Интервју со Томче Делев, најинспиративен асистент на ФИНКИ: Се вложувам максимално во пренесување на знаењето

Интервју со Томче Делев, најинспиративен асистент на ФИНКИ: Се вложувам максимално во пренесување на знаењето

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Во нашата работа на часовите од вежби, не е доволно само да се презентира материјалот кои студентите треба да го научат. Потребно е да се пронајде вистинскиот начин на презентација кој ќе ги заинтересира студентите и кој соодветствува на она што се предава.



Тој е единствениот асистент на ФИНКИ којшто ја разбира потребата на студентот да му се објасни како се програмира една задача/проблем. Дека тоа не е само покажување на решен примен на слајдови. Секоја задача предвидена за решавање асс. Томче Делев ја решава отпочеток за сите свои групи и ги објаснува сите детали кои што му се потребни на еден програмер за да биде успешен во своето работење – ова е само еден од стотиците коментари што на нашата адреса стигнаа, на прашањето кој е најинспиративниот асистент на вашиот факултет.

„Тој е асистент кој што секогаш, секој испит го право десет пати потежок од претходниот со цел да ни покаже дека ние можеме да успееме во се, само треба да излеземе од нашата комфорт зона“, „автор и креатор на голем број на познати апликации кои се користат како секојдневно (како на пр. апликацијата за возниот ред на ЈСП за Андроид), „на секое свое предавање (вежба) знае да сподели примери од секојдневнието, прашања кои студентите ги добивале на интервјуа за вработувања во најпрестижните ИТ фирми во светот“, продолжуваат комплиментите.

Со студенти почнал да работи во 2009 година, како асистент на ФЕИТ, прво на насоката ИКИ, а од 2011 година работи на ФИНКИ, заедно со целиот кадар од поранешниот ИКТ при ФЕИТ.

Факултети.мк: Ви значи ли што токму колегите студенти од ФИНКИ Ве избраа за најинспиративен асистент?

-Секако дека изборот од колегите (студентите) ми значи, најмногу затоа што тие се оние за кои работиме и кои постојано ја следат нашата работа. Со самото тоа студентите се и инспирација и мотивација за секој час да биде посебна приказна, во која најважно е да научат или слушнат нешто ново.



Факултети.мк: Дел од комплиментите на студентите беа „нѐ наведува да мислиме дека може да ги прошириме нашите граници“, „нѐ учи дека треба да го работиме тоа што го сакаме и да бидеме најдобри во тоа“, „секогаш знае да ги објасни работите на вистинскиот начин“, „тој е кралот на програмирањето на ФИНКИ“, „знае повеќе и од некои професори што се доктори на науки“... На што се темели Вашиот начин на работа со студентите?

-Во нашата работа на часовите од вежби, не е доволно само да се презентира материјалот кои студентите треба да го научат. Потребно е да се пронајде вистинскиот начин на презентација кој ќе ги заинтересира студентите и кој соодветствува на она што се предава. Материјалот треба постојано да се збогатува и обновува со многу примери и аналогии од теоријата, но и од практичната работа. Јас се обидувам секој час да се вложам максимално во објаснувањето на концептите и примерите и да го искористам моето искуство од областа на програмирањето и софтверското инженерство. Секогаш се обидувам да ги следам најновите текови, затоа што науката е многу динамична, а посебно компјутерските науки и целата ИТ-индустрија каде што секојдневно се појавуваат нови трендови и технологии. Мислам дека ваквиот пристап студентите го чувствуваат и само тоа и мојата желба секогаш да го пренесам цело мое знаење ме мотивира да го работам ова.

ФИНКИ е факултет кој има се подобра репутација кај нас. Ве радува ли тоа што си дел од тим што победува?

-Уште од формирањето на ФИНКИ, претходниот декан проф. Димитар Трајанов, а и сегашниот, проф. Иван Чорбев имаа визија овој факултет да биде препознатлив по квалитетот и да го следи добра репутација. Мислам дека изминатиов период, најмногу преку сите дипломирани и тековни студенти покажува дека на ФИНКИ се работи добро во условите кои ги имаме. Нашите студенти без проблеми се вработуваат во реномирани домашни и странски компании, а не ретко продолжуваат и на магистерски студии кај нас, но и на странски универзитети. Мое мислење е дека најголема заслуга за ова има токму кадарот на овој факултет, односно тимот во кој сум и јас, што секако дека ме радува. Кадарот на ФИНКИ е составен од дел од најталентираните и мотивирани млади луѓе кои останаа во Македонија за да го пренесат своето знаење на новите генерации инженери.



Факултети.мк Дали се гледате себеси можеби во некоја ИТ-компанија, наместо на факултет?

-Јас започнав да работам како асистент со претходно работно искуство во домашна ИТ-компанија и мислам дека тоа е многу важно во мојата работа во академијата и едукацијата. Токму затоа и ден денес сум во постојан контакт преку соработка со компании од ИТ-индустријата, како и членството во организацијата JUG MK (локална корисничка група на Java програмскиот јазик и технологија) во која сум дел од нејзините почетоци. Сепак, желбата да го пренесувам моето знаење и опкруженоста со млади и амбициозни колеги засега ме задржува да продолжам да работам на факултет.