Околу 1,8 милиони евра месечно се трошат на приватни часови по математика и англиски

Околу 1,8 милиони евра месечно се трошат на приватни часови по математика и англиски

Подготвил: Д.Ф.

Искуството на наставниците и професорите и интерните анкети во училиштата покажуваат дека најмалку една третина од учениците од секој клас одат на приватни часови по барем еден предмет.



Околу 1,8 милиони евра месечно трошат заедно родителите на основците и средношколците во земјава за дополнителни приватни часови по математика и англиски, покажуваат грубите проценки што ги направи Факултети.мк. Земањето приватни часови по овие два предмета, особено по математика, изминатите години стана секојдневна практика. Од дополнителните часови се заодоволни сите - учениците добиваат повисоки оценки, родителите се растоварени од обврската да решават задачи дома со своите деца, а професорите добиваат можност за дополнителна заработувачка.

Искуството на наставниците и професорите и интерните анкети во училиштата покажуваат дека најмалку една третина од учениците од секој клас одат на приватни часови по барем еден предмет. Цените за еден час по математика кој трае од 60 до 90 минути се движат од 200 до 500 денари, во зависност од времетраењето, квалификациите на професорот, бројноста на групата и местото каде што се одржуваат часовите. Ако од околу 276.000 основци и средношколци, колку што според Државниот завод за статистика има во земјава, една третина земаат приватни часови барем еднаш неделно и во просек ги плаќаат по 300 денари, се доаѓа до сумата од 450.000 евра неделно или околу 1,8 милиони евра месечно. Но, со оглед на тоа дека има ученици кои редовно, по двапати неделно одат на дополнително подучување или плаќаат поскапи часови, износот е уште поголем.

Професорите кои држат приватни часови објаснуваат дека последниве години подучуваат се повеќе деца, при што бројката нагло се зголемува пред полагањата за државна матура и пред екстерните тестирања. Професорка по математика од едно скопско училиште, која предава во осмо и деветто одделение, вели дека речиси половина ученици од еден клас во нејзиното училиште приватно одат на дополнителни часови. Најголемиот дел од нив на часови по математика и англиски јазик, но има и такви на кои им треба дополнително подучување од физика, хемија, биологија и сл.

- Иако во јавноста постои општо мислење дека Кембриџ програмата е ужасно тешка, дека не може да се совлада и поради тоа на учениците им треба дополнителна помош, моето искуство го покажува спротивното. Таа програма воопшто не е тешка, туку главниот проблем е тоа што наставничкиот кадар од прво до четврто одделение е многу слаб по математика, така што децата не ја добиваат неопходната основа. А математиката е таква наука каде што мора да се стекне солидна основа за после да може да се совладаат покомплицираните работи. И тука почнуваат проблемите кои потоа во погорните класови стануваат поголеми - објаснува наставничката.

Генерално, дополнителни часови земаат послабите ученици, но има и голем дел одлични ученици кои и покрај петките се одлучуваат на плус часови.

- Првите одат за да им се разјасни сето она што не го совладале на редовните часови, а најчесто под притисок на родителите. Одличните одат за да може уште повеќе да наредуваат и да се консултираат за тешките задачи. Најчесто на почетокот доаѓаат ученици со послаби оценки, но кога ќе направат добар резултат продолжуваат со часовите за да го задржат - објаснува наставничката по математика.

Родителите, пак, сметат дека приватните часови им се неопходни на децата бидејќи наставната програма е преобемна и многу тешка, а наставниците, особено тие по математика, не се ни обидуваат материјалот да им го направат посфатлив и поинтересен.

- Дополнителните часови се луксуз, но без нив децата не можат да ја совладаат доволно наставната материја и да добијат високи оценки кои им се неопходни за да се запишат на саканиот факултет. Ќерка ми е многу солиден ученик, но никако не може да излезе на крај со математиката. Се труди постојано, но се жали дека професорката не им објаснува доволно на час и оти не ги подготвува за матура. Дополнителните часови навистина ни го оптоваруваат домашниот буџет, но барем имаат ефект - вели Валентина С., мајка на матурантка.

Дел од родителите на основци признаваат дека се презафатени и немаат време да работат со децата дома, па таа работа им ја препуштаат на приватните професори