

Младата Тамара од Прилеп, која што студира италијански јазик, минатото лето го поминала работејќи како хостеса во елитен ресорт во Колорадо Спрингс, грижејќи се за ВИП-личности. Сместувањето и било обезбедено од работодавецот, но не и превозот. Затоа со пријателите и луѓето со кои живееле се снаоѓале на различни начини.



- Брзо се навикнав на работата и тамошниот начин на живот. Како хостеса заработував по 8,6 долари на час, но немав многу можност да добивам напојници. Затоа на сите што планираат да заминат да работат во САД им препорачувам да бараат работа како послужувачи или одржувачи на соби, бидејќи луѓето на овие работни позиции добиваат поголем бакшиш. Работата и престојот во САД многу ме променија. По природа сум многу интровертна, не сум зборлеста, но таму бев сосема поинаква. Стекнав голема работна навика и сега не можам да седам и да не правам ништо, посамоуверена сум и многу посигурна во своите способности – рече Тамара.

Генералниот менаџер на агенцијата „Коузон“, Зоран Кочоски, на студентите кои планираат да се пријават за оваа програма им даде неколку многу корисни совети.



- Првата година во САД се оди за искуство, веќе следните се оди за пари. Затоа на сите студенти им препорачуваме првата година да изберат место каде што работодавецот им има обезбедено сместување. И не заборавајте, колку и да го владеете добро англискиот јазик, во првите 3 недели нема да разбирате сè што ви зборуваат луѓето таму – им рече Кочоски на студентите.

Оваа година „Коузон“ и Стопанска банка АД Скопје направија заедничка понуда за студентите кои ќе аплицираат за Work & Travel програмата. Имено, сите студенти кои што имаат Топси картичка од Стопанска банка добиваат одреден попуст на трошоците за аплицирање за Work & Travel.