Народен правобранител: Би поддржале закон за целосна забрана на физичко казнување на децата

Народен правобранител: Би поддржале закон за целосна забрана на физичко казнување на децата

Народниот правобранител би поддржал закон за целосна забрана на физичко казнување на децата. Посебниот закон, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител, ќе биде спој на многу елементи нафрлени по повеќе закони. - Ние како институција би поддржале таков закон - вели Бајрамовска-Мустафа.



Народниот правобранител го следи проблемот со физичко насилство врз децата генерално, без разлика дали тоа се случува во семејството, во рамките на установите за згрижување или во училиштата каде што децата се воспитуваат и образуваат.

- Пред неколку години направивме пошироко истражување за согледување на состојбата со психичкото, физичкото и сексуалното насилство врз децата. Опфативме основни училишта и резултатите што ги добиме се поразителни. Одржавме тркалезна маса на која имаше претставници на Министерство за образование и од другите надлежни министерства и установи, каде што укажавме на слабостите во системот во поглед на заштитата на децата - вели нашата соговорничка.

За жал, објаснува таа, и во рамките на семејството и во воспитно-образовните установи се уште постои размислување дека удирањето на детето или на некој начин навредувањето на детето може да се алатка за определено лице да го наметне својот авторитет или да оддржи дисциплина.

- Тоа е навистина погрешно, особено ако се тргне од последиците кои може да настанат кај децата кои во континуитет се подложни на вакви омаловажувања, навредувања, или уште потешко, имаат физички последици. И статистиката и стручњаците се со став дека лицата кои се сторители на казниви дела од потежок вид најчесто во помладиот период биле жртви на определено насилство - вели Бајрамовска-Мустафа.

Народниот правобранител преку Одделение за заштита на правата на децата и лица со посебни потреби, покрај тоа што постапува по поднесени претставки граѓани, секоја година во континуитет има средби со децата во основните и во средните училишта. Со нив разговара за нивните сознанија, концепции по однос на правата, особено оние определени во Конвенцијата за правата на детето на ОН, чиј потписник е Република Македонија.

- Развиваме свест и на некој начин ги охрабруваме да ги пријават ваквите случаи.

Нашите сознанија со години потврдуваат неспорен факт дека деца или на некој начин се жртви на насилство па недоволно препознаваат дека е казниво и дека не треба да се премолчува. Тие не се чувствуваат охраберени да го пријават. Се потврдува она што беше потенцирано во нашето истражување, дека дури ако пријават определено насилство што им се случува во училишетето или установа скоро секогаш се казнети тие - вели Бајрамовска-Мустафа.

Таа објаснува дека и Законот за основно образование и Законот за средно образование го забранува физичкото и психичко малтретирање на детето, а предвидени се и глоби.

- На некој начин правно е покриено, но се уште во пракса имаме поразителни случаи каде што водиме постапки за утврдување на состојбата - додава Бајрамовска-Мустафа.

Инаку, за физичко казнување се смета секоја казна во која се користи физичка сила и е наменета за да предизвика одреден степен на болка или неудобност, колку и таа да е мала.

„Меѓаши“: Би подржале закон за целосна забрана на физичко казнување деца

Првата детска амбсада во светот „Меѓаши“ целосно би поддржала закон за целосна забрана на физичко казнување на децата. Правото на децата да бидат заштитени од физичко казнување е наведено во член 19 од Конвенцијата за правата на детето:. Според Комитетот на Обединетите нации за правата на детето секоја казна во која се користи физичка сила и со намера да предизвика одреден степен на болка или непријатност, без разлика колку и да е мала болката, претставува телесно казнување на дете.

Водејќи се од самите дефиниции за тоа што претставува телесно казнување на дете, сметаме дека на ваков начин законски би се заштитиле деца од било која форма на телесна злоупотреба. Докажано е дека телесното казнување нема никав ефект врз корегирањето на однесувањето кај децата. Воедно тоа може да предизвика трауми и нарушување на личниот интегритет на детето како и нарушување на неговиот психофизички развој. Тепањето не е мерка за дисциплинирање, тоа преставува злоупотреба на детето – велат од „Меѓаши“.

Законодавтсвото во Република Македонија предвидува казни за телесна повреда. Воедно се предвидуваат и казни и за запуштање и малтретирање на малолетно лице. Тоа значи дека доколку родител, посвоител, старател или друго лице грубо ја запостави својата должност за грижа и воспитување, ќе го запушти малолетното лице или ќе го малтретира, тој ќе се казни со затвор.

Анкетата на „Факултети“ покажа дека има загрижувачки процент на возрасни кои веруваат во поговорката: „Ќотекот од рајот излегол“, а тепањето го користат како воспитна метода, а тоа го покажуваат и истражувања правени во цел регион последните години. Литванскиот Парламент неодамна усвои целосна забрана за физичко казнување на децата, без ниту еден глас „против“ од пратениците во Долниот дом, со што стана 52. земја во светот, која донесе таков закон.