Марио Јовановски, фитнес тренер: Вежбањето не ве прави само убави, туку и поздрави во староста

Марио Јовановски, фитнес тренер: Вежбањето не ве прави само убави, туку и поздрави во староста

Подготвил: В.Ф

Со вежвање се регулира шеќерот во крвта и превенција од дијабетес, се подобрува здравјето на срцевиот мускул, генерално личноста има повеќе енергија и свежина во текот на денот, се регулира лаќењето на важни хормони кои го оддржуваат и подмладуваат човековиот организам, а со тоа буквално се успорува процесот на стареење на телото кој природно се појавува со текот на годините



Бодибилдингот не е само спорт, туку уметност и доведување на на човековото тело до своевидна совршеност. Не се важни само естетските придобивки, туку и здравствените. Со спортувањето се зголемува густината на коскената маса и така директно се бориме против остеопорозата, која може да се спречи, вели 25-годишниот скопјанец Марио Јовановски. Тој се занимава со бодибилдинг речиси седум години, а веќе четири години е персонален фитнес тренер, кој им помага на своите клиенти да ги достигнат своите посакувани цели. Со Марио разговараме за бодибилдингот како филозофија на животот, здравата исхрана, колку овие постулати се почитуваат и применуваат во Македонија.

Факултети.мк: Кога почнавте и што најмногу Ве мотивира да почнете да се занимавате нсо овој вид спорт?

- Уште од најрана возраст се занимавам со повеќе видови на спорт. На 18 години прв пат почнав да се занимавам темелно со бодибилдингот. Мојот „тригер“ механизам поради кој почнав да се занимавам со фитнес, е како влијаеше на мојот физички изглед. Бев импресиониран како човековото тело и ум можат да се менуваат на подобро, кога ќе почне да се третира на поинаков начин. Според многумина, бодибилдингот (body – тело; building – градење) е уметност на човековото тело и негово доведување до своевидна совршеност. Иако секогаш велиме дека совршеното не постои, тренирањето со тегови во теретана на уникатен начин го обликува човековото тело. Му дава идеален изглед и пропорции и малку спортски дисциплини би можеле да го дадат истиот ефект. Фитнесот оди рака под рака и со здрав, балансиран режим на исхрана, правејќи една перфектна симбиоза која го сочинува овој фит, здрав начин на живот. Покрај естетските придобивки кои ги нуди овој спорт, многубројни се и здравствените придобивки. Се зголемува густината на коскената маса, а со тоа директно се бориме против остеопорозата, болест која се појавува во 50-те и 60-те години од животот на еден човек. Остеопорозата може да се спречи со ваков вид на физичка активност. Се регулира шеќерот во крвта и превенција од дијабетес, се подобрува здравјето на срцевиот мускул, генерално личноста има повеќе енергија и свежина во текот на денот, се регулира лаќењето на важни хормони кои го оддржуваат и подмладуваат човековиот организам, а со тоа буквално се успорува процесот на стареење на телото кој природно се појавува со текот на годините. Иако тренирањето со тежински отпор се смета како алатка за „билдањe“ на мускулите и телото, правилното имплементирање на овој животен стил сигурно ќе ви создаде нови, здрави навики кои ќе ги заменат старите. Исто така, нивото на самодоверба значително се зголемува, токму поради причина што кога изгледаме добро се чувствуваме уште подобро. Менталната сила, самодисциплината и упорноста се психолошките особини кои дефинитивно се зајакнуваат. Овие „алатки“ може да бидат имплементирани на секое поле и да ве направат подобра личност генерално.

Факултети.мк: Кажете ни нешто за платформата www.mariofit.net, како дојдовте до идејата и кому е наменета?

- Откако почнав да се занимавам со оваа професија, како едукатор, мотиватор и инструктор во она што го правам, сфатив дека тоа е голема одговорност. Секоја индивидуа (професори, тренери, ментори, научници, говорници) која што влијае и помага при развивањето на одредени способности и/или го подобрува квалитетот на животот на одредена целна група е движење кое придонесува да се подобри општеството на различни начини. Со фитнесот се занимавам веќе седум години. Уште на почетокот заклучив дека за овој животен стил и неговите позитивни бенефити, многу мал дел од пошироката маса на луѓе во нашето поднебје не знае што е тоа. Информираноста и едукацијата е на прилично ниско ниво. Генерално, оние кои се занимаваат со фитнес и бодибилдинг беа мал круг на луѓе кои беа изолирани од експонирање. Тогаш се роди идејата за генерирање на едукативна содржина преку веб портал кој ќе биде наменет за секој кој е заинтересиран за подобрување на својот физички изглед, здравје и квалитет на живот преку фитнесот и се тоа што спаѓа под него.  Иако тоа не беше реализирано веднаш, лани во ноември беше пуштен мојот веб сајт www.MarioFit.net на нашиот локален интернет простор, кој е единствен од својот калибар и моментално прославува една година од своето постоење и успешно извршување на мисијата за која е наменет. Ме радува што се повеќе и повеќе луѓе го читаат и се едуцираат! Во последните 4-5 години, фитнес движењето на глобално ниво е во значителен пораст. Како и за повеќето трендови, така и ние иако малку доцниме, го следиме овој тренд, кој за разлика од повеќето е вид на тренд кој влијае позитивно на една индивидуа и нејзиниот квалитет на живот, доколку одлучи да го практикува.



Факултети.мк: Поимот фитнес автоматски асоцира и на здрава исхрана. Дали едното може без другото?

- Фитнесот е симбиоза, комбинација од редовна физичка активност и здрав, балансиран начин на исхрана. Одлично би било доколку се практикуваат двете навики. Но – тоа не значи дека едното без другото не може. За повеќето, тешко е да се направи целосен пресврт во нивниот животен стил, доколку тој претходно бил прилично пасивен и навиките за исхрана биле нездрави. Па така, за почеток е сосема доволно да се направат мали, но на долготраен план, значителни промени на дневно, неделно и месечно ниво. Доколку земеме една личност која е пасивна и не се храни здраво, за почеток е одлично да имплементира 3-4 пати редовна физичка активност, како што е пешачење, вежбање во тератана, пливање и слично. Тоа е одлично за почеток. Тоа ќе ја крене самодисциплината и иницијативата на ново ниво и потоа, најчесто се случува „ефектот на снежна топка“, каде што по една добра, нова навика и нејзино практикување, ќе почнете да применувате и друга. Потоа друга. И повторно друга. Правејќи го тоа константно на подолг временски период, вие имате комплетно нов, позитивен здрав начин на живот. Така што да, почнете од нешто. Направете го чекор број еден. А journey of a thousand miles begins with a single step.

Факултети.мк: Старата англиска поговорка вели: An aplle a day keeps the doctor away. Дали во денешниот начин на живот во градовите, кој по правило е стресен, воздухот ни е меѓу најзагадените во светот, е доволно да се потпреме на здравата храна или ни се неопхподни и други суплементи во секојдневието? Кои?


- Суплементите (или додатоците во исхрана) се одлична алатка која ја користат сите - од професионалните спортисти се до семејните луѓе кои имаат различна потреба од различни хранливи состојки кои не можат доволно да ги конзумират преку исхраната, а имаат потреба од нив. Важно е да се знае дека спортските суплементи не се штетни ниту имаат нус појави (доколку се конзумираат во препорачана доза и под надзор и/или совет од стручњак) и во никој случај не е замена за храна, туку додаток на секојдневната исхрана која секоја индивидуа ја конзумира. Зависно од целта и потребата, секој може да користи суплементи, почнувајќи од протеински додатоци (поради причина што регуларната, секодневна исхрана е дефицитарна од протеини, макронутриент кој игра круцијална улога во човековото тело), есенцијални масни киселини (омега 3 и 6), мултивитамини, амино киселини и стимулативни средства кои се се користат од рекреативни и професионални спортисти и слично. Изборот на брендови и производи кои се нудат на нашиот пазар е голем. Водечката фирма/франшиза која нуди производи со највисок квалитет и состав на нашиот пазар е Polleo Sport (hyperlink - https://www.facebook.com/PolleoSportMakedonija/?fref=ts) (www.polleosport.mk).  

Факултети.мк: Сите постојано слушаме секакви диети: кардио-васкуларна, според крвна група, диета „Обединети Нации“, многумина стануваат вегетаријанци и исклучуваат месо од исхраната. Според Вас, што е правилна и здрава исхрана? Што ни е непходно да внесуваме за да бидеме здрави?

- Пред се, мора да направиме дистинктивна разлика помеѓу диета и (здрав) начин на исхрана. Диетите, од психолошки аспект се најчесто контрапродуктивни. Пред се, диетата има почеток и крај. Односно, има конкретен ден кога почнувате и поради тоа што голем број од луѓето кои ги практикуваат, сакаат да го намалат вишокот килограми, ги практикуваат одреден временски и потоа престануваат со нив. Ннајчесто затоа што не можат да издржат долг временски период да бидат лишени од своите омилени видови на храна и одредени макронутриенти или се доволно истрајни да издржат 2-3 месеци и да ја достигнат посакуваната цел. Кога ќе заврши диетата, следува период пост-диета на тешко адаптирање и на момент „што сега“ и тоа најчесто резултира со јо-јо ефект, односно враќање на килограмите или полошо - додавање на нови. Така е поради краткотрајното присилно менување на навиките на исхрана и целокупниот грешен пристап кој резултира негативно.
За разлика од диетата, здравиот начин на исхрана подразбира конзумирање на сите макро и микронутриенти во балансиран, соодветен сооднос. Секој од нас треба да внесува доволно протеини, јагленохидрати, масти, витамини, минерали во сооднос кој треба да биде дефиниран според целта, потребите и можностите. Воопшто не треба целосно да се елиминира некој макро или микронутриент. Најдобро е да конзумираме што помалку или воопшто непреработени видови на храна, односно во онаква форма каква што можат да бидат најдени во природата.



Факултети.мк: Работите како професионален и персонален фитнес тренер. Колку се нашите граѓани заинтересирани за ваков вид активност и кој повеќе Ве ангажира, мажи или жени?

- Последните 3-4 години, како што се зголемува интересот за фитнесот, така оние кои започнуваат да се занимаваат со тоа имаат потреба и желба да бидат водени од стручно лице. Кога јас имал шанса повторно од почеток да се занимавам со фитнес, дефинитивно првата инвестиција би ми била најмување на персонален тренер. Со тоа, би заштедил многу време, финансии и енергија. Тоа што би сакал да го постигнам, би го постигнал на многу побрз и поефикасен начин. Зачудувачки, интересот моментално е еднаков и од мажи и од жени. Секако, повеќе мажите започнуваат посериозно со фитнес и повеќе ме ангажираат тие, но и жените брзо ги стигнуваат.

Факултети.мк: Веќе и да нема светска музичка или филмска ѕвезда која нема личен фитнес тренер. Каква е состојбата на ова поле со нашите јавни личности? Дали Ве ангажираат и кој најмногу?


- Фитнесот е глобален тренд, а нив најчесто ги диктираат светските ѕвезди од секоја индустрија. Сега е модерно сите да бидат фит, да изгледаат убаво и убаво да бидат облечени. Не само да имаат убави, скапи парчиња облека на нив, туку и добро да им стојат. Да, точен е фактот дека сите познати имаат свои лични фитнес тренери, едукатори, консултанти и на други полиња. Дури и професионалните спортисти имаат свои тренери, иако се речиси на врвот на пирамидата на професионализмот. Тоа е така затоа што секогаш има некој кој што знае повеќе од нас и секогаш има простор за повеќе да се научи. Да, сум бил ангажиран од јавни личности. Ме радува фактот што и тие, јавните личности кои би требало да се примерот во општеството поради позицијата во која се наоѓаат и популарноста која ја имаат да бидат оние кои го даваат правецот на повеќе полиња, па така и за тоа како треба една просечна личност да изгледа и да се носи. И да, не секоја јавна личност е „надуена“ и арогантна како што повеќето размислуваат. Некои од нив се многу доблесни и приземни.