Дури 85 отсто ученици и 80 отсто наставници во Македонија се против екстерното

Дури 85 отсто ученици и 80 отсто наставници во Македонија се против екстерното

Подготвил: В.Ф

Дури 85 отсто од учениците и 80 отсто од наставниците сметаат дека треба да се прекине екстерното тестирање во Македонија. Тие потврдиле дека се незадоволни од неговото воведување, соопштува Центарот за управување со промени (ЦУП). Бројките покажале дека повеќе од 2/3 од учениците сметаат дека наставниците реално оценуваат, додека 77 отсто од учениците и дури 90 отсто од наставниците сметаат дека оценката на наставникот подобро го изразува стекнатото знаење на ученикот.




- Во случаите кога оценката од екстерното се разликува од онаа на професорот, 58 осто од учениците и 65 отсто од наставниците сметаат дека тоа се должи на несоодветните прашања - велат од Центарот.

Целта на истражувањето е да се утврди ефикасноста и целисходноста на екстерното тестирање, а во неговите рамки биле испитани мислењата на учениците и наставниците.
Во поглед на квалитетот на прашањата, само 5.8 осто од учениците одговориле дека прашањата се одлично прилагодени со наставата.

- Прашањата кои се јавно објавени можат да бидат лесно научени дури и од оние ученици кои не учеле континуирано, а со тоа да се стекнат и со повисоки оценки. Ова би значело отстапување од оцената која ја става наставникот, па за да избегнат казна, наставниците настојуваат да оценуваат со средни оцени - покажуваат резултатите.

Од истражувањето произлегуваат заклучоците дека иако декларативна цел на екстерното оценување е проверка на објективноста во оценувањето од страна на наставниците, екстерното тестирање не придонесува кон пообјективно оценување и поквалитетно образование.

- Екстерните оценки имаат недостаток на валидност бидејќи вреднуваат меморирање на податоци наспроти знаење, односно го тестираат само памтењето, но не и „разбирање, примена, анализа, синтеза, вреднување и творештво“, согласно критериумите за оценување на Бирото за развој на образованието - заклучуваат од ЦУП.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Поголема партиципација - подобри политики и регулативи“, а го спроведе ЦУП и Зип Институт, со поддршка на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во рамките на програмата „Цивика мобилитас“, финансиски поддржана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.