Успешна имплементација на интернационалниот образовен проект COOL!

Успешна имплементација на интернационалниот образовен проект COOL!

Факултетот за бизнис економија успешно заврши со имплементацијата на интернационалниот образовен проект COOL (Collaborative Online Learning), во кој како партнери се појавија Државниот Универзитет на Њу Јорк, Платсбург (SUNY) од САД и Универзитетот на Љубљана – Факултет за администрација (FAUL) од Словенија. Во проектот учествуваа околу 100 студенти од трите држави, кои соработува преку специјална платформа наречена BEP (Business Educational Platform), развиена под проектот ISPEHE (Иновативно стратешко партнерство за европско високо образование - Innovative strategic partnership for European higher education. ISPEHE се имплементира со поддршка на Европската комисија и Еразмус+ програмата, а воедно е најголем проект од овој вид во Република Македонија.



Целта на COOL беше студентите да добијат чувство како е да работат во интернационална средина, која се карактеризира со различни временски зони, организациски култури и голем број на други фактори. Крајниот резултат на COOL се 30 изработени маркетинг кампањи кои би биле спроведени во САД, Словенија и Македонија паралелно за идентични производи и услуги. На крајот беше организирана виртуелна конференција, на која беа презентирани кампањите пред претставници од бизнис заедниците од трите држави. Од Македонија, претставник од бизнис заедницата беше Марко Хорват, маркетинг и DEP менаџер на Кореа Ауто Трејд, која е прогласена за една од топ најуспешни компании во земјата од страна на Еуро Бизнис Центар.

Проектот се спроведе трета година по ред на ФБЕ, со тоа што оваа година е во најголем организациски капацитет. Координатор на ФБЕ за COOL е м-р Мартин Киселички, координатор за SUNY, Plattsburgh е проф. д-р Richard Gottschall, додека пак координатор за FAUL, Ljubljana е проф. д-р Primoz Pevcin. Студентите кои учествува од трите високо-образовни институции се дел од третата и четвртата студиска година.