Дали таблетот ќе биде „бејбиситер“ или средство за дигитално описменување зависи од родителите

Дали таблетот ќе биде „бејбиситер“ или средство за дигитално описменување зависи од родителите

Според нашите најнови истражувања спроведени во јануари, во моментов околу 69 проценти од возрасното население на Македонија користи интернет, а околу 80 отсто од корисниците на интернет користат социјални мрежи. Достапноста на мобилен интернет внесе огромни промени во начинот на примање на вестите, ама и во начинот на живот - вели Филип Стојановски од фондацијата Метаморфозис.



Дали моето дете е подготвено за дигиталната ера? Што значи дигиталната писменост? Колку време треба да поминува на компјутер, за што да го користи интернетот? Ова се само дел од секојдневните дилеми со кои денеска се соочуваат родителите, а тие секако растат бидејќи може да се прочитаат безброј мислења на експертите за опасностите од компјутерите и дигиталниот свет, но и дека истите се неминовност без која не може да се замисли светот.

Едно е сигурно, децата мора да се добро подготвени за новите технологии, но родителите исто така треба да знаат дека само сурфање и играње игри не значи и дигитална писменост.

Ставот на фондацијата Метаморфозис, е дека освен техничките познавања, дигиталната писменост опфаќа и свест за тоа како новите технологии влијаат на индивидуалниот живот на граѓанинот, како може да ги унапредат или да ги загрозат неговите основни човекови права, а и да му овозможат директно учество во општествените процеси што влијаат на неговиот и на животот на неговата заедница.


- Со широката примена на новите технологии поимот дигитална писменост добива пошироко значење од само способност да се користи одреден вид софтвер. Според нашите најнови истражувања спроведени во јануари, во моментов околу 69 проценти од возрасното население на Македонија користи интернет, а околу 80 отсто од корисниците на интернет користат социјални мрежи. Достапноста на мобилен интернет внесе огромни промени во начинот на примање на вестите, ама и во начинот на живот. Поради ова голем дел од нас на сосем поинаков начин го користат времето во споредба со пред дваесетина години. Оваа нова околина во која се наоѓа голем дел од нашиот вид, иако е создадена од луѓе, не значи дека е усогласена со досегашните навики на сите луѓе. Затоа, како во претходните периоди на револуционерни промени, голем дел од луѓето мора да вложат напори за да се прилагодат. Тука е особено важен фактот дека човековите права и законите кои ги заштитуваат важат во сите средини каде што луѓето делуваат – и офлајн и онлајн. Во дигиталната сфера е особено важно луѓето да се свесни за своите права на приватност и слобода на изразување, оти новите технологии имаат потенцијал и да ги зајакнат, но и да ги загрозат -вели Филип Стојановски, програмски директор на Метаморфозис.

Дарко Булдиоски, основач на интернет маркетинг агенцијата NewMediaMk објаснува дека писменоста, генерално значи способност да се употребуваат (читаат и пишуваат) информации на свесен начин, а дигитална писменост ја додава технологијата како помошно средство во процесот на пронаоѓање и употреба на информациите.

- Ако некој знае да игра или сурфа се подразбира дека знае да ја користи технологијата, колку длабоко оди тоа знаење е друго прашање, но генерално може да посведочиме дека уште од најмали нозе децата и младите денес се изложени на новите технологии и брзо успеваат да им ја најдат употребната вредност - вели Булдиоски.

Денеска речиси и да нема домаќинство кое нема пристап до интернет, а тоа значи дека достапен е и за децата. Светот на децата и младите е поинаков за разлика од пред 20 или 30 години. Ги прашуваме Булдиоски и Стојановски што значи тоа? - Светот изгледа ослободен од оние стеги кои ние сме ги имале. Интернетот денес на младите им дава поголема можност да се поврзуваат и комуницираат со врсници или луѓе со слични интереси од целиот свет. Благодарение на него тие се во позиција да развијат некои нови вештини и добијат нови знаење кои претходно биле исклучително тешко достапни. Ослободувањето на локалните културолошки, општествени и економски стеги секако е позитивна работа. Денес веќе и во Македонија децата и младите се јутјуб ѕвезди, инстаграм селебритис и снепчет херои. Нивните идоли не се плод на масовните медиуми туку се т.н. social media influencers од целиот свет - вели Булдиоски.



Стојановски додава дека светот на децата и тинејџерите е збогатен со нови можности за кои претходните генерации можеа само да сонуваат или да читаат во научно фантастичните приказни.

- Веќе имаме индиции дека се создава нова детска субкултура која се темели на нивното споделено искуство на играње игри преку интернет и следење канали за игри на Јутјуб. Начинот на живот на денешните генерации деца е различен од претходните не само поради интернет, туку и поради низа промени во општеството кои влијаат на секојдневието. На пример, промената на времето на почеток и крај на работното време, наместо од 7 до 15 часот на 8 до 16 или 9 до 17 извршија коренити промени во семејниот живот. Почнувајќи од можностите за носење и земање на децата од градинка и училиште, кои меѓу другото ја одредуваат достапноста на слободно време - вели тој.

Какви опасности и ризици демнеат на интернет е секако прашање со кое се занимаат сите родители, посебно ако станува збор за тинејџери. Кај експертите се уште постои и дилемата од која возраст треба да им се дозволи пристап на интернет на децата.

- Интернет или дигиталниот простор е дел од нашата цивилизација, од нашето секојдневие и во него се прелеваат и добрите и лошите страни на човечкото поведение. Токму поради потребата за поголемо ширење знаења, која ја имаат не само децата, туку и оние кои се задолженни за нивната благосостојба – родителите, старателите и наставниците, Метаморфозис од 2007 година започна серија проекти насочени кон зголемување на нивната безбедност на интернет. Појдовната основа на овие активности е сфаќањето дека дигиталниот свет носи и придобивки и ризици, со кои може да се справиме преку образование. За таа цел постои и веб-сајтот њњњ.безбеднонаинтернет.орг.мк кој нуди низа едукативни содржини наменети за децата и возрасните, од упатства до филмови и компјутерски игри. Интернетот на развојот на различни деца може да влијае на различни начини, а за сега нема општоприфатен емпириски изведен заклучок за тоа која е најдобра возраст од која треба да им се дозволи пристап. Во било кој случај, првите чекори на интернет, аналогно на првите чекори на улица или во било која друга средина, треба да бидат направени под водство на родителите. Важно е родителите да изградат однос и со постарите деца и преку разговор или во тек на дружење, на пример заедничко играње игри и гледање видеа на Јутјуб, да бидат во тек со она што го прават нивните деца на интернет, како и да ги предвидат можните ризици и за нив отворено да разговараат со децата - објаснува Стојановски.

Дали децата стануваат општествено изолирани или поврзани кога користат интернет? Експертите се согласни дека целта на користењето на интернет е поврзувањето, а оттуѓувањето меѓу членовите на општеството или членови на семејството не зависи само од технологиите, туку и од нивните навики и лични приоритети во однос на тоа на што го трошат времето, кое би можеле да го трошат заедно.

- Особено на помала возраст, оваа појава многу зависи од одлуките на родителите и старателите.

Дали родителите користењето на медиумите како телевизијата или интернет („таблетот“) ќе го сфатат како „бејбиситер“ ставајќи ги децата пред екран со цел да имаат време да се занимаваат со нешто друго? Дали со детето ќе развијат однос на доверба во рамки на кој нема да му биде незгодно да им каже кога му се случува нешто непријатно, или пак ќе си доделат улога на казнувачи во случај детето да покажува несовршености? Дали родителите покажуваат искрен интерес за успесите кои нивното дете ги постигнува со новите технологии? На пример, за децата е успех ако освојат одреден број поени во некоја игра, или пронајдат видео што ќе ги насмее. Ако родителот гради однос во кој детето ќе може да ја сподели радоста од успесите, во рамки на тој однос ќе може да сподели и ако некој го малтретира преку интернет, или му нуди работи што му се непријатни или чудни. Технологиите имаат влијание, но не сами по себе, туку како дел од една околина во кои правилата на игра први ги поставуваат родителите и наставниците - дециден е Стојановски. (Подготви М.Ф)