Концерт во Палмира, во ритамот на далечните експлозии

Концерт во Палмира, во ритамот на далечните експлозии

Подготвил: Б.Б.


Концерт во Палмира

Сириските уметници во неделата одржаа концерт во прочуениот антички амфитеатар во Палмира, откако војската го ослободи по втор пат од Исламската држава.

За разлика од првиот пат, кога на концертот настапи руски оркестар, сега музичарите од Сирија самите ги надвладуваа татнежите од далечните битки со звуците на арапските класици.

„Би сакала да настапам на сите места од каде е истерана Исламската Држава“, изјави за AFP 15-годишната пејачка, Анхел Дајуб.

Виолини, дајриња и тамбури ја вратија музиката во амфитеатарот, пркосејќи им на терористите кои забрануваат музика на териториите кои се под нивна власт.

Историскиот споменик кој е под заштита на УНЕСКО е тешко оштетен при претходните борби, кога го користеа и како сцена за масовни егзекуции.

„Пееме и се враќаме посилни отколку што бевме, за да ја обновиме Сирија. Тоа секој го работи на сопствен начин. Нашиот е преку музика и пеење“, порачува Дајуб, а пренесува Arab News.