Од Скопје до Тирана побрзо се стасува со автомобил отколку со авион

Од Скопје до Тирана побрзо се стасува со автомобил отколку со авион

Подготвил: Д.Ф

До дел од регионалните метрополи нема директни летови од Скопје и мора да се менуваат еден или два лета, поради што понекогаш е многу поекономично до нив да се патува „на четири тркала“.



Како побрзо ќе стигнете од Скопје до Тирана, со авомобил или со авион? Иако е логично одговорот да биде второто, логиката треба да ја оставите на страна кога летате со авион од Македонија до земјите во регионот бидејќи патувањето до дел од нив може да ви одземе и по 19 часа, а билетот да ве чини и над 5.000 евра.

Од македонската метропола до земјите во поблиското и подалечното опкружување директно може да се лета до Белград, Загреб, Љубљана и Истанбул. До другите градови како што се Сараево, Подгорица, Тирана, Софија и Атина директно може да се стигне само по копнен пат и тоа најчесто за многу пократко време отколку  дотаму да летате со авион бидејќи треба да смените најмалку еден авион и да изгубите минимум дополнителни два часа во чекање.

Поради ова, македонските граѓани се соочуваат со парадоксални ситуации кога треба да летаат до некоја од регионалните метрополи, при што многу поисплатливо и побрзо им е да патуваат до нив со автомобил отколку со авион. Според цените на авиобилетите во онлајн продажба, како и во туристичките агенции  што посредуваат при нивната продажба, авиобилет до регионалните метрополи чини од 248 евра нагоре, при што за некои земји достигнува цена и од над 5.000 евра, во зависност од авиокомпанијата, колку авиони се менуваат, како и од времето на чекање помеѓу летовите.  
На пример, патувањето од Скопје до Тирана со автомобил трае околу 5 часа, за колку што се поминува делницата долга 287 километри. За да стигнете од Скопје до Тирана со авион ќе ви требаат најмалку 10,5 часа, со менување на еден авион во Истанбул. Ова патување може да трае и неверојатни 26 часа и 40 минути доколку го изберете летот од Скопје до Тирана преку Истанбул и Рим, за кој картата чини 5.144 евра.

До Сараево со автомобил се стигнува за 10 часа. Со авион, најбрзо може да стасате за 7 часа, но тоа “задоволство“ чини 1.335 евра и менување два авиона во Истанбул и Виена. Најевтиниот авионски билет од Скопје чини 248 евра, но затоа мора да се смени авионот во Истанбул при што целото патување трае 10 часа и 15 минути.
Од Скопје до Софија со автомобил патувањето трае оклу 4 часа, додека со авион до таму најбрзо може да се стигне за 4 часа и 25 минути и тоа со менување авион во Истанбул. Најевтиниот билет што може да се најде чини 323 евра, но тоа патување трае 10 часа и 25 минути. 

Во најповолна ситуација се тие што сакаат со авион од Скопје да стасаат до Подгорица. Најбрзо се стасува за 3 часа и 40 минути преку Белград, за разлика од патувањето со автомобил кое трае 6 часа и 20 минути. Сепак, доколку не се начека билет за овој лет, тогаш патувањето до црногорската метропола може да трае и 22 часа преку Љубљана и да чини 1.406 евра.
Според туристичките агенции кои продаваат авиобилети, немањето директни авионски врски меѓу Скопје и дел од градовите во регионот се должи на многу слабиот интерес на граѓаните за овие дестинации.

- Поради немање интерес, овие дестинации се нерентабилни и нормално дека ниту една авиокомпанија не сака да оперира на нив и свесно да влегува во загуба. Пред неколку години имаше директен лет од Скопје до Сараево и Подгорица, но за брзо линиите беа укинати бидејќи немаше интерес. Годинава летот до Сараево беше обновен, но за кратко компанијата повторно реши да се повлече. Од друга страна, немањето директни летови до блиските метрополи придонесува да растат и цените на авиобилетите поради конективните летови, па на граѓаните им е поисплатливо да патуваат низ регионот со автомобил - објаснуваат вработени во туристичкиите агенции.

Инаку, најкраткиот меѓународен лет е воведен од лани меѓу Виена и Братислава и трае 10 минути. Нискобуџетната компанија „Флај Ники“ реши да го воведе овој лет иако со автомобил од словачката до австриската метропола кои се оддалечени 79 километри се стасува за 1 час.