Нападните трговци не смеат да ве вознемируваат по телефон, казните се до 4.000 евра

Нападните трговци не смеат да ве вознемируваат по телефон, казните се до 4.000 евра

Подготвил: Д.Ф.

Хрватите неодамна го решија овој проблем со воведување на националниот регистар „Не ѕвони“, при што кога некој граѓанин еднаш ќе го внесе својот број во овој регистар, трговците повеќе не смеат да му се јавуваат и да му ги нудат своите производи.



Медицински препарати, прекривачи, тенџериња, садови, перници, козметика, се само мал дел од производите кои трговците ги нудат по телефон, СМС или на приватните имејл адреси на граѓаните. Ѕвонат и праќаат упорно, ги вознемируваат граѓаните во секој дел од денот, а неретко им се појавуваат и на врата.

Голем дел од граѓаните се жалат дека трговците се упорни во своето рекламирање иако им нагласиле дека не се заинтересирани за производот и дека не сакаат повеќе да бидат вознемирувани. Хрватите неодамна го решија овој проблем со воведување на националниот регистар „Не ѕвони“. Станува збор за регистар на Хрватската регулаторна агенција за мрежни дејности преку кој таа одлучи да им застане на патот на агресивните и упорни трговци. Кога некој граѓанин еднаш ќе го внесе својот број во овој регистар, трговците повеќе не смеат да му се јавуваат и да му ги нудат своите производи.

- Смислата на овој регистар е луѓето кои не сакаат да бидат вознемирувани преку телефон со трговски и рекламни понуди, можат да го регистрираат својот број во базата и на тој начин да се осигураат дека во својот дом ќе имаат приватност и нема да бидат вознемирувани од различни трговци – изјави Мартина Далиќ од Министерството за економија на Хрватска за тамошните медиуми.

Законот за заштита на потрошувачите во Македонија ги штити граѓаните од нападните трговци. Всушност, агресивното и нападно однесување на трговците е казниво дело за кое се предвидени казни од 2.000 до 4.000 евра. Според законската регулатива, трговците не смеат да ги вознемируваат граѓаните со телефонски повици, особено не доцна навечер. Не смеат ни упорно да им испраќаат понуди или реклами по имејл или преку СМС пораки ако граѓаните не дале писмена согласност за тоа. Забрането им е и да ги нудат производите на врата ако граѓанинот се изјасни дека не е заинтересиран.

Сепак и покрај законските одредби кои се донесени пред околу шест години, досега граѓаните не пријавиле вознемирување од трговците кај надлежните институции, односно во Пазарната инспекција или во Организацијата за заштита на потрошувачите. Причината за тоа, според надлежните, лежи во фактот што дел од граѓаните не се запознаени со своите потрошувачки права, но и поради тоа што многу е тешко да се докаже агресивното пазарно однесување на трговците за да може да се казни.