Стимулативни мерки за талентираните ученици

Стимулативни мерки за талентираните ученици

Владината стратегија за поддршка на талентираните ученици, во насока на вреднување и поттикнување на нивното знаење и натпреварувачки дух, од оваа учебна година е надополнета со нова стимулативна мерка, која е дел од пакетот 40 мерки за млади, промовирани во изминатиот период.



Ова на денешната прес конференција го истакна заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој рече дека станува збор за обезбедување на месечен паричен надоместок за секој средношколец од земјата кој ќе успее да земе учество на некоја од тринаесетте признати меѓународни научни олимпијади и притоа ќе освои едно од првите три места, односно ќе освои златен, сребрен или бронзен медал.

“Доколку го исполни овој услов ученикот, но и наставникот кој го менторирал и придонел за постигнатиот успех, ќе добиваат месечен паричен надоместок во износ од 12, 10, односно 8 илјади денари во текот на целата година, зависно од освоеното место и медал“, информираше Ристовски, додавајќи дека за оваа намена тек е конкурс, преку кој досега пристигнале 3 апликации. Можноста за аплицирање е отворена до 31 август.

Ристовски потсети и на две други мерки кои се однесуваат на талентираните ученици кои постигнуваат високи резултати на домашните и меѓународни натпревари.

“Во периодот што следи продолжуваме и со исплатата на еднократни финансиски надоместоци во висина од 50% од просечната нето плата во земјата во тековната година за секој ученик кој ќе освои прво место на државен натпревар по сите предмети за кои се организираат натпревари од акредитирани здруженија на наставници. По овој основ, пријавувањето преку доставување на соодветна документација до министерството трае до крајот на годината. А исто така, еднократни финансиски надоместоци во висина од 50, 40, или 30% од просечната нето плата, трета година по ред следуваат и за секој ученик што ќе освои прво, второ, односно трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, за што, аплицирањето трае до 31 август“, рече Ристовски.

Во изминатите две години Министерството за образование и наука по овие два основи реализираше 450 парични исплати на ученици и ментори кои ги исполнија потребните законски, односно конкурсни критериуми.