Очаен апел од Алепо: „Свету, зошто молчиш?“

Очаен апел од Алепо: „Свету, зошто молчиш?“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Околу 50.000 цивили се'уште се заробени во внатрешната зона на бунтовниците во Алепо, проценува ОН. Некои од нив се присутни онлајн, и од прва рака известуваат за тоа што се случува во градот.

 

alepo


Привременото примирје на Турција со Русија за источен Алепо не беше успешно, еден ден откако беше имплементирано. Турските власти и активисти го обвинија сирискиот режим и другите сили за тешко гранатирање и бомбардирање.

Лина Шами, активист од источниот дел на Алепо, на нејзиниот „Twitter“ профил пишува: „Асад и Иранците го прекршија прекинот на пукањето! Се случува геноцид!“

Во нејзината видео порака таа додава: „Цивилите се заглавени во градот повторно и никој не може да го напушти градот“.

Прекинот на огнот требаше да овозможи евакуација на бунтовниците и цивилите. Меѓутоа подоцна, во текот на попладневните часови, луѓето се'уште беа заглавени, а борбата продолжи.

Билал Абдул Карем, новинар од Сирија потврди дека бомбардирањето не престана.

„Откако беше постигнат договор, режимските сили интензивно продолжиле да го бомбардираат Алепо“, пишува тој.

Сала Ашкар, друг активист во Алепо вели: „Гранатирањето и бомбардирањето се враќаат, а цивилите се во паника и се кријат во засолништата“.

Бана, 7 годишното девојче кое е позната по нејзината активност на „Twitter“, раскажувајќи ги нејзините искуства од Алепо и војната, исто така го снимила интензивното бомбардирање.

„Му се обраќам на светот во живо од Источен Алепо. Ова е мојот последен момент да живеам или да умрам“, беше нејзиниот твит во четвртокот. Нејзината мајка, Фатема, твиташе од профилот на Бана во средата.

„Драг свету, во моментот има интензивно бомбардирање. Зошто молчиш? Зошто? Зошто? Зошто? Не' убива стравот, и мене и моите деца“.

Прекршено примирје


Сирискиот режим влезе во опустошеното Алепо на 27 ноември. Во само две недели тие успеале да ја преземат контролата во поголемиот дел од градот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата го обвини режимот дека го прекрши примирјето.

„Турција нема да ги остави граѓаните на Алепо сами“, изјави тој.

„Ги повикувам партиите и меѓународната заедница да го почитуваат прекинот на огнот, и да го поддржат. Хуманитарниот коридор треба да биде отворен и невините луѓе треба да си одат без пречки и саботажа. Луѓето од Источен Алепо треба да го напуштат градот живи и здрави“.