Наставници од целиот свет: „Наставникот е актер, писател, доктор, адвокат, политичар - кој не би го сакал тоа?“

Наставници од целиот свет: „Наставникот е актер, писател, доктор, адвокат, политичар - кој не би го сакал тоа?“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Познатата британска веб страна Telegraph.co.uk, спроведе интересно интервју со наставници кои доаѓаат од различни земји во светот за предизвиците со кои се соочуваат во оваа професија.

 

nasttavnik


Аистотел за наставниците: „Оние кои ги едуцираат децата добро треба повеќе да се почитуваат од оние кои ги произведуваат; бидејќи тие само им далњ живот, а овие другите уметноста на доброто живеење“.

Можеби не изненадува фактот што овој грчки филозоф зборувал толку високо за оваа професија, со оглед на тоа што самиот тој бил учител на Александар Македонски и потоа го основал Училиштето за филозофија во Атина.

Аристотел препознал колкаво значење имаат добрите наставници и за образованието на едно дете, но и за животот на ова дете. Ова е разбирање кое се чини дека дегенерирало со текот на времето.

Според анкета спроведена во 2015 година, повеќе од половина од вкупниот број на наставници размислуваат да ја напуштат професијата во наредните две години, поради обемот на работата и нискиот морал. И секако, проблемот е глобален. Според новите податоци објавени од страна на УНЕСКО Институтот за статистика, до 2030 година во светот ќе бидат потребни 68.8 милиони наставници доколку сакаме да ја исполниме целта на универзално основно и средно образование.

Затоа е ова е добар момент да размислиме за моќта на наставниците да го променат образовниот систем во една земја.

Утре, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ќе ги објави резултатите од најновото тестирање - Програмата за меѓународното оценување на учениците (ПИСА) која всушност е тригодишна глобална студија и ги разгледува стандардите на математиката, писменоста и науката на 72 земји оваа година, а меѓу овие земји е и нашата.

Ова е студија која лесно може да предизвика промени во рамките на секторот. Кога резултатите од проценките беа објавени во 2012 година, земјите ширум светот објавија: „Јазот се проширува помеѓу студентите во Нов Зеланд“, „Американските ученици заостануваат воглавно во математика“ и слично.

Шангај и Сингапур беа пофалени од целиот свет за нивните резултати. Навистина, после резултатите, владата на Британија основа 35 центри за математика во Англија, во обид да се подобрат стандардите, држејќи им обуки на наставниците за да можат да ја предаваат програмата која се изучува во азиското образование.

 


Но, што е она кое навистина прави разлика? Според Андреас Шлајхер, директор за Образование и вештини во ОЕЦД, наставниците се на врвот на листата кои можат да предизвикаат вистински промени.

„Источна Азија направи навистина различни избори. Кога и да избираат помеѓу помал клас или подобар наставник, тие секогаш го избираат наставникот. Многу земји кои имаат високи резултати во образованието ги гледаат наставниците во различна улога. Улога која оди над учењето во училницата, до поблизок ангажман на наставниците во развивање и споделување на професионалното знаење“, вели Шлајхер.

Едноставно кажано, добрите наставници создаваат одличен образовен систем, но како да добиеме добри наставници да се приклучат во оваа професија?

Едно нешто е сигурно. Поголемиот дел од наставниците се во училницата бидејќи сакаат да им помогнат на децата да го постигнат најдоброто.

За да откриете повеќе за предизвиците со кои се соочуваат наставниците во целиот свет, Telegraph во соработка со Британскиот совет ги праша наставниците од целиот свет што мислат за нивната професија.

1. Кој беше вашиот омилен момент како наставник?


Седат Дагтекин, Турција (24 години професор по математика)


Предавав во VII одделение во 1994 година. За време на часот, кога ја пишував задачата на таблата, еден од учениците од задниот ред стана и започна да изведува нешто со цел да ги насмее соучениците, претпоставувајќи дека не можам да го видам, иако на белата табла се рефлектираше сликата позади мене.

После некое време, без да се вртам кон класот, му реков да седне и да го реши проблемот. Беше шокиран и не сфаќаше како можам да го гледам. За да тестира дека навистина го гледам, ја подигна десната рака. Повторно, без да се свртам, му реков: „Не знаеш дека некои наставници имаат очи на грбот? Зошто се'уште ја креваш раката?“. Беше шокиран, и со растреперен глас ме праша: „Но, но... како ме видовте?“

 

1
Седат Дагтекин, Турција


Лаура Гуигнини, Италија (28 години професорка по англиски јазик)


Секогаш се сеќавам, со голема емоција, на последниот тест на еден мој ученик. Тој беше глув уште од раѓање и се срамеше да зборува, дури и на италијански. Сепак, го сакаше англискиот јазик, и сакаше да научи. Му беше потребно долго време, но на крај одлучи да зборува и да полага тест усно, и покрај тоа што можеше да избере писмен тест.

За време на неговото усно излагање тој презентира краток дел од програмата на англиски јазик. Сите беа воодушевени, а кога заврши никој не можеше да каже буквално ништо. И ден денес се'уште сум горда на ова момче.

Наталија Пенер, Казахстан (31 година професорка по англиски јазик)


Пред многу години, еден ученик после часот ме праша зошто ја избрав оваа професија. Ми рече дека не може да сфати зошто луѓето работат како наставници со оглед на тоа што платата е ниска и постојат многу предизвици и одговорности кои ги носи оваа работа. Ми рече дека неговата мајка е сметководител и работи само половина од денот, а за тоа добива прилично многу пари. Ова беше прв пат кога јас сфатив зошто сум наставник.

Заборавив на разговорот, но една година подоцна отидов на пат во друг град со група ученици од училиште, и овој ученик беше меѓу нив. Бев изненадена кога на железничката станица ме поздравија многу мои поранешни ученици. Секоја вечер доаѓаа во мојот хотел за да разговараат со мене. Се сеќавам дека токму овој ученик ми рече дека дури сега сфати што значи да се биде наставник.

Дрита Емрулаху-Карсничи, Косово (37 години професорка по англиски)

Се сеќавам беше рано утро пред доручек, и јас на час на учениците им читав за храната и состојките за правење пица. Забележав еден ученик кој несвесно правеше врева како да јаде додека читав. Не можев да продолжам со оглед на неговите звуци, па и јас и целиот клас започнавме да се смееме со солзи.


Снежана Цигановиќ, Србија (33 години професорка по англиски јазик)


Потекнувам од Белград, меѓутоа се омажив во Дубровник, Хрватска каде предавав во основно одделение. Започна војната и беше прилично непријатно бидејќи јас бев „непријателот“. Имаше еден прилично тежок ученик од кој секој се плашеше, меѓутоа јас некако успеав да се усогласам со него.

Секако, тој беше еден од првите кој се пријави за војска. Еднаш го сретнав на улица, а тој беше облечен во воена униформа. Не знаев што да очекувам. Но, тој ми се приближи и ми рече: „Немој да се грижиш. Ништо лошо нема да ти се случи. Јас ќе се погрижам за тоа. Ќе те заштитам и тебе и твоето семејство“. Понекогаш се'уште се среќавам со него кога ќе одам Дубровник.

 

3
Снежана Цигановиќ, Србија

 

Франсис Муема, Кенија (18 години професор по домашна економија и компјутерски науки)

Еден посебен момент за мене како наставник беше тренирањето на моите ученици тенис и бедминтон; се подобривме од мало училиште во село до национално ниво. Од 2003 година, мојот тим успеа да се издигне како најдобар.

Нашиот локален весник започна да пишува за нас, а тоа беше вистинска мотивација и за мене и за моите ученици.

Фареда Етала, Јужна Африка (25 години професорка по јазици, математички и животни вештини)


Пред неколку години, предавав заедно со еден постара професорка која секогаш добиваше лешници од ученичка. Тие секогаш беа во мала пластична ќеса.

Еден ден, таа ја праша ученичката од каде ги доби. Нејзиниот одговор беше бесценет - рече дека ги зема од нејзината баба. Татко ѝ секој ден ѝ купувал чоколадо со лешници, меѓутоа баба ѝ немала заби, па го шмукала само чоколадото, а лешниците ги плукала, па така ученичката ги собирала за наставничката. Реакцијата ѝ беше бесценета кога ја слушна приказната, а јас до ден денес се смеам на случката.

2. Кој бил најголемиот предизвик за образованието во вашата земја?

Стефан, Германија (4 години професор по англиски и хемија)

Во Берлин, бројот на ученици се зголемува. Многу семејства се преселуваат, а постои и значителен број на млади бегалци кои треба да се интегрираат во општеството. Во моето училиште, имаме среќа што имаме ученичко тело со отворен ум, кое е и повеќе од среќно да им помогне на новите ученици.

 

4
Стефан, Германија

 

Д-р Софија Китсоу, Грција (20 години професорка по англиски јазик)

Економската криза предизвика одредени ограничувања во образовниот систем. Скратена е една третина од буџетот за образование. Со цел да се случи некаква сериозна образовна реформа, потребно е одредено ниво на финансии. Сепак, парите не се единствен проблем. Образовните реформи се силно исполитизирани.

Наталија Пенер, Казахстан (31 година професорка по англиски јазик)

Наставниците немаат голема слобода да избираат учебници за кои веруваат дека одговараат на програмата; можат да избираат само од оние кои се вклучени во листата составена од Министерството за образование.

Ма Зи, Кина (6 години професорка по кинески јазик)


Според мене, најголемиот предизвик е како да се реформира образованието во глобален контекст. Моментално, во Кина, поголемиот дел од училиштата немаат шанса на размена помеѓу професори и студенти кои имаат друга културна позадина.

Наставниците само знаат како да предаваат од учебниците, а не прават ништо за да ги инспирираат и охрабрат учениците.

Фнајан Јех, Тајван (33 години професор по англиски јазик)

Ниската стапка на наталитет резултираше во драстично намалување на запишувањето на учениците, што значи дека бројот на наставници е преголем.

Друг предизвик е подобрувањето на моралот на наставниците и опремувањето на наставниците со ефикасен професионален развој за тие да бидат способни да ги опремат најмладите со способности за овој свет кој брзо се менува.

 

5
Фнајан Јех, Тајван


Франсис Муема, Кенија (18 години како професор по домашна економија и компјутерски науки)


Моментално предавам во Каџембе средното училиште, на периферијата на Момбаса. Многу од учениците доаѓаат од дисфункционални семејства, а дел од нив се сираци. Една од најтешките работи во предавањето за мене е сиромаштијата и недостатокот на ресурси за предавање, со што е тешко учениците да го разберат самиот концепт на предавање.

Олга Сапукна, Русија (8 години професорка по компјутерски науки)


Верувам дека училиштата треба да се мирни острови во овој свет кој брзо се менува. Секој кој ќе влезе низ училишните врати треба да се чувствува како да е дома, безбеден. Поради ова, образованието мора да биде променето доста внимателно. Мајката, таткото, бабата и дедото сакаат да знаат дека нивното дете учи. Секоја иновација треба внимателно да се провери пред да биде имплементирана.

 

7
Олга Сапукна, Русија


3. Што е најтешкото нешто во оваа професија?

Стефан, Германија (4 години професор по англиски и хемија)

Менаџирањето со времето е голем проблем, особено во Берлин, бидејќи од нас се бара да предаваме 26 часови неделно. Пред неколку години фондот на часови беше 24, а пред тоа беше и помалку. Како резултат на ова, работата може да достигне и до 60 часа неделно, во зависност од тоа колку ви одзема подготовката на часови, административните работи, менторирањето и туторството на учениците.

Мајасар Ал Итани, Либан (8 години професор по англиски јазик)


Мислам дека не постои лош дел во предавањето. Сепак, некои родители упорно се обидуваат да бидат мојот најлош непријател. Најдобриот дел од оваа професија е тоа што наставникот навистина може да направи разлика.

Снежана Цигановиќ, Србија (33 години професорка по англиски јазик)

Едно нешто се постојаните реформи и несигурноста со која се соочуваме кога има нова администрација. Секој сака нови реформи и е свесен дека нашиот образовен систем е застарен, но не постои јасна стратегија за иднината на образовниот систем.

Алаа Салех Ал Дасоки, бегалскиот камп Хитин, Јордан (7 години професор по англиски јазик)

Големиот број ученици на кои им предаваме во големи училници ја прави мисијата уште потешка како и природата на предавање странски јазик: учениците немаат допирна точка со англискиот јазик надвор од училницата.

Фареда Етала, Јужна Африка (25 години професорка по јазици, математички и животни вештини)

Најтешкото нешто е менаџирањето со класот особено доколку има премногу ученици и малку поддршка. И дисциплината е предизвик со оглед на тоа што учениците имаат различни позадини и култури.

4. Како вашата земја ги гледа наставниците?

Стефан, Германија (4 години професор по англиски и хемија)

Генерално, наставниците имаат повисок социјален статус отколку во другите европски земји. Ова се гледа на пример во платата. Сепак, наставниците во Германија не се свесни за ова и не се чувствуваат така. Секако, постојат негативни стереотипи за наставниците поврзани со работните часови и одморот кој го добиваат во текот на летото.

Хана Кучникова, Чешка (28 години професорка по англиски, историја и чешки)


Професијата наставник не се гледа како професија со висок стандард. Родителите не ги охрабруваат своите деца да станат наставници. Професијата и не е баш атрактивна, а мали се и платите. Ако сакаме идните генерации да ги имат правилните вредности и знаење, мора да ги регрутираме најдобрите кандидати за оваа професија.

Моис Алина Елена, Романија (8 години професорка по математика)


Малку по малку, наставниците го изгубија својот социјален статус: ова резултира со мали плати, тешки односи со родителите и лоша наставна програма како и недостаток на квалитет на образовни ресурси, бирократија и огромна количина на административни задачи.

 

8
Моис Алина Елена, Романија

 

Лаура Гуигнини, Италија (28 години професорка по англиски јазик)

Да се биде наставник и не е нешто големо во Италија, прво затоа што наставниците не се добро платени и второ затоа што луѓето мислат дека наставниците не работат доволно напорно и имаат премногу одмор.

Д-р Софија Китсоу, Грција (20 години професорка по англиски јазик)


Наставниците се портретирани како мрзливи и некомпетентни, незаинтересирани за учениците и заинтересирани само за нивната плата. Нормално, лесно е да имате некој кој ќе го обвинувате за проблемите во образовниот систем.

Наталија Пенер, Казахстан (31 година професорка по англиски јазик)

Многу работи се сменија во нашата земја во изминативе неколку години со цел да се подобри статусот на наставниците. Имаме многу поддршка од владата и од Министерството за образование и наука. Имаме многу професионални натпревари со многу награди. Постои и специјална програма од владата за млади наставници кои работат во селата: добиваат финансиска поддршка, куќа и дополнителни пари покрај нивната плата.

Фатитма Сулејманова, Азербејџан (27 години професорка по англиски јазик)


Интересно, кога зборуваат за наставниците, многу луѓе замеруваат за кратките работни часови и долгите одмори. Но кога луѓето го гледаат моето предавање како позитивно, дури и восхитувачко, велат: „Не би можел да ја работам твојата работа“. Постои почит за оваа професија, не не многу почит за наставниците.

Снежана Цигановиќ, Србија (33 години професорка по англиски јазик)


И покрај се', наставниците се гледаат како важен дел од општеството. Но, ситуацијата се влошува. Родителите очекуваат наставниците да предаваат но и да ги преземат задачите кои се за родителите. А ако нешто не оди како што треба, наставниците се тие кои секогаш се виновни.

5. Зошто ја избра токму оваа професија?


Лаура Блејк, Англија (1 година професорка по англиски јазик)


Работев здодевна работа и започнав да разговарам со една наставничка која заминуваше во пензија. Ми рече, да се биде добар наставник потребен е ентузијазам и љубов кон младите луѓе - сфатив дека ги имам потребните карактеристики.

Ма Зи, Кина (6 години професорка по кинески јазик)

Избрав да бидам наставник бидејќи сум сретнала многу одлични наставници во мојот живот; и секако, многу лоши. Доаѓам од сиромашно семејство. Моите родители работеа напорно за да платат за моето образование, па не можеа да ми купуваат брендирана облека. Се сеќавам дека наставниците постојано ме понижуваа и исмејуваа пред цел клас.

На мојата другарка ѝ реков дека ако сум наставничка секогаш ќе ги сакам моите ученици.

Јоср Чедиак, Либан (20 години професор по биологија)

Со оглед на тоа што имав искуство како лидер извидник, бев фасциниран од тоа како една личност може да влијае и да го промени животот на другите. Наставникот може да допре до животот на многу ученици и да ги мотивира да го ценат учењето и да го откријат својот потенцијал.

Олга Сапукина, Русија (8 години професорка по компјутерска наука)


Наставникот е актер, писател, доктор, адвокат, политичар, уметник и режисер. Кој не би сакал да биде сето ова?

 

9
Олга Сапукина

 

6. Колку контрола имате врз она што го предавате?

Моис Алина Елена, Романија (8 години професорка по математика)


Со оглед на рестрикциите во наставната програма, би рекла дека и немам баш голема контрола. Морам да им обезбедам информации на учениците кои им се потребни за да постигнат успех на испитите.

Како и да е, имам контрола врз тоа што предавам и како можам да ги натерам да се заинтересираат за математиката.

Седат Дагтекин, Турција (24 години професор по математика)


После 24 години можам да речам дека имам целосна контрола врз наставната програма по математика и врз она што го предавам. Сепак, образованието и предавањето се динамични концепти и не треба да тапкаат во место. Ова значи дека наставниците треба континуирано да ги подобруваат своите вештини во секој аспект на предавањето.

7. Како оваа професија се промени во текот на вашето работење како наставник?


Хана Кучникова, Чешка (28 години професорка по англиски, историја и чешки јазик)


Повеќето од професиите се променија во однос на интегрирањето на технологијата во создавањето на дигитални извори, презентации и проекти.

На почетокот се сеќавам дека само го користев учебникот и таблата. Сега учениците учат како да се независни, како сами да ги пронајдат одговорите. Во предавањето денес, ниту еден ден не е ист.

 

10
Хана Кучникова, Чешка

 

Дрита Емрулаху-Карсничи, Косово (37 години професорка по англиски)

Предавањето помина низ многу промени. Имаше и напредок и регресија. Во 80-те, постоеше желба за учење за подобар живот. Во 90-те немаше традиционално учење туку во домашни училишта. Откако заврши конфликтот, образованието помина низ многу промени. Денес, со развивањето на технологијата и со новата програмска рамка, наставниците ја менуваат улогата и им помагаат на учениците да ги разберат целите и да им покажат како да ги реализираат.