Кога бев студент... Со Ана Кондратенко, виолинистка: За да не се изгубам во океанот со „ајкули“, вежбав и по 10 часа на ден пред испит или настап

Кога бев студент... Со Ана Кондратенко, виолинистка: За да не се изгубам во океанот со „ајкули“, вежбав и по 10 часа на ден пред испит или настап

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Најголема среќа во Келн беше да најдеш стан или соба за живеење каде што ќе имаш разбрани комшии или посебна просторија за вежбање.



Големиот Хозе Карерас лично ја покани пред десетина години да учествува на аудиција за концерт со Пласидо Доминго, но таа го одби, сакаше да му се посвети на семејството. Иако доаѓа од еден од најстудените градови во светотво Русија, Новосибирск, таа зрачи со својот топол лик и може и најстудениот слушател во публика да го стопи. Ана Кондратенко е прва виолина, односно концерт-мајстор во Македонската филхармонија. Секој нејзин настап и како солист со Филхармонијата или на соло-рецитали останува запаметен.

Иако Русија е земја на класичната музика, со долга традиција, таа одлучила студиите да ги продолжи на Високата музичка школа во Келн, Германија. Средното музичко го завршила во Русија, се запишала таму на Конзерваториум, но го продолжила и завршила во Келн. И таму ѝбила среќата да го запознае и нашиот виолинист Олег Кондратенко, а тој ни го донесе најмладиот концерт-мајстор во историјата на Македонската филхармонија.

Во Македонија доцна се почнува со изучување инструмент

Таа вели дека кај нас многу доцна децата почнуваат да одат во музичко училиште, односно да ги изучуваат музичките инструменти.

-Mорам да објаснам една работа за која многумина имаат погрешна претстава: кај еден музичар, посебно инструменталист, образованието почнува од најраната возраст. Обично во Македонија децата почнуваат да свират виолина, клавир или виолончело на 7-8-годишна возраст. Кај мене во Русија најнормална возраст за први чекори на тие инструменти се 4-5 години. Во Јапонија и во други азиски земји таа возраст се намалува до 2-3 години. Така, кога доаѓаме на приемни испити за високото образование, ние веќе зад себе имаме приближно10-15 години поминати во секојдневна работа по неколку часа дома и на најразлични настапи (концерти, испити и колоквиуми) – вели Ана.



Таа еднаш направи груба пресметка од 50-55 испити што еден виолинист ги има положено по разни предмети (основен инструмент, втор инструмент, солфеж, хармонија, теорија на музика, историја на музика, контрапункт, полифонија) пред да пристапи кон високото музичко образование.

-По тоа се гледа дека само тие што вистински се посветени на својата професија остануваат истрајни по тој пат полн со откажувања и тешка секојдневна работа и дисциплина – додава Кондратенко.

Заедно со сопругот Олег работи на образование на млади виолинисти. Ева Богојевска е една од нивните најуспешни ученички.

На прашањето дали некогаш размислувала за друг факултет, Ана ни одговори:

-Во Русија ако си еден од учениците што се сметаат за посебно надарени и учат во посебни школи за талентирани деца, такво прашање се поставува само на почеток на основно образование или ако поради некои причини се откажуваш од музичката кариера.

Ни раскажа за изборот за Високата школа за музика во Келн.

-Моето образование по завршувањето на средното во Русија решив да го продолжам надвор од мојата земја, ама кај руски професор. Изборот падна на Високата школа за музика во Келн, Германија. Во тоа време таму работеа две легенди на виолинизмот – Виктор Третјаков и Захар Брон. Јас бев поканета од страна на светски познатиот професор по виолина Захар Брон, но судбина ми беше да паднам во класата на светски познатиот виолинист Виктор Третјаков. Така што мојот студентски живот се одвиваше надвор од мојата родна земја, далеку од фамилијата и од пријателите. Ама доста брзо влегов во весело друштво на руски студенти во Келн, кое бешемногубројно. Имавме и весели забави, ама повеќе се дружевме дури траеја пробите, концертите, најразлични турнеи или додека чекавме ред. Да, за да добиевме соба за вежбање моравме да чекаме ред секои два часа за да има секој можност да вежба. Најголема среќа беше да најдеш стан или соба за живеење каде што ќе имаш разбрани комшии или посебна просторија за вежбање.



Учењето не ѝ било тешкотија на Ана од мали нозе. Затоа ја имала стекнато потребната дисциплина за да може да одговори на големата конкуренција пред која била исправена за време на студиите.

-Од малечка многу сакав да одам на училиште. Колку повеќе предмети имав со текот на годините, со толку поголем интерес одев во школо. Морам и да споменам дека музичкиотобразовен систем во Русија е многу јак и немав никакви проблеми (освен што не учев на мајчин јазик) да бидам добра студентка по сите предмети. Секако, приоритет на секој музичар е неговиот инструмент, на кој му се посветуваат90% од времето и вниманието. Конкуренцијата таму беше многу голема, така што за да не се изгубам во тој океан со „ајкули“ наоколу, морав да вежбам во обични денови по минимум двачаса, а во денови пред испити или настапи и до 10 часа дневно – признава Кондратенко и додава дека во нејзината професија, висината на оценките не е најважна, туку како некој свири. Таа се трудела да добива највисоки оценки, особено по виолина.

Свиревме „тезги“ за да заработиме

-Во нашата работа настапот е дел од образованието. За да добиеш диплома мора секој семестар да направиш одреден број настапи со оркестар, камерен состав (два или повеќе музичари што свират заедно) или соло. Исто така,ретки беа тие среќници со стипендии или богати родители, така што за да преживеат, многуминаод нас (вклучувајќи ме и мене) заработуваа свирејќи тезги. За да не бидам погрешно разбрана: „тезга“ за нас значеше свирење во некој симфониски или камерен оркестар по договорна основа.

Најмногу сакала да ги изучува предметите поврзани со виолината и сѐ што е посветено на нејзината професија.

-Тоа беа часовите со мојот професор В. Третјаков, оркестар и музицирање во различни камернисостави. Ама ако ја оставам настрана, секогаш ме интересираше историја. Па така, во Германија со посебно задоволство ги посетував часовите по историја на музиката, иако ги имав само два семестра. Исто така, морам посебно да истакнам предмет кој многу ми помогна во професионалниот живот, а недостига на Факултетот за музичка уметност, а тоа е читање од ноти (тоа е кога треба да свириш по ноти што ги гледаш првпат во животот и треба што помалку да грешиш) – вели врвната виолинистка.



На прашањето дали би сакала да работи како професорка на факултет, таа признава дека повеќе сака да работи со мали деца што ги прават првите чекори по „овој долг, тежок, ама убав пат“.

Ана денес е многу среќна што оркестарот во кој таа е првата виолина во последните десетина години бележи голема разлика.

-Јас влегов во оркестарот на Филхармонијата како хонорарен соработник на почеток од 2005 година и за овие 12 години се гледа и се слуша голема разлика благодарение на паметното и модерното водење на овој оркестар од страна на директорката Маја Чанаќевиќ и, секако, моите колеги кои на секој нареден концерт напредуваат во заедничкото музицирање – признава Кондратенко.

На крајот на нашето патување, Ана им упати порака на младите студенти:

-Да бидеш музичар е многу возвишена, ама истовремено и тешка работа. Затоа, како и во секоја професија, за да успееш во музиката, мора да ја сакаш со сета своја душа и да даваш многу од своето време на твојот инструмент. Затоа, без апсолутна посветеност, без лична и работна дисциплина во оваа професија нема да може да се успее на вистинскиот начин!