Светските сили молчат: САД се виновни за трговскиот протекционизам

Светските сили молчат: САД се виновни за трговскиот протекционизам

Подготвил: Б.Б.


Илустрација: Симболот за долари во рака
(Фото: Thinkstock)

Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на економски најразвиените земји во светот, познати како Г20 (Група 20), по завршувањето на дводневниот состанок во гермаскиот град Баден-Баден издадоа соопштение во кое недостига силната порака од претходното, каде беше потенцирано дека сите земји ќе се спротивстават на секаква форма на протекционизам, вклучително и царините и правилата со кои домашните компании се штитат од странската конкуренција.

Американскиот министер за финансии, Стивен Мнучин, кој за првпат откако ја презеде должноста учествуваше на меѓународен состанок, изјави дека соопштението треба да ја одразува дебатата на самитот, со што се обиде да ја намали важноста на неговата формулација.

„Веруваме во слободна трговија. Ние сме еден од најголемите пазари и еден од најголемите трговски партнери во светот. Сепак, сакаме да преиспитаме одредени договори“, истакна тој, со забелешка дека трговските договори треба да обезбедат ситуација каде сите се чувствуваат како победници. Мнучин истакна дека американската администрација ќе ги преиспита односите кога САД купувале повеќе од што можеле да му продадат на својот партнер.

Кина и европските земји на состанокот се залагале за посилна афирмација на прекуграничната трговија без царини и препреки.

Канада имала поумерен пристап во преговорите, инсистирајќи на изразување поддршка за слободна трговија, но не земала поцврст став околу формулацијата на соопштението.

Германија, домаќинот на самитот на Г20, го изоставила ветувањето против протекционизмот во првите  нацрти на соопштението, со надеж дека нема да ги разлутат САД, и понудиле алтернативно решение во кое се нотира поддршка за слободна трговија. Но таков договор не бил постигнат, иако германскиот министер за финансии Шојбле, негирал дека функционерите не успеале да најдат заеднички јазик за соопштението.

„Потполно е јасно дека не сме за протекционизам. Но не беше јасно што некои подразбираат под тој термин“, изјави Шојбле.