Овој човек се одрече од парите и живее среќно без никакви примања

Овој човек се одрече од парите и живее среќно без никакви примања

Подготвил: Б.Б.

Ирецот Марк Бојл, факултетски образована личност, поранешен успешен менаџер и имотлив човек, се одрече од парите и живее среќно без никакви примања, банкарски сметки и без трошоци. 

Човекот кој се откажа од парите и кој живее среќен живот

„Да ми кажуваше некој пред седум години, кога бев во последната студентска година на отсекот бизнис економија, дека ќе живеам без пари, веројатно ќе се засркнев со храната подготвена во микробрановата печка.
Тогаш планот ми беше да најдам ‘добра’ работа, да заработам што е можно повеќе пари и да купам работи кои ќе ме прикажат како успешен во заедницата. Во одреден период тоа и го постигнав – имав одлична работа како менаџер во голема компанија за органска храна и поседував јахта.
Да ја пропуштев приликата да го купам видеото со наслов ‘Gandhi’, ќе продолжев да го правам истото. Наместо тоа, во последните петнаесет месеци, не сум потрошил нити сум примил една единствена фунта. Ништо.

***

Животната промена ми се случи една вечер, додека седејќи со пријателот на јахтата, филозофиравме пиејќи вино. Иако бев под силно влијание на Гандиевата мисла биди промената што сакаш да ја видиш во светот, дотогаш немав поим што значи таа промена.
Почнавме да разговараме за сите важни прашања во светот – уништувањето на природата, војните за ресурси, индустриските фарми, лошите услови за работа – и се прашувавме кое од сите овие нешта е приоритетно да му се посвети личното внимание. Не се чувствувавме способни да направиме некоја разлика, бевме како две капки во крајно загаден океан.   

Но, истата вечер и се просветлив! Овие прашања не беа неповрзани, како што сум си мислел претходно – сите имаа заеднички причинител. Факторот што ги обединува сите проблеми, а кои имаат директни последици врз луѓето, околината и животните, е токму нашата потрошувачка.
Степенот на несогласување меѓу потрошувачот и конзумираната стока толку се зголемил, така што сме целосно несвесни за нивото на уништувањето и страдањето што се инкарнирани во ‘стварите’ што ги купуваме.
Малку луѓе сакаат да им предизвикаат страдање на други луѓе; а мнозинството не се свесни дека токму тоа го прават. Алатот што го овозможил ова несогласување се парите, особено во глобални рамки.
Земете го овој пример: ако самите одгледуваме храна, третина не би ја фрлиле, како што правиме денес. Ако самите си направиме маси и столици, никогаш не би ги фрлиле кога ќе го менуваме ентериерот. Ако мораме сами да ја чистиме сопствената вода за пиење, веројатно не би вршеле нужда во неа.

***

Според тоа, ако сакав да бидам промената што сакав да ја видам во светот, тоа значеше дека ќе морам да се откажам од парите, што одлучив да ги направам во рок од година дена.
Направив список со основни работи што ќе ми бидат потребни за преживување. Бидејќи обожувам храна, ја ставив на врвот на пописот.

Постојат четири основни извори на бесплатна храна: собирање диви плодови, одгледување сопствена храна, размена на храна и искористување на фрлената храна, која ја има во големи количини.
Првиот ден нахранив 150 луѓе со три оброци по човек направени од собраната и фрлената храна. Поголемиот дел од годината јадев од сопствените култури, а отпадот сочинуваше само пет проценти од мојата прехрана.
Готвам надвор, на плинска печка, независно дали е врнежливо или сончево време.

Нареден потфат ми беше живеалиштето. Си купив караван, го паркирав на органската фарма каде што волонтирав и го монтирав надвор од електичната мрежа. Користев дрва што ги сечев или ги собирав, и ги палев во печката направена од плинска боца, за да го згреам својот скромен дом. Имав и ВЦ шолја со чија помош го користев изметот како природно ѓубриво. Се бањав во река, а забите ги миев со коска од сипа со сладок анасон, што е необично за еден веган. Наместо тоалетна хартија користев листови од весниците што ми ги носеа локалните разнесувачи (а еднаш ми се случи да се избришам со лист хартија со мојата приказна на неа) ... не беа двослојни, но набрзо и тоа ми стана нормално.

За транспорт користев велосипед со приколка, па 55 клометри до градот повеќе ми се исплаќаа од претплатата за теретана.

За осветлување користев свеќи од пчелин восок.   

***

Многу луѓе ме сметаат за антикапиталист. Иако верувам дека капитализмот е фундаментално погрешен бидејќи бара бесконечен раст на ограничената планета, не се спротивставувам на ништо. Јас сум за природата, за заедницата и за среќата!

Еве што не ми е јасно – ако целиот тој конзумеризам и уништувањето на природата носат среќа – сето тоа би имало некоја смисла. Но, сите клучни показатели за несреќата – депресијата, криминалот, душевните болести, дебелината, суицидалноста и друго, се во пораст. Се чини дека повеќе пари не носат повеќе среќа.

Оваа година е најсреќна во мојот живот. Имам повеќе пријатели од претходно. Не сум се разболил откако почнав со овој начин на живот и никогаш не сум бил во подобра форма. Сфатив дека пријателството, а не парите, се вистинската сигурност, дека западната сиромаштија е од духовен карактер и дека независноста е всушност меѓузависност.

Дали би можеле сите да живееме вака во иднина? Не. Тоа би било катастрофично. Премногу сме зависни од информатичката технологија и евтината енергија и успеавме да изградиме цела глобална инфраструктура заснована на двете и покрај нивното изобилство.

Над 90% од нашето време на оваа планета, кога живеевме поеколошки, бевме без пари. Сега сме единствениот вид кој ги користи парите, затоа што, најверојатно сме вид кој е најмалку поврзан со природата.

Денес луѓето ме прашуваат што ми недостасува во однос на мојот стар свет на богатство и бизнис.
Стресот? Сообраќајниот метеж? Банкарските извештаи? Сметките?

Погледнете го целиот негов говор на една од конференциите на TED.“