Како Путин станал најмоќниот човек на планетата?

Како Путин станал најмоќниот човек на планетата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

putin
Фото извор: Profimedia

Комитетот за разузнавање на Сенатот на Америка наскоро ќе започне со истрага на обвинувањата дека Русија стои позади хакирањата кои открија валкани тајни на Демократската партија, особено за Хилари Клинтон. Ако се утврди дека Кремљ стои позади хакирањето, за многу луѓе тоа претставува одмазда на Путин кон Клинтон.

Владимир Путин лесно може да стане најмоќниот човек на планетата, доколку американската разузнавачка заедница е во право. Неговата борба за трет мандат доаѓа во важно време, не само за Русија, туку и за целиот свет. Иако не бил цело време претседател, Путин бил главен човек на Русија додека бил премиер. Тој би можел да владее со Русија сè до 2024 година, што е подолго што некој владеел со земјата уште од времето на Сталин.

Уште од времето додека бил агент на КГБ, кај Путин се создал страв кој со него останал цел живот - страв од револт на народот. Тогаш наводно започнал да се бори со стравот преку стекнување на апсолутна власт.

„Да се води значи да се контролира. Така би рекол Путин. Тој има контрола над својата земја“, вели руско-американската новинарка Маша Гесен.

Неговата цел уште од почетокот на владеењето била обновување на Русија после падот на Советскиот Сојуз и економската криза. За брзо време напредувал, па во 2000 година станал вториот демократски избран претседател на Русија после Борис Елцин. Истата година, Џорџ Буш станал претседател на Америка и се обидел да воспостави блиски односи со новиот руски лидер.

„Можев да ја сфатам неговата душа, тој е човек длабоко посветен на неговата земја“, изјавил Буш за Путин, после нивната средба во 2001 година.

Но неколку години подоцна, администрацијата на Буш изразила загриженост поради состојбата на демократијата во Русија.

Причината за можното мешање на Путин во американските избори може да се најдат во фактот што уште во 2008 година Хилари Клинтон јавно го навредила Путин кога се кандидирала за претседател. Тогашната сенаторка Клинтон му рекла на Буш дека не може да ја разбере душата на Путин бидејќи рускиот претседател е поранешен агент на КГБ, што „по дефиниција значи дека тој нема душа“.

Потоа во 2011 година, кога Путин се борел за трет мандат, Хилари ги поддржала руските демонстранти на најголемите протести во Москва, после падот на Советскиот Сојуз.

Протестите биле организирани поради тоа што опозицијата тврдела дека одржаните парламентарни избори не биле фер, а Хилари се согласила со нив и изјавила дека изборите не биле слободни и дека рускиот народ има право да се слушне неговиот глас и да се пресметаат сите гласови. Путин тоа го сметал како директен напад врз него и ја обвинил Клинтон дека таа ги иницирала протестите.

„Таа им даде сигнал на некои јавни личности во нашата земја. Тие го слушнаа сигналот и започнаа со акцијата со помош на Стејт департментот“, изјавил Путин.

Поради омразата кон Хилари, Путин одлучил да го поддржи нејзиниот противник.

Поранешениот американски министер за одбрана, Роберт Гејтс вели дека тој е целосно убеден во тоа дека Русите се виновни за објавување на тајните на Демократската партија, кои довеле до пад на поддршката на Хилари Клинтон. Сепак, дури и Путин да не е виновен, тврдењето дека е, му оди во прилог.

Гледиштето според кое Русија ја надмудрува Америка придонесува за негова популарност, бидејќи лидерот на државата е еден од столбовите на руската идеологија. Но, тој сам цело време ги негира обвинувањата за хакирање.

„Сите знаеме колку хакери постојат денес и колку деликатно и прецизно. Тоа е тешко да се провери“, изјави тој во септември минатата година.

Експертите велат дека токму тој и ги наредил нападите, бидејќи се евтини, и ја искористиле слабоста на американската изборна инфраструктура и би било тешко да се обвини некој и да се докаже кој е виновен.

Без разлика дали Путин ги наредил нападите, на Трамп тоа не му пречело - тој дури и ја повикал Русија да пронајде и објави повеќе меилови.

И додека трае истрагата која ќе го потврди или негира мешањето на Путин во американските избори, како што моментално стојат работите, американскиот претседател не е толку силен колку што беа неговите претходници.

Трамп е на удар на критиките поради можни врски со Путин, ги уништил односите со сојузниците и создал нови непријатели. Иако е лидер на најмоќната држава во светот, како што многу луѓе ја гледаат Америка, тешко е да се каже дека Трамп е помоќен од Русија.