Интервју со професор Коце Тодоров од Градежен факултет: Да се биде професор, тоа е повеќе од професија, тоа е мисија

Интервју со професор Коце Тодоров од Градежен факултет: Да се биде професор, тоа е повеќе од професија, тоа е мисија

-За среќа во нашава работа постои непресушен извор на енергија, а тоа се студентите. Тие мудро седат во своите клупи, ценат, проценуваат, купуваат, продаваат, задоволно се смешкаат или чудно негодуваат. Но, најважно од сè е тоа што кога тие се задоволни зрачат со неизмерна позитивна енергија. Токму таа енергија е единствениот мотив за да ја исполниме нашата мисија – вели професорот Коце Тодоров од Градежниот факултет од Скопје, во интервју за Факултети.мк.

Тој е еден од универзитетските професори кој се најде на листата на најинспиративни професори. За него студентите ни напишаа дека е професор кој ќе направи секој студент да се почувствува важен и веќе влијателен во својата професија. 



Факултети мк: Студентите од Вашиот факултет Ве избраа за еден од најинспиративните професори. Ви значи ли ова?
- На вашето прашање имам два одговора. Првиот е „хејтерски“, но во оваа прилика нема да Ви го кажам. А вториот? Секако дека ми значи. После објавувањето на резултатите од вашата анкета пораката од една моја драга колешка беше: „Нема поубав подарок за Нова Година од тоа децата да пораснат, да созреат и да знаат да ги препознаат вистинските вредности. Да се биде професор (иако јас сè уште се потпишувам со име и презиме) е света работа. Тоа е повеќе од професија, тоа е мисија. Нејзиното спроведување бара многу жртви, многу вложен труд, многу потрошена енергија. Доколку потрошената енергија не се обнови тогаш мисијата е осудена на пропаст. За среќа во нашава работа постои непресушен извор на енергија, а тоа се студентите. Тие мудро седат во своите клупи, ценат, проценуваат, купуваат, продаваат, задоволно се смешкаат или чудно негодуваат. Но, најважно од сè е тоа што кога тие се задоволни зрачат со неизмерна позитивна енергија. Токму таа енергија е единствениот мотив за да ја исполниме нашата мисија.

Факултети.мк: Што кај студентите пак, Ве инспирира Вас, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Постои низа од неколку работи: предизвик, инспирација, мотивација, љубов. Љубовта е клуч на секој успех. Доколку започнеме одредена работа, меѓутоа ја работиме под присила, или затоа што така ни кажале, или пак затоа што останатите го работат истото, тогаш постои голема можност да се створи одбивност, да се изгубиме или да се откажеме. Некако во слична ситуација се и дел од студентите кои денес се запишуваат на факултет. Секогаш постои одредена група на студенти кои можат, но не се трудат доволно, односно студенти кои сакаат, но не можат самите. Овие две категории се особена инспирација за мене. На моите предавања секогаш се обидувам да им дадам некој предизвик, да добијат инспирација, да се мотивираат и се разбира да ја засакат професијата за која се одлучиле. А после е полесно. Со посветена работа, со вложен труд и со наша помош проблемите лесно можат да се решат и надминат. Се разбира успехот не е секогаш загарантиран. Меѓутоа, неизмерно добро е чувството кога студентот ќе даде добар одговор на поставените прашања, кога со гордост ќе ја брани својата дипломска работа или пак кога во реалноста ќе видам објект проектиран или изведен од мој студент. Тогаш се чувствувам задоволно, исполнето, инспирирано, мотивирано.

Факултети.мк: Има ли некоја посебна причина што ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Која професија? Градежништво или едукација? Изборот на градежништвото како моја примарна дисциплина е резултат на моите афинитети кон математиката и техниката, тоа е резултат на желбата да се створи нешто, да се подобри квалитетот на живот, да се направи некој среќен. Мислам дека не згрешив и дека ја избрав вистинската струка за мене. А мојата работа во образованието дојде сосема случајно, како рефлексија на несебичноста да се помогне на колегите. Всушност, најдобрите препораки кои што ги имав пред да започнам со работа во образованието беа од моите колеги од факултет. Секако не треба да се заборават и моите професори, за мене секогаш најдобрите, кои несебично ми го пренесуваа своето знаење и имаат голем удел во тоа да ја засакам мојата професија. Денеска образованието значително се разликува од времето кога јас бев студент. Пристапот до информации и многу полесен и побрз, но за сметка на тоа постои голем квантитет на сомнителни информации. Да се биде учител денес, не значи само фактографски пренос на знање, потребно е нешто повеќе. Студентот треба да добие основа, да створи механизам за пристап до квалитетна информација, да научи критички да размислува, да синтетизира и да може самостојно да го примени наученото. Тоа се разбира не е лесно, куќа не се гради преку ноќ. Потребно е време, желба, посветен пристап, макотрпна работа и многу љубов.