По 54 години изградба, пуштен во употреба автопат во Италија

По 54 години изградба, пуштен во употреба автопат во Италија

Подготвил: Б.Б.

Најдолгиот проект од јавната сфера во Италија, изградбата на автопатот што минува низ Калабрија, после 54 години од почетокот на градбата, во четвртокот беше пуштен во употреба.

Автопат

Датумот на свеченото пуштање во употреба го одреди, сега веќе поранешниот премиер, Матео Ренци пред 10 месеци, кој исполнувањето на овој рок го претвори во прашање на национална гордост. Сепак, постои значителен скептицизам околу прашањето дали инфраструкрата е навистина подготвена.

Агенцијата што управува со италијанските патишта, ANAS,  го опишува автопатот А3 од Салерно до Реџо Калабрија во должина од 443 километри, како инженерско чудо со 190 тунели и 480 мостови кое поминува низ планински предел.

Автопатот што требаше да биде завршен уште во 1972 година, бил пуштен во сообраќај во 1974, но со делници кои повеќе наликувале на локални патишта отколку на автопат со метеж и застои, особено во летните периоди.

Локалниот весник Кориере дела Калабрија, на својот портал објавил снимка каде се гледало дека на некои места и натаму сообраќајот се одвивал по една лента, со ограничување на брзината, сугерирајќи дека автопатот сè уште не е завршен.

„Се надевам дека ова нема да биде само уште една вежба за сечење лента“, рекол адвокатот од Катанзаро, Микеле Џиљоти.

Синдикатите сугерираат дека автопатот нема да биде во потполност завршен до 2018 година.

Портпаролката на ANAS го тврди спротивното и вели дека планираните работи за идните месеци значат само тековно одржување.

На Калабрија ѝ е неопходна подобра инфраструктура. Регионот што се наоѓа на врвот од италијанската „чизма“ е најсиромашниот дел во земјата и плодна почва за една од најмоќните мафијашки организации, ´Ндрангета.