Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Чомски: Свесно се урива образовниот систем

 
Самиот систем на вредности е потполно вештачки. Наставниците не се рангираат според својата способност да им помогнат на децата да ги остварат своите потенцијали и да ги истражат нивните креативни интереси. Тие работи не подлегаат на тестови, вели познатиот американски лингвист и филозоф Ноам Чомски, кој го критикува образовниот систем во светот.


„Погледнете што му се случува на образованието. Во последно време, акцент се става на оценувањето на децата и на наставниците, па учењето се сведува на подготовка за тестови. А тестирањата влијаат како на судбината на учениците, така и на наставниците. Тоа гарантирано го уништува секој смислен образовен процес. Наставникот не може да биде креативен, ниту да ги зема предвид различните потреби на ученикот. Учениците, пак, од друга страна, не можат да ги следат своите интереси, бидејќи мораат да учат за утрешниот тест. А од резултатите на тестовите зависи и иднината на ученикот и наставникот“, рекол Чомски.

Тој нагласува дека луѓето не мора цело време да се оценуваат.

„Не мора постојано да бидат рангирани според некои вештачки стандарди. Тоа е самото по себе штетно, бидејќи не претвора личности кои своите животи ги посветуваат на подобро рангирање отколку на создавање нешто што е вредно и важно“, смета Чомски. Тој смета дека рангирањето е лошо особено во основно училиште, бидејќи додека да стигнат до трето одделение, децата веќе се поделени на глупави и паметни.

„Замислете што тоа им прави на децата. Тие тоа многу сериозно го сфаќаат, што е погубно за нив. Образованието е развивање на сопствените потенцијали и сопствена креативност. Можеби нема да бидете одлични на училиште, но ќе бидете одличен уметник. Што има лошо во тоа? Тоа е само поинаков начин да живеет исполнет живот, да се збогатите себеси и оние околу вас.“

„Самата идеја за рангирање е штетна. Таа е дел од систем кој треба да создаде таканаречен економски човек. Тоа е некој кој рационално калкулира како да го подобри сопствениот статус и своето богатство и не обрнува внимание на ништо друго. Тежнее кон материјални добра, бидејќи тоа може да го измери. Ако сте добри во тоа, тогаш сте рационална личност која донесува одлуки на основа на факти. Го зголемувате својот „човечки капитал“ кој можете да го продадете на пазарот. За каков човек зборуваме? Дали е тоа човечко суштество кое сакаме да го создаваме? Сите тие механизми – тестирања, проценувања, мерења, вреднувања , ги присилуваат луѓето да ги развиваат тие особини. А таквите идеи имаат свои последици“, порачува еден од најголемите живи мислители.
 
Објавено на 11.01.2017 во категорија Образование
Подготвил: Маја Пероска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook