ФБЕ продолжува со имплементација на интернационален студентски проект!

ФБЕ продолжува со имплементација на интернационален студентски проект!



Факултетот за бизнис економија во наредните четири недели ќе спроведе интернационален студентски проект, во кој како партнери ќе се појават Државниот Универзитет на Њу Јорк, Платсбург (SUNY) од САД и Универзитетот на Љубљана – Факултет за администрација (FAUL) од Словенија. Проектот е наречен COOL 2.0, (Collaborative Online Learning), а ќе учествуваат 30 студенти од вкупно пет држави (САД, Словенија, Полска, Португалија и Македонија), кои ќе соработуваат преку специјална платформа наречена BEP (Business Educational Platform), развиена под проектот ISPEHE (Иновативно стратешко партнерство за европско високо образование - Innovative strategic partnership for European higher education. ISPEHE се имплементираше со поддршка на Европската комисија и Еразмус+ програмата преку Националната Агенција за Европски Образовни Програми и Мобилност, а воедно е најголем проект од овој вид во Република Македонија.

Ова е всушност втора верзија на проектот во овој формат, кој во текот на претходниот семестар беше успешно спроведен од страна на трите институции и во кој учествуваа над 100 студенти од трите земји, како и претставници од бизнис заедницата во САД, Словенија и Македонија.

Целта на COOL е студентите да добијат чувство како е да работат во интернационална средина, која се карактеризира со различни временски зони, организациски култури и голем број на други фактори. Крајниот резултат на COOL ќе биде промотивна маркетинг кампања што би била спроведена во САД, Словенија и Македонија паралелно за идентични производи и услуги.

Проектот се спроведува трета година по ред на ФБЕ, со тоа што оваа година е во најголем организациски капацитет. Координатор на ФБЕ за COOL е м-р Мартин Киселички, координатор за SUNY, Plattsburgh е проф. д-р Richard Gottschall, додека пак координатор за FAUL, Ljubljana е проф. д-р Primoz Pevcin. Студентите кои учествуваат од трите високо-образовни институции се дел од втората, третата и четвртата студиска година.