ОБСЕ бил мета на хакери

ОБСЕ бил мета на хакери

Подготвил: Б.Б.


Серверите на Организацијата за безбедност и соработка на Европа есенва биле хакирани, со што е загрозена доверливоста на нивната мрежа.

Тастатура од компјутер

ОБСЕ забележа дека на почетокот на ноември се случил голем инцидент поврзан со информатичката безбедност, со што се доведе во опасност доверливоста на внатрешната интернет мрежа и нејзината заштита“, изјави за Франс Прес Мерсиха Чаушевиќ, портпаролката на организацијата со седиште во Виена, потврдувајќи ја информацијата што ја објави францускиот дневник Монд.

Тој сајбер напад не го прекинал функционирањето на мрежата, истакна таа, но не наведе детали од упадот во внатрешниот систем.

Како што наведе Монд, една западна разузнавачка служба им ја препишува одговорноста за овој упад на групата руски хакери АПТ28, позната и под името Софаси, Пон Сторм, Кар Тим или Фенси Берс.

Портпаролката на ОБСЕ не ги коментираше овие наводи, но додаде дека бил идентификуван начинот на кој бил извршен нападот и кон кого била упатена надворешната комуникација.

ОБСЕ е организација што се занимава со дијалог исток-запад од Студената војна, а од 2014 има набљудувачка мисија во украинскиот конфликт меѓу владините сили и проруските сепаратисти. Таа организација обезбедува рамка за дебати за политичко-воени прашања, економија, човекови права и медиуми за 57 земји членки меѓу кои се и европските земји, земјите од Централна Азија и Русија како и САД и Канада. Кога почна украинската криза, оваа организација служеше како форум каде можеа да разговараат Украина, Русија, ЕУ и САД.

Американците ја обвинуваат Русија дека стои зад хакерските напади врз компјутерите на демократската партија што ја измести американската изборна кампања. Таквите хакерски напади ја загрижуваат и Европа, бидејќи и Берлин соопшти дека стравува дека ќе биде изместена и политичката игра пред германските избори во 2017.