Гневот од 2016 е сила што не може да се сопре

Гневот од 2016 е сила што не може да се сопре

Подготвил: Б.Б.


Додека гласачите ширум светот го изразуваат својот гнев кон елитите, повоениот поредок се разрушува. Со што ќе се пополни вакуумот?

Момче со израз како да вика и со брендирана капа „Трамп“


„... И не е за изненадување фактот дека двете општества кои најмногу ја почувствуваа таа разбеснета сила на својата кожа  се САД и Велика Британија, бидејќи тие се и центарот на глобализираниот турбокапитализам и финансиите. Најмалку деценија наназад, а забрзано од крахот во 2008 година, стравот и гневот се зголемуваа како последица од неказнувањето на елитите, вртоглавиот технолошки развој, навалицата на имигранти и несигурноста во современата егзистенција.

Во западните општества веќе предолго време нема победи, прослави, радост. Дистанцата меѓу метрополите и периферијата се претвори во културолошка провалија. Вистината е заматена, а потоа и целосно маргинализирана во какофонијата на онлајн заедницата.

Британија гласаше за отцепување од Европската унија, симболот на континенталниот триумф над фашизмот и деструктивниот национализам.  Американците на 8. ноември гласаа за Трамп, кој целосно се служеше со ксенофобичниот, стравопредизвикувачки јазик на Европа од триесеттите години на минатиот век, со цел да мобилизира доволно голема и гневна толпа за да ја порази компромитираната Хилари Клинтон. За волја на вистината, Трамп го почувствува огромното незадоволство кај масите и им се обрати со непосреден јазик.

Четврт век после зенитот на либералната демократија и неолибералната економија, на цена добиваат либерализмот и авторитаризмот. Отворена е сезоната за секакви предрасуди.  Насилството лебди во воздухот, чекајќи  само една искра за да се запали. Политички рецепт за победа денес е „да се поведе народот против измамничкиот систем“ и муслиманските миграции.  Сиот повоен поредок – воените алијанси, трговски спогодби, политичката интеграција и правната рамка – се разнишани и нејасни. „Мачомени“ и автократи  има насекаде – дури и Египет и арапските земји се восхитени од победата на Трамп.

НАТО ќе слабее. Балтичките земји ќе стануваат сè поранливи. Башар ал Асад, со антантата Путин-Трамп зад себе, ќе стане сè посилен. Кинеско-американската трговска тензија ќе се заострува, а спогодбата за иранската нуклеарна програма ќе се распадне и ќе предизвика дополнителни тензии на Средниот Исток.
Фосилните горива ќе го доживеат своето големо враќање. Париската спогодба ќе биде поткопана. Околу 65 милиони имигранти, од кои една третина се бегалци, ќе сфатат дека немаат шанса наспроти ксенофобичниот национализам во Централна Европа и остатокот од светот. Транспацифичкото партнерство  веќе изумира; другите трговски договори, вклучително и Северноамериканската спогодба за слободна трговија што беше симбол за отворен трговски систем, би можела да биде забранета или суштински разводнета.

Дали сето ова ќе го смири гневот на народот? А се разбира дека „народот“ е само еден дел од поделеното население, всушност милиони и милиони од оние кои не го сакаа и му се спротивставуваа на национализмот и свртувањето кон авторитаризам. Трамп поседува огромна моќ, Конгрес што е под контрола на Републиканците и мисија да ја направи Америка повторно Голема, без оглед што значи тоа и што бара за да биде постигнато.

Борбата за зачувување на либерализмот ќе трае долго. Можеби таа веќе и почна за Ангела Меркел во Германија и за Трудо во Канада. Идејата дека Трамп би можел да биде добронамерен старател на слободниот свет звучи смешно, затоа што тој размислува само за „дилови“. Западните демократии се наоѓаат во недефинирани состојби на пресврт, а вистинската непосредна демократија е заобиколена од социјалните мрежи. Големите политички партии во Велика Британија и САД ќе мораат повторно да ја докажуваат својата релевантност.

Јасно е дека демократиите ништо не направија за непривилегираните, оние кои во технолошкиот напредок останаа обесправени и отфрлени. Ќе биде неопходно добро да се размисли за начинот на кој ќе се враќа довербата во слободните општества со слободен пазар, да се покаже дека тие можат да бидат поправедни и понепристрасни и дека нудат многу повеќе можности отколку спротивставената страна од спектарот.
Германија, со успешно востановената рамнотежа меѓу капитализмот и солидарноста, одговорноста кон работната сила и еднаквата посветеност кон високото образование и стручната обука, нуди еден модел. Но, гневот од 2016 нема да исчезне сам по себе.

Арогантноста на либералните елити и нивното незнаење се фасцинантни. Време е да се чујат луѓето кои гласаат за промени, да се биде скромен и да се размисли уште еднаш. Тоа не значи дека треба да се потклекне пред хејтерите и расистите: против нив борбата треба да продолжи. Но тоа не значи и дека треба да се потклекне пред општеството на „прогласените вистини“, бидејќи фактите се оска на напредокот.

Се плашам од светот што им останува на моите деца, многу повеќе од тоа што мислев дека е возможно.“

Извадоци од колумната на Роџер Коен за Њујорк Тајмс.