Искуства на нашинци:  Дали може да работите со македонска диплома во некои европски земји?

Искуства на нашинци: Дали може да работите со македонска диплома во некои европски земји?

Подготвил: М.Ф.

Ако сте заминати во некоја од европските земји, без оглед дали сте факултетски образовани, но имате и диплома за средно стручно образование, сепак истата може да ви биде од корист и да ви помогне да најдете работа. Во ниту една држава нема да може веднаш без дополнително учење да може да работите бидејќи на нашите дипломи пред се им недостасува практична настава. Барем тоа е искуството на Душица, Жаклина и Сумеја кои живеат во Германија и Италија. За жал тоа не е така со многу од дипломите по високо образование од пред десеттина и повеќе години, особено по општествени науки кои буквално не важат ништо.



Душица во Берлин живее десеттина години и до пред една година не работела никаде. Родила две деца и се посветила на мајчинството, но еден ден се запрашала што може да работи со нејзината диплома од Филолошкиот факултет од Скопје и од дипломата од средно училиште за завршена медицинска сестра.

- Се обратив во Заводот за вработување од каде ме упатија што треба да направам за да може да работам по струка, како медицинска сестра. Прво требаше да одам на курс и да се стекнам со знаење по германски од ниво Б2. Ги преведов документите од македонски јазик и чекав да ми кажат дали училиштето ми е признато. Како и што очекував дипломата по македонски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет не ми вреди ништо, а за средното медицинско ми кажаа дека имаме премалку пракса и мора да се полагаат некои испити. Се обратив и до министерството за здравство од каде ми кажаа дека е отворено училиште за медицински сестри токму за вакви случаи како мене, дојденци во Германија со завршено средно медицинско образование во други земји. Требаше да учам само 11 месеци од кои најмногу практична настава. Ваквото училиште во Германија инаку е три години. Бенефициите од мојата диплома од Македонија ми беа скратување за две години школо што би го учела три.

Бидејќи медицинските сетри се дефицитарен кадар, општината ми го плати школувањето кое чинеше 9.000 евра. Се израдуваа дури кога дознаа дека сакам да учам. Со оваа струка дефинитивно никогаш нема да останам без работа. Уште додека учев ми стигаа многу понуди за работа. Системот е добро организиран. Сега работам во приватна болница, во одделот за приватни пациенти и имам прекрасни услови заработа и добра плата. Работам само 15 дена во месецот по моја желба за да имам време за моите деца. До пред две три години не беше вака лесно да се стекне образование, мислам дека со мојата диплома од средно не ни смеев да работам како медицинска сестра, туку само како болничарка – раскажува Душица.

Слично како неа поминала и Жаклина која живее во помал град во Германија. И таа има завршено средно медицинско училиште во Македонија и вели дека споредбата со германското образование покажала дека има премалку практична настава.

-Процедурата е следна: Ги носиш преведени документите во соодветната институција во градот каде живееш и тие прават споредба на дипломите. Кај мене утврдија дека многу е голема разликата па одев дополнително на часови една година, плус пракса и на крај полагав државен испит и јазик. Чинеше 10.000 евра, но ми го плати градот бидејќи медицинските сестри се дефицитарен кадар, а башка бев без работа, а Германците се грижат на секој да му најдат работа. Јас најдов работа во старски дом и сум задоволна – вели Жаклина, која сепак потенцира дека оваа мора да се има дозвола за престој во Германија, или да се работи за дефицитарни кадри кои и се потребни на државата, за да се добие дозвола за престој и учење.

Инаку, Германија пред една година изгласа посебен Закон за признавање на средното стручно образование од земјите од Западен Балкан, што значи дека процедурата сега е уште полесна.

Во Италија пак, образованието е многу поразлично од нашето. Сумеја која во Италија живее десеттина години дознала дека таму не постои струката фармацевтски техничар, дипломата која ја имала в џеб кога се преселила таму. Кога и ги превела документите ја советувале да учи за социјален техничар, обучено лице да работи со лица со посебни потреби бидејќи така може да и бидат признаени некои часови. Се запишала и учела две години плус пракса од 200 часа, наместо пет колку што се учи за оваа струка. И кажале дека на македонската диплома по фармацевтски техничар и недостасувале многу часови практична настава.

-Прво бев разочарана, за џабе сум учела во Македонија, но тоа е тоа. На пример мојот брат кој студираше Медицински факултет во Скопје три години, кога дојде тука мораше одново да се запише на факултет, бидејќи ништо не му признаа од положените испити. Слично како и за средното, му искоментирале дека нема ни далеку од доволно поминато практична настава – вели Сумеја.