Австриски нем филм од 1924 година го антиципира холокаустот

Австриски нем филм од 1924 година го антиципира холокаустот

Подготвил: Б.Б.


Фотографија од филмот „Град без Евреи“

Секвенци од најзначајниот австриски нем филм „Град без Евреи“, за кои се верувало дека се неповратно изгубени, случајно биле пронајдени минатата година на париски болвин пазар (за половна стока), а потоа биле преземени од Австриската кинотека.

Филмот што е заснован на романот на еврејскиот писател и новинар Хуго Бетауер, снимен во Виена во 1924 година, го навестува општеството интелектуално и економски осиромашено поради прогонот на еврејската популација.

Новооткриените секвенци фрлаат ново светло врз рецепцијата на филмот.

Досега непознатите сцени го прикажуваат животот на Евреите во општество во кое се поттикнува омразата кон нив. Сцените ја нагласуваат политичката порака на филмот преку отсликувањето на силниот антисемитизам во Виена меѓу двете светски војни.

Лесно запалливиот нитратен материјал на филмските ленти за кои се верувало дека се изгубени, покажуваат знаци на распаѓање.

Најважна работа е да се спаси филмот со префрлување на безбедна лента. Потоа мора да се реставрира и да се вметне во постоечка верзија.

Бидејќи финансиската помош од јавниот сектор не била доволна за итно да се изврши зачувување на материјалот, Австриската кинотека ја организирала досега најголемата културна кампања за собирање средства, со цел „Град без Евреи“ да се сочува од уништување.

По завршувањето на реставрацијата, филмот ќе биде прикажан доцна наесен во 2017 година, во првобитна верзија што последен пат била проектирана пред 90 години.  

Филмска лента со сцени од „Град без Евреи“