Интервју со проф. Весна Димова од ТМФ: Со многу хумор на студентите се обидувам да им ја приближам органската хемија

Интервју со проф. Весна Димова од ТМФ: Со многу хумор на студентите се обидувам да им ја приближам органската хемија

Подготвил: М.Ф.

Професорката Весна Димова од Технолошко- металуршкиот факултет (ТМФ) од Скопје е најинспиративниот професор од овој факултет. Така се изјаснија нејзините студенти на неодамнешната онлајн анкета што ја спроведовме. За неа, тие кажаа дека им предава забавно и дека секогаш им е достапна.



„Има посебен начин на комуникација со студентите, секогаш е достапна, секогаш самоиницијативно посветена да ги насочи студентите за нивно надградување и надвор од факултетот и за сè што е поврзано со нејзините предмети. Секогаш е достапна да дообјасни и да посвети внимание“, напиша еден студент во своето образложение зошто баш Димова е учителот што најмногу го инспирира.

Факултети мк. ќе прави кратки интервјуа со професорите кои им се инспирација на своите студенти и кои се издвоија на анкетата според бројот на гласови. На наше големо задоволство почнуваме со проф. Димова од ТМФ која ни објасни дека била изненадена кога го видела нашиот текст.

- Го примив со неверување, но и со голема радост бидејќи изборот го направиле студентите за кои сметам дека се најголеми критичари на она што ние го работиме. Ова е сигурно најласкавата титула која секој професор би сакал да ја добие од студентите. Со секоја нова генерација се обидувам заеднички да го изодиме делот на студирање што е поврзан со предметот (Органска хемија), кој јас речиси 20 години го предавам на Технолошко – Металуршкиот факултет во Скопје. Многу често на предавањата преку секојдневни примери и со многу хумор се обидувам да им ја приближам органската хемија, за што полесно да ја разберат и научат. Особено ме радува кога студентите ќе кажат дека некој пример ќе им остане во сеќавање за цел живот.

Факултети.мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Нивната искреност, особено кога ќе сфатат дека се однесувате кон нив како рамни на себе. Сметам дека ако искрено настапите во односот кон нив, во секој поглед, ќе добиете засекогаш пријатели кои нема да се срамат да тропнат на вашата врата во секое време и да побараат помош за проблемите кои ги мачат. Сме решавале и приватни проблеми каде секој пат сум се обидувала да се поставам како родител кој искрено им помага на своите деца. Посветеноста е наша морална обврска бидејќи ние треба да сме пример од кој нашите студенти ќе учат.

Факултети.мк: Има ли некоја посебна причина што Ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Изборот дојде помалку случајно бидејќи во почетокот беше љубов кон истражувачката работа. Но, морам да признаам дека и денес повеќе сакам да сум со студентите во лабораторија отколку само на предавања. Во текот изработката на вежбите имам повеќе време да комуницирам со нив и да се запознаам со нивните размислувања, желби и планови. Ако ја работите оваа професија со многу љубов и посветеност вие ќе бидете најсреќен човек. Честа која ми ја укажале студентите е само потврда на мојата досегашна работа и доказ дека сум на прав пат во начинот на исполнувањето на моите работни обврски.