Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Студентите избраа: Ова се најинспиративните професори во Македонија

 

 
Кој е најинспиративниот универзитетски професор во Македонија и со кое дело, постапка Ве инспирирал и одушевил? Ова беа прашањата кои им ги поставивме на студентите минатата недела. Добивме над 1.500 одговори и од нив може да се заклучи дека навистина имаме професори кои се за почит и со кои треба да се годееме. Со оглед на тоа што факултетите имаат различчен број на студенти, листите на најдобрите професори ги поделивме по факултети. Ќе Ви ги презентираме најинспиративните професори од факултетите, чии студенти дадоа најмногу одговори, а тоа се главно од УКИМ.

Професорите Таки Фити и Драган Тевдоски од Економскиот факултет на УКИМ добија речиси ист број на гласови од студнетите. За Фити студенти напишале дека тој е уште студент во душата.


 
- Целокупниот начин на предавање, зборување, пренесување на материјалот. Самиот податок дека не е морално да одиш на неговите предавања, а нема речиси ни еден отсутен на истите, си кажува сè- вели студент.
- Таков професор еднаш мајка раѓа. "Најголем ризик е ако никогаш не одиш на ризик " е една од неговите поговорки. Како приказни да расказуваше на предавањата, интересно и не себично ги споделуваше своите знаења.
За професорот Тевдоски, студенти одговориле дека се грижи за студентите како за свои деца, користи најнови техники, знаења, теории во своите предавања и книги.
- Спремен да помогне во врска со сè, на негово предавање одиш со љубов, те мотивира дека не е се така црно и вреди да се бориш - вели студент
- За разлика од сите останати професори, во секој момент е достапен за студентите, подготвен да ти помогне и насочи за било што и да треба, и пред сè е голем другар.
- На првиот час се изјасни дека очекува сите од нас да положиме на колоквиуми, а истото тоа го докажа на секаков можен начин низ предавањата. Направи игра за активност, секој студент дава по 10 ден (преку 400-500 луѓе сме во група) на крај тој со најмногу активност ја добива целата сума за да си уплати релакс масажа после колоквиумска.
- Професорот е најкул, посветен, интелигентен, а колку е врв кажува самото тоа што предавањата му се во 8.15 наутро, а веќе во 7.30 нема место.

Најинспиративни професори од Правниот факултет „Јустинијан први“, според студентите се Димитар Гелев и Гордана Силјановска.



За професорот Гелев, студентите се изјасниле дека секогаш им е достапен, а е и одличен предавач.
- Вистински научник и најдобар човек кој во секое време им дава книги и материјали на своите студенти - вели негов студент.
- Секоја негова постапка е инспиративна. Ми требаше уверение за предвидени и положени испити, ми фалеше оцена од професорка која не беше тука, тогаш професорот Гелев побара пристап до електронското досие, ми ја внесе оцената и благодарение на него, ги обновив документите за стипендија навремено, иако професорката беше на пат. Гелев се потруди преку релевантните колеги од Правен факултет да ја заврши работата, која не беше негова, а да не беше тој ќе ја изгубев стипендијата. Димитар Гелев го заслужува најголемото пакетче за Нова година, тој е наш спас кој ни помага за сè без причина и заслуга нè вади од кашите во кои по наша вина се наоѓаме. Благодарам професоре, ова е нешто што најмалку можеме да направиме за Вас - вели студент.
Професорката Гордана Силјановска е инспирација за студентите заради нејзините предавања, професионалност и објективност. Таа знае и пријателски да биде расположена.
- Најфасцинантно кај неа е тоа што на предавањата, покрај програмата што е задолжителна од учебниците, внесува и многу други теми, како историски, така и актуелни. Навистина е чест да се слушнат ставовите и елаборирањата на експерт од нејзиниот ранг и задоволство ми е што можам да речам дека ми предавала.
Покрај тоа, на испитите што се полагаат кај неа, никогаш не бара точно прераскажани реченици од точка до точка од учебниците (како што тоа го прават голем број професори на Правниот факултет), туку поставува прашања со кои би можеле да ги искажеме сопствените ставови на одредена тема, а притоа да го покажеме и нашето знаење од областа. Прифаќа секаков став, дури и кога не се согласува со него и во таков случај, никогаш не ја намалува оценката само затоа што студентот размислува на различен начин од неа - напишала студентка.

Студенти од Филолошкиот факултет од Скопје, како најинспиративни професори ги издвоија Венко Андоновски и Драги Михајловски.



За Андоновски велат дека, неговите предавања се чиста емоција.
- Во животот не се потценувај, но уште поважно никогаш не се преценувајте драги деца.Скромноста е многу ретка доблест - ова е негов цитат што го инспирирал студентот.
- Нaчинoт нa кoј сликoвитo oбјaснувa, рaскaжувa и дoлoвувa мoменти сo гoлемa леснoтијa го прави посебен - напишал друг студент.
- Начинот на кој умее да го задржи вниманието кај студентите, преку неговите инспиративни приказни!
- Начинот на кој ги правеше споредбите на ликовите и дејствата од книгите со случки и доживувања од секојдневниот живот.
- Секое предавање беше нова и неизживеана приказна - вели друг студент.
Професорот Драги Михајловски е посебен за своите студенти бидејќи подарувал книги, ги почастил кафе цела група бидејќи бил задоволен од сработеното, а велат дека е секогаш полн со ентузијазам и огромна енергија, фин и културен. Еве дел од мислењата на студентите за него:
- Преполн амфитеатар, сите дојдени да го слушнат. Доаѓаа и од од други факултети.
- Уникатен пристап спрема студентите, смирен метод на предавање кој поттикнува интерес за предметот и интересот за личен развој.
- Начинот на којшто предава, на којшто зборува за професијата преведувач, неговите ставови општо за животот.
- На неколку студенти им купи пријави за испит, затоа што не беа подготвени.
- Сите негoви предaвaњa беa нoвa инспирaцијa зa нaс студентите. Ме нaтерa пoезијaтa и прoзaтa дa јa гледaм нaдруг нaчин и дa читaм меѓу редoвите.

Студенти од Филозофскиот факултет од УКИМ се пофалија дека посебно место во нивните срца имаат професорите Војислав Саракински и Ана Фрицханд.



За професорот Саракински велат ека има интересни предања, дружељубив е, има силно знаење и предобар начин на пренесување на знаењето на студентите. За него велат дека е и комплетна личност кон која имаат голема почит.
- Пристапот кон самото предавање на материјата која се базира на употребување логика наместо, школско "бубање"
- На предавањето за убиството на Цезар, се фрли на катедра и извика „Зар и ти сине Бруте“.
- Професорот знае да го приспособи своето енормно знаење во зависност од публиката, начинот на кој што тие знаења ги претставува се уникатни во смисол на тоа што преку неговото предавање не се изучува само темата која тој во моментот ја предава, туку на своите студенти им пренесува и општи знаења, начини на размислување и пренесува генерална слика за општеството, без разлика на времето за кое се работи. Сè уште немам сретнато ниеден друг човек, а камоли професор, кој е толку инспиративен и кој остава таков фантастичен пример кај оние околу него.
- Кај овој човек не можеш да одбереш поединечна постапка, сите постапки му се инспиративни.. Едноставно човекот го има чувството за работа со младите, го има чувството кое треба да го поседува секој професор..
Професорката Ана Фрицханд на студнетите по психологија им е како втора мајка. Еве што искоментираа дел од нив за неа:
- Нема посебна постапка самиот однос со учениците е инспиративен, знае да постави граница на професорка-другарка.
- Нејзината реченица „Секој ќе си го најде своето место под сонцето“, секогаш ме инспирира.
- Завршив пред 4 години.Едно е сигурно - секое нејзино предавање беше уникатно доживување, полно со емоции, нејзината љубов кон науката и просветата е невидена и неверојатно голема. Знае да најде начин да го пренесе знаењето, да го направи секое предавање интересно, да мотивира да сакаш да го научиш предметот кој го предава, а не да читаш за да положиш. Со еден збор - најдобра.

Најинспиративен професор за студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е Горан Стојановски.


- Дава голема мотивација на своите предавања со теми кои се надвор од наставата, а сепак го објаснуваат материјалот што треба да се помине на сликовит начин, па неминовно е подоцна да пребаруваш на Интернет.
- Тоа што е натпросечно интелигентен, оптимизира сè што треба да се заврши и тоа што со задоволство ни го пренесува неговото знаење.

Поранешниот декан на Машинскиот факултет на УКИМ, Атанас Кочов е најголема инспирација за студентите од овој факултет.

 
- Дава бесконечна поддршка на сите студенти, се однесува како пријател со нас и секогаш нè мотивира. Предавањата кај овој професор се уживање.


- Секое негово предавање е интересно, збогатено со многу факти надвор од книгите, а сепак многу значајни информации.Многу позитивна, енергична личност.

Професорот Ѓорѓи Маџаров од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), ги доби наголемиот дел од гласовите на студенти од овој факултет. Еве што велат тие за него:

 
- Со секое предавање не мотивира да го научиме за да го знаеме, а не заоценка
- Неговиот пристап кон предавањата, не се раководи според презентациите како останатите професори, туку секогаш дава свои примери кои директно ги програмира и го визуелизира целиот процес на програмирањето кој е занемарен во предавањата.За време на решавањето на проблемите секогаш пред да напише нешто ги прашува учениците и никогаш не ги исмева или опоменува оние кои ќе згрешат дури и да кажат глупост. Ги мотивира да се вклучени во предавањето и слободно да го изразат своето мислење. На неговите предавања не може да ти се спие дури и да е во понеделник во 8.

Најинспиративна за своите студенти од Технолошко металуршкиот факултет (ТМФ), од Скопје е професорката Весна Димова.



- Велат дека предава забавно и дека секогаш им е достапна.
- Има посебен начин на комуникација со студентите, секогаш е достапна, секогаш самоиницијативно посветена да ги насочи студентите за нивно надградување и надвор од факултетот и за сè што е поврзано со нејзините предмети. Секогаш е достапна да дообјасни и да посвети внимание.
- Односот со студентите, предавањата, разбирањето кон студентите, а истовремено критериумот кој е еднаков за сите ја прави посебна.
- Го предава предметот на забавен начин

Професорката Даниела Поп Ѓорчева од Медицинскиот факултет од Скопје исто така доби најмногу пофалби од своите студенти.

- Секогаш е тука кога им е потребна на студентите и е подготвена да им помогне на секој можен начин.
- Начинот на кој ја изнесува материјата, го тера студентот да мисли.
- Секогаш знае да ги каже вистинските зборови, една од најпозитивните личности кои сум ги запознала во животот.

Најинспиративен професор од Фармацевтски факултет од Скопје е Александар Димовски. Еве зошто:


- Пример за совршено и посветено предавање од сопствени искуства.
- Има многу голема ширина како човек и секогаш прави отстапки кога станува збор за глупави административни правила кои се нелогични и е многу приземјен во комуникација со студени. Секогас излегува во пресрет, а има голем авторитет.
- Самиот начин на предавање е доволен не е потребна постапка.

Професорот Ќиро Ивановски од Стоматолошкиот факултет од Скопје е инспирација за своите студенети бидејќи е смел да зборува за системски промени.

- Доволно е да го познаваш за да се трудиш секој ден да бидеш подобар човек и да сакаш да сакаш да ги решиш проблемите. Не е една што можам да ја издвојам премногу се.
- Принципиелноста и начинот на предавање му се инспирација за сите нас.

Најмногу студенти од Архитектонскиот факултет од Скопје како најинспиративен го избраа професорот Митко Хаџи Пуља. За него велат дека има уникатен однос кон студентите.


- Инспиративна е неговата сестраност, која се потврдува со неисцрпните одговори кои ги добиваме со секое поставено прашање.
- Предавањата и педагошкиот однос со студентите
- Тоа што студирал повеќе години и признава дека бил "лош" студент.
- Голем мотивациски говорник со најдлабоко познавање од областа на архитектурата во земјата.

На Градежниот факултет во Скопје инспирација за своите студенти е професорот Коце Тодоров.

- Професор кој ќе направи секој студент да се почувствува важен и веќе влијателен во својата професија.
- Се ќе научиш на предавање и ниту еден момент нема да ти биде досадно.

Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип најмногу во своите одговори го споменуваат професорот Рубин Гулабоски од Факултетот за медицински науки.

- Интересни предавања, во кои науката ја поврзува со секојдневието и го олеснува начинот на разбирање на самите теории.
- 24/7достапен за студентите, поседува знаења од секоја област
- Секоја негова постапка е дело на неговата заложба за подобро утре.
- Одличен предавач, прекрасен професор и човек, втор најцитиран научник во Македонија
- Секогаш отворен, без предрасуди, со верба дека секој може да постигне сè
што ќе посака и дека секој е посебен.
 
Објавено на 27.12.2016 во категорија Образование
Подготвил: М.Ф.
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook