Десетте исчезнати древни книги што секој би посакал да ги прочита

Десетте исчезнати древни книги што секој би посакал да ги прочита

Подготвил: Б.Б.


Не постојат тема, област, прашање од човековото постоење и од другата страна на појавното, што не ги допреле древните писатели. Некои веруваат дека изгубените книги од дамнина се закрпи во нашето знаење поврзано со минатото. Сепак, треба да признаеме дека книгите што се измолкнале низ времињата до денес, се латици од информации во нашата неукост.

10. Persica од Ктезиј

Ктезиј бил грчки лекар и историчар, кој работел на дворот на персиските кралеви Дариј II и Артаксеркс II од 405 до 398 година п.н.е. Откако се вратил во Грција, во раниот 4. век п.н.е., го напишал делото Persica, историја на Блискиот Исток составена од 23 книги. Книгата почнува со Асирската империја во време на владеењето на кралот Нинус, легендарна фигура, и завршува со настаните од осмата година на владеење на кралот Артаксеркс II.
Првите три книги зборуваат за историјата на Асирците, следните три, од четврта до шеста, се занимаваат со Медијците, од седмата до тринаесетта книга се фокусираат на подемот на Персиската империја под водството на Цирус Великиот, зенитот што го достигна во времето на Дариј и завршува со смртта на Ксеркс I. Последните книги за базираат на првите осум години од владеењето на персискиот крал Артаксеркс II, периодот што го посведочил и самиот Ктезиј.
Книгата беше изгубена, но биле сочувани само некои фрагменти и коментари од други писатели, конкретно од римскиот автор Диодор.     

Предел во Грција

9. Расправа за астрономијата од Аристарх

Аристарх од Самос бил старогрчки математичар и астроном, кој ја застапувал идејата дека нашиот планетарен систем е хелиоцентричен. Своите визионерски погледи ги сумирал во книга што се изгубила низ времето. Сепак, една копија била сочувана во архивата на Александриската библиотека. Во својата книга „Пребројвач на песокот“, Архимед ги опишува главните тези на Аристарх:

„[…] но Аристарх од Самос ни даде книга сочинета од одредена хипотеза, каде што премисите водат кон резултатот дека универзумот е многупати поголем отколку што го замислуваме. Неговата хипотеза е дека ѕвездите и Сонцето се неподвижни, дека Земјата се врти околу Сонцето по периметарот на кругот и дека Сонцето стои во центарот на нашата орбита.“ 

Споменик од Аристарх

8. Babyloniaca од Берос

Берос е древен Вавилонски свештеник чиј процут се случил во третиот век п.н.е. Тој е автор на историјата на Вавилон, составена од три книги и заснована на историски записи за Вавилон. Првата книга го опишува создавањето на Вавилон, втората се осврнува на историјата на Вавилон почнувајќи од митското суштество Уан (Адапа), 432 илјади години пред поплавата, па сè до времето на вавилонскиот крал Набонасар. Третата книга е посветена на политичката историја на Вавилон до времето на Александар Велики. Целта на Берос му била да напише книга за историјата на Вавилон ослободена од културните предрасуди и заблуди на грчките автори. Својата книга, тој му ја посвети на хеленскиот крал Антиохиј I, на кого му подари една копија. Сите други примероци од книгата се изгубени, а дел од содржината можеме да најдеме во форма на фрагменти посредно преку други автори.  

Вавилонски мотив

7. Мерење на обемот на Земјата од Ератостен

Ератостен беше александриски научник познат по своите познавања од областа на математиката и географијата. Автор е на расправата „Мерење на обемот на Земјата“, каде што го пресметува обемот на нашата планета врз основа на растојанијата меѓу различни локации и врз основа на должината на сенките.
Според неговите пресметки, Земјата има периметар од 250 илјади стадии или околу 40 илјади километри. Во споредба со денешните пресметки, Ератостен измерил 15% повеќе, но неговите пресметки ќе останат најпрецизни сè до модерните научни мерни техники. 

Древна географска карта на светот

6. Книгите на Питагора

Колку што сме информирани, Питагора не пишувал книги, иако некои прастари извори го тврдат спротивното, т.е. дека Питагора оставил пишани записи, но дека се изгубиле низ времето.
Во својата Naturalis historia, Плиниј запишува дека во раниот втор век, некои книги што им припаѓаат на Питагоревите преданија биле пронајдени во ковчегот на кралот Нума. Римјаните, кои главно не биле философски истомисленици со Грците, ги запалиле сите овие книги. Постоеле верувања дека кралот Нума бил ученик на Питагора, што е хронолошки невозможно.    

Статуа од Питагора

5. Првиот кинески император и спалувањето на книгите

Околу 213 година п.н.е., првиот кинески император, Кин Ши Хуанг, наредил да се запалат сите историски книги и записи, со исклучок на официјалните записи. Секој што приватно поседувал примероци од философски книги, морал да им ги предаде на државните службеници за спалување. Императорот Хуанг сакал да ги минимизира раширувањето на различните мислења и критиките кон неговата власт. Други сметале дека императорот сакал историјата да почнува со него, а спалувањето на книгите бил единствен начин за бришење на минатото.

Многу други научници сметаат дека тоа било измислица на писателите поддржани од династијата Хан, која била силен противник на Кин Ши Хуанг. Меѓу многуте исчезнати книги била и Класична музика од Конфучие или од некој негов следбеник. 

Кин Ши Хуанг, првиот кинески император

4. Текстовите на Чарвака

Сознанијата дека Индија отсекогаш била духовно упориште на светот, се соочени со постоењето на древно философско учење познато како Чарвака, едно од најматеријалистичките на сите времиња. Чарвака ги поткопува основните верувања на традиционалната религија во Индија. Почетоците на ова школо се забележани околу седмиот век п.н.е. Тоа прокламира дека сè на Земјата е составено од земја, воздух, оган и вода. Тоа што сетилата не можат да го забележат, значи дека не постои. Рајот и пеколот се човечки измислици, а вистинската цел на религиозните проповеди е да обезбеди удобен живот за свештенството.
Речиси сите текстови што ѝ припаѓаат на Чарвака се исчезнати, а сè што можеме да најдеме се само фрагменти и референци во склоп на други книги. 

Материјалистичката философија на школото Чарвака во Индија

3. Етрурско-латински речник од Клавдиј

Векови пред Римјаните да станат доминантна сила, на северот од италијанскиот полуостров живееле Етрурците. Познато ни е дека Етрурците ја адаптирале грчката азбука за свои потреби, но нивниот јазик е трајна загатка. Нивната јазична припадност останува неразјаснета до денес, а се водат дебати и за потеклото на нивниот јазик, за кој се смета дека е пред-индоевропски јазик. Можеме да читаме етрурски, во смисла, изговарање на нивните зборови, но енигмата е нивното значење.

Кога би можеле да ги вратиме исчезнатите дела посветени на Етрурската култура и историја, напишани од римскиот император Клавдиј, можеби би можеле да ја одгатнеме мистеријата. До првиот век п.н.е., етрурскиот јазик речиси бил целосно исчезнат. Во текот на првата половина од првиот век од нашата ера, Клавдиј го напишал своето дваесеттомно дело посветено на Етрурците, во кое е вклучен и Етрурско-латински речник, заснован на интервјуа што ги направил со последните живи Етрурци.

Римскиот император Клавдиј

2. Хексаплата на Ориген

Хексаплата била амбициозно издание на хебрејската Библија што ја составил старогрчкот теолог Ориген. Хексаплата нуди споредба на различни преводи на хебрејската Библија распоредни во шест колони и секоја од нив прикажува различна верзија.

На Хексаплата Ориген работел 20 години, а неговиот труд сочинува 7000 страници. Само неколку фрагменти преживеале денес од Хексаплата. Тие делови биле објавени во 1875 година. Во моментов, научници од различни универзитети работат на објавување на нова верзија, која ќе содржи нови фрагменти што биле откриени после 1875 година. 

Извадови од Хексаплата на Ориген

1. Енциклопедијата на Јонг Ло

Кинескиот император Јонг Ло наредил да се направи голема енциклопедија, задача која вклучувала здружен труд на илјадници кинески научници, во текот на неколку години. Енциклопедијата била завршена во 1408 година и го содржела целото знаење што Јонг Ло го сметал за суштинско. Резултатот бил огромен корпус  од 22.937 свитоци во ракопис, подредени во 11.095 тома.
Помалку од 400 тома преживеале до денес, од кои 800 свитоци биле објавени, што е помалку од четири проценти од оригиналното дело.
 
Извадоци од енциклопедијата на Јонг Ло