Земјата со рекордно ниска невработеност, високи плати и потреба од нови работници

Земјата со рекордно ниска невработеност, високи плати и потреба од нови работници

Подготвил: Маја Пероска

Република Чешка бележи рекордно ниска невработеност во рамките на Европската Унија. Во четвртиот квартал од минатата година невработеноста изнесувала 3,6 %. Тоа е воедно и најниска невработеност во историјата на самостојна Република Чешка.


Учеството на вработените е во историски максимум и изнесува 72,9 %. Ова е податок кој во текот на февруари беше објавен од страна на Чешкиот завод за статистика. Истовремено „Eurostat“ објави дека Чешка бележи рекордна невработеност од сите земји на ЕУ. Според нивните податоци, процентот на невработеност во декември 2016 е 3,7 %, додека позади неа  е Германија со 4,1 %.

Од друга страна, земјата со најголема стапка на невработеност во ЕУ и натаму е Грција со 23,0 %, а потоа следуваат Шпанија со 18,4 %, Кипар со 14,3 % и Италија со 12 %.

Вкупниот број на невработени во Чешка се намаува на годишно ниво. Тоа важи и за мажите и за жените. Невработеноста опаѓа без разлика на степенот на образование. Најниска невработеност има кај лицата со високо образование, што значи дека речиси секој човек со високо образование работи. Кај оние со средно образование невработеноста изнесува 2,3 %, додека пак кај лицата со основно образование е висока и изнесува 18,7 %. Но, во однос на претходните две години и оваа бројка е помала за 4 %.

Економистите велат дека со растот на вработувањата растат и платите. Пазарот на труд во Чешка е пример за сите земји во ЕУ. Деталната анализа покажува дека Чешка е многу слична на Германија. И двете држави имаат силна индустриска зона, пред се автомобилска и машинска основа. Идентична е и ориентацијата на извоз, рекордно позитивен трговски биланс, здрави јавни финансии и државен долг на ниво кое не предизвикува страв. Иако висината во платата помеѓу овие две земји е голема, сепак развојот на ситуацијата со личните примања во двете земји е идентичен.

Од друга страна, компаниите во Чешка заради ниската невработеност не можат да си обезбедат работници. Најголем проблем е во индустријата и во транспортот, па компаниите привлекуваат работници нудејќи поголеми плати и заради тоа доаѓа и до инфлација. Проблемот со недостаток на работници е присутен веќе неколку години. Владата на Чешка ќе издаде повеќе од првично најавените 5 илјади работни дозволи. Министерството за надворешни работи ќе ја зголеми квотата за примање молби за работни дозволи и тоа најмногу за Украина.

Рецептот за успехот на земјата се новите инвестиции и работните места, сметаат експертите. Според нив, странските инвеститори ја користат нивната квалификувана работна сила, а нивните лични трошоци се ниски. Друг важен фактор е и интервенцијата на Чешката народна банка, која одржува стабилен курс кон еврото. Проблем е само што недостигаат квалификувани работници од сите гранки, но посебно од техничка област.