Боб Дилан не се појави на доделувањето на Нобеловите награди

Боб Дилан не се појави на доделувањето на Нобеловите награди

Подготвил: Б.Б.


Боб Дилан

Свечено облечени, овогодишните добитници на Нобеловата награда за медицина, економија, физика и хемија ги примија своите награди на гала свеченоста во саботата во Стокхолм, но меѓу нив не беше aмериканската музичка икона, Боб Дилан, добитникот на Нобеловата награда за книжевност.

Претходно во текот на денот, Нобеловата награда за мир му беше врачена на колумбискиот претседател, Хуан Мануел Сантош, за неговите напори да се стави крај на педестегодишниот конфликт со марксистичките бунтовници од FARC.

Деветмината присутни лауреати ги примија наградите од кралот Карл Густав Шеснаесетти, во концертната сала украсена со илјадници розови рози и амаралиси, кои ги донираше италијанскиот град Сан Ремо, каде почина Алфред Нобел на 10 декември 1896.

Но, Боб Дилан не беше меѓу нив. Се извини дека е зафатен, потег што ја навредил Шведската академија, односно Нобеловата фондација.

Дилан (75) е првиот музичар и текстописец што ја добил оваа престижна награда.

Американската пејачка Пети Смит, видно возбудена, ја изведе неговата песна „A Hard Rain´s A – Gonna Fall“ пред 1.500 гости.

Дилан испрати свој говор со благодарност, што беше прочитан на гала вечерата во градското собрание, на која беа поканети 1.300 гости и кралското семејство. Наградата на Дилан ќе му биде врачена лично наредната година или во Шведска или некаде во странство.