Најмногу од новите доктори на науки професијата ја вршат во образовната дејност

Најмногу од новите доктори на науки професијата ја вршат во образовната дејност

Подготвил: В.Ф.

Во земјава лани докторирале и магистрирале повеќе жени и тоа во четвртата деценија од животот, додека поголем е бројот на мажи - специјалисти, од кои најмногу ја завршиле специјализацијата во одредена област до 29 години



Од сите доктори на науки кои лани докторирарле во Република Македонија, најголем број од нив својата професија ја вршат во образовната дејност, покажаа резултатите кои вчера ги објави Државниот завод за статистика. Но, намален е бројот и на доктори и на магистри на науки, во споредба со 2015 година. Во земјава лани докторирале и магистрирале повеќе жени и тоа во четвртата деценија од животот, додека поголем е бројот на мажи - специјалисти, од кои најмногу ја завршиле специјализацијата во одредена област до 29 години.

- Од вкупно 197 кандидати кои одбраниле докторка дисертација, 111 биле жени, односно 56,3 отсто. Најголем процент од докторираните лица се од областа на општествените науки, 36.5 отсто, а од нив (дури 32,5 отсто) делуваат во образовната дејност. Следуваат медицинските науки (19,3 отсто), хуманистичките науки (18,3 отсто), а останатите докторирале во областа на техничко-технолошките науки, природно-математичките науки и биотехничките науки.

За 19,9 отсто е помал бројот на доктори на науки во однос на 2015 година - велат од ДЗС.

Многу е поголем бројот на лица кои лани стекнале звање магистер на науки и специјалист - вкупно 2.021 лице. Од нив 1.881 (или 93,1 отсто) се магистри и 140 или (6,9 отсто) се специјалисти. Но и нивниот број во однос на 2015 година е намален за 17,2 отсто.

И кај магистрите процентот на жени е поголем - вкупно 58,9 отсто. Драстично отскокнува бројот на магистерски трудови од областа на општествените науки - дури 63,7 отсто, додека 20,9 отсто се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

Поединечно, по професии, најголем е бројот на доктори по економски науки - 31. Следни по бројност се фундаменталните медицински науки - 18 и лингвисти - 14. Во областите на електротехника и компјутерска техника и информатика има по четири доктори на науки.

На битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ магистрирале вкупно 179 студенти, а на скоипскиот „Св. Кирил и Методиј“ магистерката работа ја одбраниле 847 студенти. На штипскиот университет „Гоце Делчев“ магистрирале 72 студента, додека на Државниот универзитет во Тетово оваа бројка изнесува 116.