Фреската со Чифлиганец можеби е кич, ама не е погрешна

Фреската со Чифлиганец можеби е кич, ама не е погрешна

Подготвил: В.Ф

Всушност, во фреската нема ништо спорно. Станува збор за ктиторска композиција која според црковната традиција најчесто се слика во долната зона на јужниот ѕид на наосот (делот каде се собираат верниците кој завршува пред олтарот кој е наменет исклучиво за свештениците). Историчарите на уметност велат дека според визнатиската традиција, тој што ја плаќа изградбата на црквата (ктитор) секогаш се претставува во целосна височина, со моделот на црквата која ја држи в раце.




Фрескоживописот во црквата „Св. Јован Крстител“ во скопската населба Ново Лисиче деновиве беше топ тема на социјалните мрежи поради фреската на која е насликан донаторот на храмот, бизнисменот Ванчо Чифлиганец и неговото семејство. Секакви коментари може да се прочитаат на „Фејсбук“, а најмногу од нив беа осудувачки и шегобијни. Но, имаше и онакви кои се обидуваат да објаснат кој е причината за претставата на биснисменот во црн костум, со одликување на едниот ревер, а во рацете држи црквичка.

Всушност, во фреската нема ништо спорно. Станува збор за ктиторска композиција која според црковната традиција најчесто се слика во долната зона на јужниот ѕид на наосот (делот каде се собираат верниците кој завршува пред олтарот кој е наменет исклучиво за свештениците). Историчарите на уметност велат дека според визнатиската традиција, тој што ја плаќа изградбата на црквата (ктитор) секогаш се претставува во целосна височина, со моделот на црквата која ја држи в раце.

- Така се сликани и Константин и Еелена, и Јустинијан и Теодора, српските цареви Душан, Милутин кои во средниот век граделе многу цркви и на територијата на денешна Република Македонија. Според тоа како зографите ги сликале ктиторите, ние денес можеме да заклучиме како се облекувале великодостоинствениците во тоа време, каков накит носеле. Доколу е сочувана оригиналната фреска, можеме да заклучиме и дали имало уривиња и доградби на црквата, бидејќи моделот што го држел ктиторот в раце секогаш бил идентичен со изгледот на црквата - велат историчарите на византиската уметност.



Црквите секогаш се живописале според определени правила и редослед (канон) од кој немало  отстапувања. На пример во куполата секогаш се слика Исус Христос (во определена позиција), а нему и на неговата мајка, Богородица, се издвоени највисоките делови во олтарниот простор кој се смета за најсвет. Куполата секогаш се извива над четири триаголни носачи (пандантифи) на кои по правило се сликаат четворицата апостоли евангелисти - Матеј, Марко, Лука и Јован или нивните симболи. Црквите секогаш се живописани во зони, кои се поделени во многу сцени. За сите нив има правило каде и како може да се претстават. На пример, сцената со успението на Богородица секогаш се слика на внатрешниот западен ѕид, веднаш над вратата од храмот.

Слични реакции предизвика пред неколку години и живописот во радовичката црква „Св. Троица“ и фреската на ктиторот на оваа црква, бизнисменот Ристо Гуштеров.

Наша читателка вели:
- Случајно ми е познат податокот дека станува збор за ктиторска композиција која е на своето место. Се разбира дека било смешно ако ктиторот е претставен во царска одежда, со круна на главата, како во средновековните цркви. Сметам дека треба да се „фати“ моментот на денешното време. Но, веројатно е избран невкусен начин на претставување на денешните донатори на црквите, штом граѓаните толку бурно реагираат. Од друга страна, тоа покажува и колку луѓето се неупатени во својата вера и релегија - вели Марија Стојковска од Скопје.

Слични реакции неодамна имаше во Србија, откако медиумите објавија фреска во новоизградената црква „Св. Јован“ во Крушевац, на која е претставен поранешниот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ. И во овој случај станува звор за ктиторска композиција бидејќи Гашиќ ја финансирал изградбата на црквата. Но, на фреската тој е реалистично насликан, со бела кошула и костум, но покриен е со едноставна наметка во православен манир.