Откриено единственото видео со славниот писател Марсел Пруст

Откриено единственото видео со славниот писател Марсел Пруст

Подготвил: Б.Б.


Марсел Пруст

Универзитетскиот професор Жан-Пјер Сироа-Трахан од Канада тврди дека го открил единственото видео на кое се гледа славниот француски писател, Марсел Пруст. Според пишувањата на британскиот Гардијан, на црно-белата снимка од венчална поворка од 1904 година, во траење од неколку секунди се покажува маж во свои триесетти години, со шешир на главата и во сив костум. Интересно е што само тој сам се симнува по скали, а мнозинството од луѓето се движат во двојки.

Сироа-Трахан, професор на Универзитетот Лавал во Квебек, верува дека таа е единствената снимка на Марсел Пруст. Тој додава дека станува збор за снимка од венчавката на Илеин Грефул (Elaine Greffulhe), ќерка на грофицата од Грефул. Грофицата му била блиска пријателка на Пруст и наводно инспирација за ликот Ориан де Германтес во делото „Во потрага по изгубеното време“.


Лик Фраис, голем стручњак за Пруст и неговиот живот, вели дека снимката навистина го прикажува Пруст. „Го знаеме секој детаљ од Прустовиот живот, знаеме дека во тие години сакаше да носи спефицичен шешир и сив костум. Навистина е трогателно да се каже дека првпат го гледаме Пруст. Ќе беше одлично побавно да се симнуваше по скалите, но тоа ќе го средиме со мало забавување на филмот“, рекол Фраис.

Друг специјалист за животот на Пруст, Жан-Ив Тадие, вели дека е воодушевен. „Неверојатно е никој да не размислувал да ги побара Прустовите материјали во архивата на Грефул. Сето тоа покажува дека возможни се нови откритија за овој добро проучуван автор“, додал тој.  

Пруст починал во далечната 1922 година, на 51-годишна возраст. Неговото најпознато дело „Во потрага по изгубеното време“ било објавено во седум делови меѓу 1913 и 1927 година.