Лајбах повторно „јава“: „Нашите песни, ваши соништа!“

Лајбах повторно „јава“: „Нашите песни, ваши соништа!“

Подготвил: Б.Б.


Постер од Лајбах
(Фото: Press)

Лајбах е авангарден, култен, контроверзен  индустриjал бенд од Словенија. Групата е формирана во 1980 година во Трбовље, кога група млади уметници покренуваат уметничко-музичко движење под името Лајбах, што е германското име за Љубљана.

Нивниот уметнички израз од самиот почеток бил насочен кон разобличување на апсурдноста  на ригидниот државен поредок и авторитарната општествена концепција. Затоа, заедно со  неколку истомисленици создаваат  ново естетско движење во форма на утопистичка имагинарна држава наречена NSK (Neue Slowenische Kunst), која има свои амбасади, пасоши па дури и поштенски марки. Во 1983 година добиват службена забрана за јавни настапи и користење на името Лајбах во границите на СФРЈ.

За феноменот Лајбах и нивната NSK, снимени се неколку документарни филмови.

Заради сценската употреба на униформи, но и тоталитарна естетика придружена со вагнеријански музички пристап, честопати биле обвинувани и за премногу леви, а истовремено и за премногу десни политички ставови. Испровоциран од ваквите напади, Милан Фрас, пејачот на групата, изјавил: „Ние сме точно онолку фашисти, колку што Хитлер беше сликар!“

 „Resistance is futile“ (Отпорот е залуден) е новото видео на групата Лајбах, реализирано на октомврискиот концерт во Љубљана заедно со Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија. Студиската верзија на оваа песна се наоѓа на актуелниот албум „Spectre“. Станува збор за 30-минутна суита инспирирана од мотиви од епот „Крст при Савици“ од најголемиот словенечки поет, Франце Прешерн, која зборува за покрстувањето на алпските Словенци во 8 век.

Аранжманите за оркестарот се резултат од соработката меѓу младиот словенечки композитор Анже Рожман и групата Лајбах.  Со истата таа фантастична програма под наслов „Нашите песни, ваши соништа“, на 9 мај e закажан концерт во загреpската концертна сала Лисински.

Атмосферата околу ова гостување на Лајбах во Хрватска, дополнително е „загреана“ и од премиерата на документарниот филм „Liberation day“ кој го следи нивното гостување во Северна Кореа во 2015.