Креирајте виртуелни летови над Македонија

Креирајте виртуелни летови над Македонија

Подготвил: Д-р. Ивица Милевски

Во последните неколку години, потребата за тридимензионално прикажување на реалистични релјефни предели станува се поголема. Целта е што поверодостојно да се прикаже дел од Земјината површина на фотографија или во вид на видео клип и тоа за различни цели: медиумски, истражувачки, аналитички, промотивни и др. До појавувањето на Google Earth (GE), оваа задача беше исклучително тешка и долготрајна, а резултите често не беа на потребното ниво. Релативно солидни софтверски пакети кои нудеа можности за конструкција на имагинарен и рендерирање на колку-толку реалистичен терен беа VistaPro, Bryce, Terragen и други. Сепак, главен проблем кај нив беше неможноста да се внесе реален геореференциран 3Д модел на релјефот, туку мораше да се импровизира со непрецизни височини. Во долниот пример е претставен виртуелен лет низ Кумановската Котлина изработен во VistaPro4 во 1999 година, еден од првите фотореалистични летови изготвени за делови од нашата држава.



По 2008 година, со инкорпорирањето на детални сателитски снимки во висока резолуција во GE за поголем дел на Светот и Република Македонија, можностите за изработка на 3Д виртуелни прикази на теренот, драстично се подобрија. Паралелно, се појавија и можности за креирање на т.н. виртуелни летови долж зададена траса на движење. На почетокот, оваа опција беше изводлива само со употреба на дополнителен софтвер за снимање на дел од екранот, но по 2015 година, кога Google Earth Pro стана бесплатен, истото може да се направи во самата програма (Movie Maker). Сепак, нашите искуства покажуваат дека е подобро да се користи „надворешен“ софтвер, бидејќи обично има многу повеќе можности за контрола на квалитетот на снимката, компресијата и други параметри.

виртуелен лет СкопјеВо оваа статија накратко ќе прикажеме начин за изработка на виртуелен лет токму користејќи го GE Pro. За изработка на солиден виртуелен лет над некој простор во Македонија, првин е потребно да се дефинира патеката на летот, должината на летот, брзината, височината и други параметри. Патеката на летот се дефинира со опцијата Add Path, при што може да се постави и надморската височина. Ако се прикажува поголем простор и височината на летот треба да е поголема (за наши услови 1000-2000 m) и обратно. Сепак, најпрвин треба да имаме одредена замисла кој простор, во кој период и како сакаме да го прикажеме – од повисоко (со помалку детали) или од пониско (подетално). Добро е да се знае дека територијата на Македонија од 2008 е целосно покриена со детални сателитски снимки во резолуција од 0,5 до 1,5 метри. Заклучно со 1 јануари 2017 година, за некои места има и до 15 серии на понови сателитски снимки (така за Скопје има детални снимки за секоја година, од 2002. до денес), така што може да се избере периодот (годината) за кој ќе се изготви виртуелниот лет. Важно е и дали станува збор за планински терен, рамница, долина или разновиден терен. Тоа е битно заради висината на летот, која не треба да е премала, ниту преголема. Ако се поминува преку терен покриен со неколку серии на сателитски снимки (различни по осветленост, нијанси и сл.), за подобар ефект, важно е разликите меѓу боите и нијансите на снимките да се што помали. Така, снимката од 2009-та година е со ист квалитет и колорит за целата територија на Република Македонија. Во следниот пример е даден виртуелен лет над Бислимска Клисура, врз основа на сателитска снимка од 2009 година, со дополнителни натписи и елементи.



Патеката на летот треба да е или колку е можно по-права линија или позаоблена линија. Тоа е за да нема нагли промени во аголот на камерата и впечатокот да биде поубав. Најлесно се прават едноставни патеки, без промена на надморската височина. Сепак, може да се направи патека каде височината ќе се зголемува или намалува долж летот, а истото би требало да биде постепено. Препорачуваме височината над теренот да е помеѓу 500 и 1500 метри (се дефинира во менито Add Path / New Path / Altitude). Најдобро е да се користи апсолутна височина, наместо релативна над теренот (ќе има чести „скокања на камерата“). Останатите елементи може да се нагодат во менито Tools / Touring. Овде, најважни се Camera Tilt Angle (вертикален агол на камерата каде 0 = хоризонтално снимање, 90 = вертикално надолу), Camera Range (панорамски опфат на камерата) и Speed (брзина на движење на камерата). Останатите параметри може да останат како што се дефинирани по Defaults. Во следниот пример е даден виртуелен лет конструиран со помош на GE, Bandicam и Movie Maker. Целта беше да се соедини виртуелниот лет со инсерти од ерупции на вулкани слични по изгледот на некогашниот Лесновски вулкан. Во анимацијата е избрана сателитска снимка од 2009-та година, ефекти на транзиција, а посебно внимание е дадено на изборот на музиката и звучните ефекти соодветно на темата на презентацијата (силни вулкански ерупции).



Сега веќе може да се провери како ни изгледа дефинираниот лет. За добар квалитет на летот, без прекини и сл., битно е да имаме брза и стабилна интернет врска и солиден компјутер. Линијата од патеката на летот обично е црна или бела, па за да не се гледа во снимката треба да ја поставиме транспарентна. Кликнуваме на патеката во прозорчето Places и го стартуваме летот со малото квадратче долу десно во овој прозорец. При тоа, во работниот екран автоматски се појавува лентата за снимање на летот (Record a Tour). Како што нагласивме, најдобро е да се користи надворешен софтвер за снимање, како што е Bandicam. Со него ќе се избегнат трепкањата и другите ефекти во GE. Нормално, пред да започнеме со финално снимање, може да ги активираме сите опции што ни се потребни а ги има во GE или да додадеме наши содржини (натписи, карти, фотографии и др.). Во примерот подолу е претставен виртуелен лет над Скопје, а како основа е сателитска снимка од август 2016 година. Дополнително, вклучени се 3Д градби, позначајни натписи (внесени со посебна постапка од OSM) и други елементи. На крај е додадена соодветна музичка нумера за подобрување на целиот ефект.



Постои можност и за снимање на вистински виртуелен лет во GE преку менито Tools / Flight Simulator, но тогаш многу елементи од GE не ни се достапни (натписи, наши внесени содржини и слично).

Доколку не ни се допаѓа горенаведениот начин или квалитет на виртуелниот лет, може да направиме многу пореалистичен или т.н. фотореалистичен прелет во некој од слободните или комерцијални софтверски пакети. Во таа смисла, особено добри можности нудат Vue, Terragen, World Machine и други. Тие може да доловат 3Д објекти, 3Д вегетација, рефлексија и движење на вода и многу друго. Сепак, работата со нив е доста комплицирана и бара учење од барем неколку месеци. Солидни и едноставни можности за добро 3Д рендерирање и виртуелен лет, нуди последната верзија на софтверот Global Mapper (18.03), кој воедно е меѓу најкористените ГИС софтверски алатки во светот.

Да напоменеме дека дел од наведените постапки за географска и теренска визуелизација се изучуваат во рамките на неколку предмети на насоката ГИС на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo