Што им велите на децата кога ќе прашаат „Дали навистина постои Дедо Мраз?“

Што им велите на децата кога ќе прашаат „Дали навистина постои Дедо Мраз?“

Подготвил: В.Ф.

Вистината за Дедо мраз е за возрасните, тоа е лик што е измислен со цел да им го направи поубав и поинтересен животот на децата. Има доволно други ликови на телевизија и во книгите со кои го поминува времето, за кои е потребно да му се објасни дали се или не се вистинити. Дедо Мраз е Дедо Мраз, вели Илија (44) од Скопје

Дали постои Дедо Мраз, или тоа е преправен човек кој на децата им ги дава подароците што ги купиле нивните родители?! Што им велите на децата кога ќе ве прашаат: „Дали навистина постои Дедо Мраз?!“.



Приказната за дедото со бела брада, во црвена облека, кој цела година чита писма од дечиња од целиот свет и на санка што ја влечат лосови тргнува од Лапонија за да им ги исполни желбите и да им ги донесе омилените подароци е една од најубавите во кои сакаат да веруваат и возрасните. Еве неколку интересни факти за Дедо Мраз, чиј пандан во православната религија е Свети Никола.

До 16. век Санта Клаус не се поистоветувал со Дедо Мраз - изедначувањето почнало со холандските приказни за Синтерклас (што значи Свети Никола), кој Холанѓаните го одбелжуваат на 6 декември, кога си разменуваат божиќни подароци. Најстариот познат запис на називот Дедо Мраз на англиски јазик и потекнува од 1773 година од Америка.

Првото училиште за Дедо Мразовци во светот е отворено во 1937 година во американската сојузна држава Мичиген. Во првите илустрации, дарежливиот старец бил облечен во зелено.

Својот црвен костим Дедо Мраз го добил во 1931 година, благодарение на рекламите на „Кока Кола“. Современата асоцијација на добродушниот старец кој се спушта низ оџаците и остава подароци се должи на поема на Клемент Кларк Мур напишана во 1823 година.

А еве неколку одговори на прашањето што им одговарате на децата кога ќе Ве прашаат дали постои Дедо Мраз?

Илија (44), татко на 3-годишно момче
- Нашето дете не прашува дали постои Дедо Мраз бидејќи никогаш не сме му рекле такво нешто, како што му велиме, на пример дека не постојат баба роги, вештерки и слично. Значи за него Дедо Мраз е реална личност која ќе дојде кога ќе ја наредиме елката, а тој треба да биде умен за да добие подарок од него. Вистината за Дедо мраз е за возрасните, тоа е лик што е измислен со цел да им го направи поубав и поинтересен животот на децата. Има доволно други ликови на телевизија и во книгите со кои го поминува времето, за кои е потребно да му се објасни дали се или не се вистинити. Дедо Мраз е Дедо Мраз.

Ивана (29)
- Моите деца (3,5 и 2 години) ме прашуваат зашто "не постои" не е опција. Знаат дека постои Дедо Мраз и не прашуваат.

Лидија (40), мајка на три деца
- За оние што стојат во чаршија, бидејќи се повеќе „Дедомразовци“ им кажувам дека се преправени, за сликање. Кога беа децата помали им ја кажувам приказната за Лапонија и Дедо Мраз, дека носи подароци. Кога потпораснаа и ќе ме прашаа дали постои, им велам: „Јас не сум ги видела. Можеби постои, така велат“.

Светлана (34), мајка на две девојчиња (7 и 4 години)
- Дедо Мраз е актуелна тема секој декември. Се случило децата да ме прашаат дали навистина постои или ако некое повозрасно дете ги испровоцира, па ја бараат вистината, па прашуваат дали навистина постои тој добар дедо со бела брада кој доаѓа од далеку и ни носи подароци. За среќа, засега не сум морала да ги лажам, ниту пак, премногу да им објаснувам. Сметам дека вистината треба да дојде тогаш кога ќе пораснат доволно, а да не бидат повредени. Ме радува што Дедо Мраз го поимаат со нешто убаво, добар дедо што носи подароци на добрите деца и понекогаш, особено во зимските месеци, тоа помага и за одржување дисциплина по дома, односно полесно ги убедуваме да направат нешто, ако знаат дека Дедо Мраз може и да им се налути. Јас сум за тоа дека Дедо Мраз треба да остане што е можно подолго една убава детска илузија. А и без разлика што е измислен лик, Дедо Мраз навистина за децата претставува радост и поим за топлина, подарок, желби...

Марија (40), мајка на две деца, 6 и 1 година
- Порано син ми веруваше безрезервно дека постои Дедо Мраз. Најголемата дилема му беше, како му оставил подароци под елката кога дома немаме оџак?! Па му објаснувавме дека може да се спушти и преку вентилацијата и дека Дедо Мраз знае и други начини за да стигне до децата и да им ги даде подароците. Во последните години прашува, дали навистина постои. Јас го прашувам што мисли тој, дали верува? Од изразот на лицето проценувам што да му одговорам. Но, кога ќе ги видам светнатите очиња кои секое утро подгледнуваат под елката дали некој не посетил, велам: „Да, се разбира дека постои!!!“. Малото уште долго време ќе верува во Дедо Мраз.