Шкотите стравуваат од национална катастрофа

Шкотите стравуваат од национална катастрофа

Подготвил: Б.Б.


Иако Обединетото Кралство како целина гласаше за напуштање на Европската Унија на референдумот на 23 јуни, Шкотска одлучно го поддржала останувањето.

Фотографија од Шкотска

Плановите за преговори на Британија за излез од Унијата се случуваат во тајност, поради што стопанствениците и инвеститорите стравуваат дека Лондон можеби тежнее кон „тежок Брегзит“, при што контролата на имиграцијата би имала приоритет пред пристапот во европскиот единствен пазар, пишува британскиот Телеграф. 

Шкотската влада соопштила дека сака да остане дел од Унијата откако остатокот од Британија ќе истапи, поради што се планирало деновиве да ги изнесат плановите за останување во единствен пазар од 500 милиони потрошувачи во случај тоа да се покаже како невозможно.

„Во согласност со нашите ветувања дека ќе ги испитаме сите опции со кои би ги заштитиле интересите на Шкотска, ќе изнесеме компромисни предлози коишто, иако нема да донесат целосна корист од членството во ЕУ, ќе ја ублажат штетата од Брегзитот“, рекол Мајкл Расел, министерот на шкотската влада за преговори со ЕУ.

Како што истакнал, во средиштето на планот стои можноста Шкотска да си го задржи местото на европскиот единствен пазар.

„Намерата ни е да се разговара за нашите предлози и тие да се прифатат во контекст на Британија, а потоа да бидат дел од вкупната преговарачка позиција на британската влада кога ќе се активира Членот 50“, рекол Расел.

Тој напоменал дека планот се соочува со „комплексни прашања“, но нагласил дека „тешкиот Брегзит“ загрозува 80.000 работни места во Шкотска во 10-годишен период.

„Тоа би била национална катастрофа за Шкотска. За сите Брегзит е предизвик без преседан, а со добра политичка волја од сите страни и подготвеност за соработка, овие предлози можат да ѝ донесат решение на Шкотска“, заклучил шкотскиот министер. 

Британската премиерка, Тереза Меј, соопштила дека ќе го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор, односно формалната процедура за излез од ЕУ, до крајот на март 2017 година, со што ќе почнат двегодишните преговори за излезот.

Меј ветила дека ќе соработува со владите на Шкотска, Велс и Северна Ирска, со цел постигнување единствена преговарачка стратегија за Брегзит, што носи ризик по повеќевековната унија на Англија и Шкотска.

Шкотите го отфрлија отцепувањето на референдумот во 2014 година, но владеачката национална партија на Шкотска предупредила дека би можела да одржи и второ гласање за независност, потсетува британскиот Телеграф.