Какви кашички ни јадат најмладите?

Какви кашички ни јадат најмладите?

Подготвил: Н.Ф.



Двете афери за најдени неисправни детски кашички, кои за неполни шест месеци ја потресоа соседна Србија, речиси и да не оставија рамнодушен родител за тоа што се им даваме со оброкот на најмладите. Таму, како што јави српското Министерство за здравство, кон средината на ноември беше повлечена детска храна „Јувитана“ заради сомнеж поради штетни пестициди во количини кои не се законски дозволени. Неодамна, пак, беа повлечени оброци од друг производител, ХИП, поради недозволено количество арсен според прописите во оваа држава. И во двата случаи неисправната храна не се нашла на пазарот. Кај нас, пак, немаше од спорните серии.

Големи количини на пестициди или арсен се штетни за човековиот организам. Но, тие не се единствената можна закана за детскиот организам, зашто е долг патот од нивите каде што се произведуваат продуктите, до чиниите на дечињата. Како се испитуваат детските каши и што се проверуваме?

Посебен режим

Производството, увозот и ставањето во промет на храна за доенчиња и мали деца во Република Македонија подлежи на посебен режим на одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Овој тип производи, во поглед на составот и означувањето, мора да бидат во согласност со Правилникот за посебните барања за безбедност на храна за доенчиња на житна основа и Правилникот за посебните барања за безбедност на млечната храна за доенчиња – објаснуваат од Агенцијата.

Освен при увозот и во прометот, инспекциските служби на Агенцијата вршат контрола на безбедноста на оваа категорија производи и во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната.

Досега сите исправни

Со оваа мониторинг програма во 2016 година биле испитани 255 мостри од детска храна. Детската храна се контролирала по микробиолошките критериуми (проверка за бактерии), а се утврдувало и евентуално присуство на резидуи од пестициди и микотоксини.

- Сите резултати од извршените лабораториски испитувања покажаа дека детската храна е безбедна – велат од Агенцијата.

Минатата година во рамки на мониторинг програмата, кај земените мостри од храна за доенчиња и мали деца не се испитувале тешки метали, или арсен. Што ќе се испитува во текот на една година во рамки на мониторинг програмата, објаснуваат оттаму, се одлучува и според претходно направените анализи на Агенцијата и другите релевантни институции, како и врз основа на резултатите од реализираната ваква програма во претходните години.

- Мостри за лабораториско испитување на овој тип храна, се земаат и во рамки на официјалните контроли. Досега не се најдени вакви загадувачи на храната, и затоа во 2016 година не било вклучено испитување на тешки метали и арсен во овој тип храна наменета на доенчиња и мали деца - велат од Агенцијата.

Лабораториските испитувања се вршеле во Институт за јавно здравје, Факултет за ветеринарна медицина и Државна фитосанитарна лабораторија.

Од јуни минатата година, досега во Државна фитосанитарна лабораторија се испитале 89 примероци од кашички, донесени од инспекторите на Агенцијата. Се бира храна од сите производители. Така, во оваа лабораторија биле испитани 46 каши, 42 почетни формули, храна за бебиња и еден примерок смоки.

- Досега сите испитани примероци се во ред – вели проф.д-р Сузана Кратовалиева, директорка на оваа лабораторија.

На што да се внимава

Иако на секоја кашичка пишува од кога најрано може да се даде на дете, а тоа, велат педијатри е усогласено според светски прифатени стандарди, воведувањето на храна кај бебињата треба да се прави заедно со нивните педијатри. Кога станува збор за безбедност, родителите исто така треба да се внимателни.

Кога се избира детска кашичка вели доц.д-р Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести, прво треба да се внимава на рокот на траење. Потоа, како што пишува на повеќето од кашичките, капачето на тегличето треба да се отвори со звук.

- Треба да се провери и изгледот, а мирисот на кашичката треба да е пријатен – вели д-р Софијанова.