Нобеловецот Штиглиц: „Прво, најбогатите да почнат да плаќаат даноци!“

Нобеловецот Штиглиц: „Прво, најбогатите да почнат да плаќаат даноци!“

Подготвил: Б.Б.


Јозеф Штиглиц

Јозеф Штиглиц,  добитникот на Нобеловата награда за економија, економскиот советник на Бил Клинтон и некогашниот главен економист на Светската банка, упати навистина сериозни критики кон богатите. Во својата колумна за „CNN“, предупреди на огромните проблеми кои би можеле да ја уништат целата светска економија.

Ако мнозинството граѓани сметаат дека не добиваат доволен дел од колачот од економскиот раст, за очекување е да се свртат против економскиот и политичкиот систем. Ќе се свртат против оној дел од апаратот што ќе го сметаат за виновен за неуспехот. Ако мнозинството смета дека глобализацијата им штети, ќе се свртат против неа. Резултатот од американските избори и гласањето за Брегзит, покажуваат дека бунтот веќе почнал. И тоа е разбирливо. Просечните примања на 90% од сиромашните граѓани стагнираат последните 25 години. Според резултатите на Националниот центар за статистика во здравството, очекуваната просечна должина на животот првпат во последните две десетлетија се намали минатата година.

Во последните неколку години, Оксфрам го следи порастот на глобалната нееднаквост. Во 2014 таа организација ја илустрираше нееднаквоста со фотографии од 85 најбогати луѓе на светот кои имаа еднаква сопственост со половината од светското население. Но, секоја година тој однос се намалува. Оваа година индексот откри дека само осум лица поседуваат ист имот колку и 3,6 милијарди луѓе.

Пораката стигна и до соодветните адреси. Овие денови во Давос, бројни состаноци ќе се однесуваат на растечката нееднаквост. Дали нешто може да се направи на оваа тема? Може, и тоа како.

Одговорот е едноставен: плаќајте даноци! Тоа е првиот елемент на корпоративната одговорност.  Не ги префрлајте даноците на места каде што се пониски. Apple, помалку со право, може да смета дека се ноправдано издвоени заради неплаќање на даноци. На крајот, тие беа незначително поуспешни од конкуренцијата.

Понатаму, не користете тајни банкарски и даночни оази. Без оглед дали станува збор за Панама или Кајманските острови или Ирска и Луксембург. Немојте да ги охрабрувате државите каде што дејствувате да се натпреваруваат со ниски даноци. Во таквиот натпревар губитници се сиромашните и обичните граѓани ширум светот.

Срамно е избран претседател на една држава да се фали дека не платил даноци речиси две децении. Дополнително сугерира дека паметните не плаќаат даноци. Или кога некоја компанија ќе плати 0,005% на заработката, како што тоа го правеше Apple. Тука нема ништо паметно, тоа е неморално.

Само Африка губи 14 милијарди долари во даночните приходи затоа што богатите ги користат како даночни оази. Тие се доволно средства да се спасат животите на четири милиони деца. Тие се доволно пари за вработување на доволен број учители за секое дете во Африка да може да оди на училиште.

Втората идеја исто така е едноставна: имајте почит кон своите вработени. Работник кој работи со полно работно време не би требало да живее во сиромаштија. Во Шкотска речиси третина од домаќинствата со еден вработен, сè уште живеат во сиромаштија.

Во Америка, шефовите на големите компании заработуваат околу 300 пати повеќе од работниците со просечни примања. Тоа е многу повеќе во споредба со која било држава во кое било друго време. На тој начин тие нанесуваат штета не само кон вработените туку и кон долгорочната благосостојба на компанијата. Henry Ford  бил свесен за важноста на добрата плата, но се чини дека неговите заложби во меѓувреме се заборавиле.

Третата идеја, исто така е едноставна, но и радикална. Вложувајте во иднината на компанијата, во вашите вработени, во технолошкиот развој и во капиталот. Без ваквите вложувања, нема да има работа во иднина, а нееднаквоста дополнително ќе расте. Денес ваквиот став е речиси непоимлив, затоа што сè поголем дел од заработувачката се проследува до акционерите. Во Велика Британија, во текот на седумдесеттите години, 10 проценти од заработувачката одела кај акционерите, а денес таа бројка изнесува 70 проценти.

Некои компании разбираат дека вистински раст единствено е заедничкиот раст. Сфаќаат дека и ним им е од интерес целото стопанство да расте. Меѓутоа, во некои земји каде компаниите на секој начин се обидуваат да ја уништат конкуренцијата, ќе им треба промена на правилата на игра за да се обезбеди развој на долгорочните вложувања, побрз економски развој и заеднички успех на цело општество.