Почина Чак Бери

Почина Чак Бери

Подготвил: Б.Б.


Музичарот Чак Бери
(Фото: AFP)

Американскиот гитарист и пејач, Чак Бери, еден од основачите на рокенролот, почина вчера во својата 90-та година, извести полицијата на областа Сент Чарлс во американската држава Мисури. Чарлс Едварс Андерсон Бери постариот е пронајден мртов во својот дом. Времето на настапување на смртта е 13:26 по локално време, објавила полицијата.

Чак Бери остави голем музички опус, од „Maybellene“ до „Roll Over Beethoven“ и „Johnny B. Goode“ кои извршија големо влијание на следните музички генерации. Беше автор на голем број рок класици, а во 50-тите, 60-тите и 70-тите компонираше десетици хитови, меѓу кои „Sweet Little Sixteen“, „School Days“ и „My Ding a Ling“.


Се прослави со „Maybellene“

Чак Бери, кој поради вештите и брзи движења со нозете го доби прекарот „луди нозе“, е роден на 18 ноември 1926 година во Сент Луис, Мисури. Џез гитара научи да свири во детството и оттогаш се занимава со ситен криминал. Во 1955 година ја снима својата прва песна „Maybellene“ која станува голем хит.

Потоа следувааат „Thirty Days“, „No money down“ и „Roll Over Beethoven“ (1956), а и помалку успешните: „School Days“ и „Rock and Roll Music“ во 1957, „Sweet Little Sixteen“, „Carol“ и „Johnny B. Goode“ во 1958, „Little Queenie“, „Memphis Tennessee“ и „Back in the USA“ во 1959 година.

Две години во затвор

Кон крајот на педесетите постигнува планетарен успех, а благодарение на едноставните и општи теми во своите песни – забава, љубов, автомобили, школо – станува јунак меѓу младите опседнати со рокот. Кариерата во 1961 година ќе му биде прекината поради двегодишниот престој во затвор заради поврзаност со проституција.

По излегувањето од затвор минува низ тежок период, иако неговите музички стандарди се прифатени од повеќе европски групи, како што се Битлси и Ролинг Стоунси. Боб Дилан го нарекуваше Бери „Шекспир на рокенролот“, а Џон Ленон еднаш изјави „ако сакате на рокенролот да му дадете друго име, тогаш можете да го наречете – Чак Бери“.

Новиот албум излегува годинава

На својот 90-ти роденден, тој ги изненади сите со најавата на својот нов албум, прв во последните 40 години. Албумот, скромно наречен „Чак“, е снимен во студијата во близината на Сент Луис и би требало да се појави годинава.

По веста за смртта на рок легендата, Брус Спрингстин кој го познаваше многу добро, на својот „Твитер“ објави: „Чак Бери беше најголемиот рокер, гитарист и најголемиот текстописец на најдобриот рокенрол кој некогаш живеел“.