Овој човек можеби е единствената реална закана за Доналд Трамп

Овој човек можеби е единствената реална закана за Доналд Трамп

Подготвил: Б.Б.


Ерик Шнајдерман

Државниот адвокат, Ерик Шнајдерман, со години се обидува да му се испречи на патот на Доналд Трамп.

Во 2010 година, Шнајдерман се натпреварувал за позицијата државен адвокат во државата Њујорк, во период кога Трамп сè уште бил во фазата на шоумен. Но, токму тогаш, Трамп донирал пари за еден од противниците на Шнајдерман во предизборието во Демократската партија. Сепак, Шнајдерман успеал да извлече победа, по што отишол во Trump Tower за да побара донација за општите избори.

Трамп му дал 12.500 долари на демократот, кој успеал да го победи својот републикански противкандидат. Но Шнајдерман и Трамп никогаш не се спријателиле, напротив, тоа било почеток на една долга и горчлива сага меѓу нив двајцата. Сè почнало кога Шнајдерман го презел случајот на државата против универзитетот на Трамп во Њујорк, во кој се барало школата да не се именува како универзитет, бидејќи не била лиценцирана како високообразовна институција и немала дозвола за нудење такви услуги.

Од тој момент, Шнајдерман станал мета на немилосрдни лични напади од страна на Трамповиот табор (дека му понудил отфрлање на тужбата во замена за донација, дека е незнајко и почетник, дека ги фрла милионите од даночните обврзници, наместо да го гони Wall Street итн.).

Откако победил во споменатата трка, Шнајдерман се профилирал како најомилениот адвокат во левичарските медиуми, особено после извојуваната битка со банките. После изборот на Трамп за претседател, случајот со неговиот „универзитет“ завршил со спогодба тешка 25 милиони долари и покрај ветувањата на Трамп дека тоа никогаш нема да се случи.

По влегувањето на Трамп во Белата куќа, Шнајдерман му испратил писмо со предупредување да не го отфрла планот на Обама за чиста енергија, му се заканил со тужба откако Трамп го замрзнал финансирањето на програмата за чисти вода и воздух од страна на Агенцијата за заштита на околината и се приклучил во тужбата за неуставноста на извршната наредба за имигрантите. Освен Трамп, на неговиот нишан се наоѓаат и луѓето од Трамповата орбита (првите луѓе на институциите преку кои Трамп ги спроведува неговите ригидни наредби споменати погоре, а кои се однесуваат пред сè на жителите на државата Њујорк).

Што точно може да постигне Шнајдерман – сам или во соработка со другите државни адвокати – а против водството на десниот популистички бран во Белата куќа, треба да се види допрва. По прашањето на политичкиот курс, адвокатите во неговиот уред се сигурни дека многу од тоа што го предложил Трамп е бедно напишано, уште полошо промислено и дека е отворено за секаков вид судски тужби.

„Сè уште не знаеме какви ќе бидат правните последици на многу од извршните уредби. Но, знаеме дека ќе посведочиме сојузна администрација која ќе ги намалува правата на потрошувачите и работниците, ќе ги укинува механизмите за заштита на околината и ќе бара начини да ги расформира правата што биле претходно воспоставени. Начинот на борба против сето ова се судовите и тоа сега е должност на државните адвокати“, изјавил државниот адвокат на Масачусетс, Хили.

На еден голем собир на Менхетн, неколку дена после изборите, Шнајдерман одржал говор на човек кој е подготвен да го предводи нападот: „Се соочуваме со криза, не во врска со тоа кој е конзервативец, а кој либерал, туку со криза поврзана со изборот дали ќе го почитуваме владеењето на правото или не, дали ќе го почитуваме Уставот или не, околу тоа дали сè уште вреди централниот американски постулат за еднаквост пред законот и дали секој има право да биде третиран со достоинство, еднаквост и почит – сето тоа сега е загрозено“, рекол пред присутните.