Американските милијардери масовно купуваат странски државјанства

Американските милијардери масовно купуваат странски државјанства

Подготвил: Б.Б.


Колаж од познати американски бизнисмени

„Имам два мотори, многу оружје и муниција. Сметам дека тоа ќе ми биде сосема доволно за некое време да се затворам во куќата и да го преживеам крајот на светот“. Ова го изјави Стив Хофман, коосновачот и шеф на „Редит“ (веб платформа со вредност над 600 милиони долари), пред Еван Оснос, новинар на „Њујоркер“ кој го истражува необичниот феномен – стравот на технолошките тајкуни од апокалипса.

И ова не е шега. Американските милијардери од Силициумската долина сè повеќе се подготвуваат за црно сценарио, особено откако Трамп дојде на власт.

Еве ги бројките. Само во првата недела од преземањето на претседателската функција, 13.400 Американци аплицирале за државјанство во Нов Зеланд, што е 17-пати повеќе од вообичаено, а во првите девет месеци од минатата година странците купиле 3.500 квадратни метри  земјиште во таа држава, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Нов Зеланд е хит-дестинација и омилен план „Б“ што се потврдува и со случајот на Питер Тил, коосновачот на „Пејпал“ и „Палантир“, како и еден од првите инвеститори во „Фејсбук“, тежок околу 2,2 милијарди долари. Уште пред пет години, на езерото Ванака во Нов Зеланд купил земјиште во вредност од 10 милиони долари.

„Кога некој од колегите ќе каже дека бара куќа на Нов Зеланд, јасно е зошто. Само ќе си намигнеме и не зборуваме повеќе за тоа“, открива Рејд Хофман, коосновачот на „Линкдин“  кој поседува имот во таа земја. Тој проценува дека над 50% од основачите на компаниите во Силициумската долина имаат имоти во Нов Зеланд.

Глобалниот бизнис што се изроди од овој тренд таканаречен „посебно државјанство“ за странските богаташи во земји како Нов Зеланд, Малта или Карибите, се проценува на две милијарди долари годишно, а освен Американците има и руски, кинески и индиски милионери.

Стив Вознијак, легендарниот коосновач на „Епл“ и најблискиот соработник на покојниот Стив Џобс, подолго време има австралијанско држвјанство и е сопственик на имоти во Сиднеј и Тасманија.

Силициумската долина од првиот ден е во конфликт со Трамп. По потпишувањето на забраната за влез на имигранти во САД, мнозинството од најголемите технолошки компании застанаа против таа уредба, меѓу кои се и шефовите на „Ербиенби“, „Гугл“, „Фејсбук“, „Нетфликс“, „Епл“ и „Тесла“.

Сопственикот на „Фејсбук“, Марк Цукенберг , четвртиот најбогат човек на светот, проценет на 55 милијарди долари, истакнал дека наместо ѕидови треба да се градат мостови. Но, тој го направи истото како и Трамп. Имено, откако пред две години, следејќи го трендот во Силициумската долина, и самиот купил големо земјиште вредно 100 милиони долари на хавајскиот остров Кауаи, и околу него изградил ѕид. За заштита на приватноста, како што вели самиот.