ЗЏМ, Феигл и „Битлси“ - возбудлив почеток на нова џез-приказна!

ЗЏМ, Феигл и „Битлси“ - возбудлив почеток на нова џез-приказна!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска


 
Салонот на Македонската опера и балет да беше двојно поголем, пак ќе немаше празно столче за првиот концерт на Здружението на џез музичари, што се одржа синоќа, на тема „Битлси“. Возбудена публиката, уште повозбудени 17-темина музичари од биг-бенд составот (и двајца гости), кои годинава одлучија да ги здружат силите и да настапуваат заедно, под кратенката ЗЏМ. Нивната искрена намера ја препозна и диригентот од Австрија, Сиги Феигл, невидено харизматичен музичар и диригент, одличен познавач на биг-бенд оркестрите, кој им даде огромна поддршка на македонските џез музичари.



Речиси сите членови на составот имаат своја меѓународна кариера или се членови на други музички состави. На дел од нив, Феигл им е професор на Факултетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Феигл (облечен во чевли во различни бои) не штедеше комплименти за нашите музичари, ги фалеше при секое соло и на сите до еден им го знаеше името и презимето, иако во Скопје дојде два дена пред концертот. Сподели дека соработувал со многу вакви бендови, но дека нивото со кое овој состав ја почнува својата приказна е многу високо. Публиката лесно ги препозна џез аранжманите направени од американски музичари токму за биг-бенд состави - Hard Day Night, Eleanor Rigby, Ticket to Ride, Norwegian Wood, Day Tripper, Here, There and Everywhere, Get Back, Can’t Buy Me Love, Michelle, Hey Jude...И Феигл изведе одлично соло со саксофон, на композицијата Michelle.



Кире Кузманов, Гоце Стевковски, Трајче Велков, Иван Иванов, Сашко Николовски беа само дел од музичарите кои публиката ги наградуваше со аплаузи за своите соло-изведби. Со оглед на тоа дека влезниците за концертот беа распродадени молскавично брзо, „Битлси“ како избор се покажа сосема оправдан за прво претставување на овој состав.

Диригентот Феигл побара поддршка од публиката и во иднина, што сигурно нема да недостига, а музичарите од ЗЏМ нека се подготвуваат побрзо за следниот концерт. Празници се ближат!

Фото: Дивна Жежовска